Банки без филијали се банки на иднината
Во Европската унија лани бројот на банкарски филијали се намали на вкупно 189.270 или 9.100 помалку за само една година. Само за споредба во 2008 имало 237.700 филијали што значи дека за само една деценија бројот на филијали во ЕУ се намалил за над 47.000.
Над 20 милиони жители на Велика Британија месечно користат банкарска апликација. Преку своите мобилни уреди плаќаат сметки, вршат трансакции и менуваат пари без да стапнат во некоја банкарска филијала. Всушност тоа го прават додека седат во омиленото кафуле, во парк или пак додека користат јавен превоз. Истите тие до пред некоја година морале да стојат во ред во банките, а сега банките се во нивниот телефон.
Финансиските институции го препознаваат овој тренд и го менуваат својот лик и пристапот кон клиентите. Ако до пред две децении банките беа во трка да отворат филијала во секој град и во секоја населба, во денешно време се случува спротивното- огромен број на банкарски филијали се затвораат, а банките се ориентираат кон дигиталното банкарство.
Во САД за само 12 месеци биле затворени 1.700 филијали. Во Европската унија лани бројот на банкарски филијали се намали на вкупно 189.270 или 9.100 помалку за само една година. Само за споредба во 2008 имало 237.700 филијали што значи дека за само една деценија бројот на филијали во ЕУ се намалил за над 47.000.
Европската банкарска федерација пресметала дека во 2008 во банкарскиот сектор работеле 3.26 милиони луѓе додека пак лани овој број паднал на 2.8 милиони вработени. Во превод, за помалку од една деценија во ЕУ имало безмалку 500.000 вработени помалку во банкарските филијали. Но, што значат овие намалувања на филијали и на вработени за искуството на клиентите. Дали помалку вработени и помалку филијали значи полоша услуга и помалку клиенти? Напротив. Стратегијата за дигитално банкарство покажува дека помалку банкарски филијали и помалку вработени значи токму спротивното- подобра и побрза услуга и можност за опслужување на повеќе клиенти.
Дека банките се менуваат еднакво брзо како и потребите на клиентите потврдува и примерот со кинеската ЦЦБ банка ( Chinese Construction Bank) која лансираше целосно автоматизирана филијала без ниту еден вработен.
Во филијалата се користат најсовремени роботи, софтвер за препознавање на лик, виртуелна реалност и други напредни технологии. Ако влезете во оваа банка ќе ве пречека пријателски настроен робот кој препознава говор и може да одговори на вашите дилеми и прашања.
Понатаму на еден од многуте автомати може да отворите сметка, да префрлите пари или да смените девизи и да отворите штедна книшка.
Банката може да заврши многу побргу и поефикасно дури до 90% од услугите кои се нудат во традиционалните банки. За клиентите кои имаат потреба од финансиски совет има канцеларија каде лично или преку видео линк може во реално време да ја добие саканата услуга.
Оваа банка го покажа патот како ќе изгледаат финансиските институции на иднината со иновативни услуги базирани на современа технологија.
Модерното банкарство е брзо и ефикасно, а клиентот лесно може да научи како се користи и сам да биде свој банкар.