Бали Бег и Фахрије Евџен го очекуваат своето второ дете!

Добивај вести на Viber

Среќна вест од еден од најсреќните парови во Турција!

Турскиот шармер, Бурак Озчивит, и неговата сопруга, актерката Фахрије Евџен, го очекуваат своето второ дете. Убавата вест одекна во турските медиуми минатиот месец, откако во јавноста беше изнесена веста дека Фахрије е веќе во вториот месец од бременоста. На почетокот, турските ѕвезди не ја потврдија оваа вест откако таа беше објавена на Твитер.

Поминаа пет години откако среќниот актерски пар стапна на лудиот камен. Тие се запознаа на еден заеднички проект во 2013-та година, а нивното пријателство за многу кратко време прерасна во голема љубов која ја крунисаа со свадба во 2017-та. Своето време, без разлика на нивните професионални обврски, најмногу го поминуваат со својот прв син, Каран, кој се роди во 2019-та година. 

По убава вест за нивното второ заедничко дете, Бурак и Фахрије долго време не изјавија ништо во јавноста, се додека пред една недела група репортери не ги пресретна откако излегуваа од гинеколошката ординација во Бодрум. Тие конечно прозбореа и, на голема радост на нивните фанови, ја потврдија радосната вест.

„Туку што дознавме и сме неверојатно возбудени. Пресреќни сме! Сеуште не сме имале можност да му соопштиме на Каран.“, рече Бурак при влегување во својот автомобил. „Дали е момче или девојче не е воопшто важно. И јас и Фахрије сме веќе навикнати на непроспиени ноќи. Добро се  испраксиравме со Каран.“, додаде тој.

Славниот пар Озчивит-Евџен веќе го започна одбројувањето до раѓањето на нивното второ дете. Евџен е во 9-тата недела од бременоста. 

На нашата публика Бурак и добро познат уште од 2010-тата, но моментално е актуелен во улогата на Кемал во легендарната „Карасевда“. 

Во неа, Кемал е роден во семејство од средна класа и студира рударско инженерство. Тој се заљубува во Нихан, девојка од богато семејство. Класната разлика меѓу нив ја прави нивната љубов невозможна, но тие сепак се борат да останат заедно, се до денот кога Кемал ќе замине од Истанбул не знаејќи дека Нихан ќе биде принудена да се омажи за Емир Козчуоглу. По пет години, Кемал е на моќна позиција во компанијата на Емир и одлучува да се врати во Истанбул за да се соочи со своето минато.

Топла и тажна приказна за една силна љубов, незапирлива надеж и неисполнети соништа. „Карасевда“ можете да ја гледате секој работен ден во 21:35 на каналот Dizi.