Бевме сиромашни, ама среќни- кога добив наследство, планираше да ме ограби и да се разведе
Таксито пристигна додека зборував на мобилен со една пријателка која ми го раскажуваше патешествието низ нашите болници. Прекинав за кратко, за да го кажам пристојното – добар ден и адресата до каде што треба да ме однесе и го продолжив телефонскиот разговор. Додека пријателката ми раскажуваше за здравствениот проблем за кој морала да направи испитувања во приватни институции, ја прекинав со констатацијата: „За жал условите се такви: имаш пари, имаш здравје. Убаво е човек кога тоа може да си го дозволи“. Набрзо го завршив разговорот со неа.
- „Госпоѓо, извинете што се мешам, но, не се согласувам со тоа што го кажавте.“ – ми вели таксистот и продолжува да го брани својот став„ - Само што добив големо наследство, мајка ми се разболе. Не можеше да ужива во поубавиот живот кој го заслужи. Доби мозочен удар и сега е неподвижна.“
Мојата емпатијата ја достигна најголемата амплитуда и од неа произлегоа многу прашања: каде е сега мајка му, во каква состојба е, колку е возрасна, има ли надеж за опоравување според лекарите? Додека зборуваше го препознав. Тоа беше момчето што пред неколку години додека се возевме со радост ми ја покажа трошната куќа со голем двор каде што живее. Ми рече дека ќе ја срушат и ќе изградат згради.
- Колку станови доби во наследство? - го прашав.
- 12 стана. Живеам во еден, а другите станови ги издавам. – ми одговори.
- Значи имаш пари, сега ти треба само желба на мајка ти да ѝ ги обезбедиш сите услови за лекување и да стане на нозе.
- Да, тоа и го правам. Не жалам пари, сега е многу подобра. Ја сместив во приватна установа, ги плаќам најдобрите доктори да ја лекуваат. Едвај чекам да си дојде дома.
Настана неколкуминутен молк.
- Но, поради парите се случи и нешто друго - продолжи таксистот.
Признавам, мојата професија разви особина која не ми беше својствена: љубопитност за туѓите животи. Од неа произлегоа многу приказни кои јавно ги објавив.
- Што се случи, може ли да ми раскажеш? – му реков.
- Бев во брак 17 години. Бевме сиромашни, но среќни. Немавме некои недоразбирања со сопругата. Ситни караници. Но, сѐ се промени кога ги добив становите. Еден ден, додека таа беше во бањата, мобилниот го остави на масата во дневната соба. Мајка ѝ ѝ ѕвонеше неколку пати. На крај ѝ испрати порака. Никогаш не го контролирав нејзиниот телефон. Но, си реков да не се случило нешто, да не ѝ треба помош и го земав за да ја прочитам пораката: „Зборував со адвокатот, сѐ е средено. Итно јави ми се.“ Пораката ме заинтересира. Тоа беше тема за која не бев информиран. Решив да ги прегледам и другите нивни пораки. Не можев да поверувам што читам. Мајката и ќерката направиле план како да ми земе половина од наследството, односно шест стана и да се разведе - таксистот за миг прекина, подголтна, а потоа продолжи да раскажува.
- Едвај успеав да станам, излегов надвор и се јавив на мојот адвокат кој го ангажирав околу наследството. Му реков сиот имот да го префрли на мајка ми. Потоа се разведовме. Сега таа живее во трошна куќа кај мајка ѝ. Не знам ни дали нешто работи. Се грижам само за децата и за нивните потреби. Не жалам пари за нив - заврши таксистот.
Веќе се приближувавме кон местото каде што требаше да стигнам.
- Навистина ми е жал, немам зборови. Посакувам од срце мајка ти да оздрави. Би сакал ли да ми ја раскажеш оваа приказна за zenskimagazin.mk ? – му реков.
- Не, но можете вие да ја раскажете во мое име. И дополнете дека без разлика колку примања имам, секогаш ќе бидам таксист. Ова е професија која многу ја сакам и ме исполнува - го заврши разговорот и си замина во непознат правец. Кон следниот повик на дежурната диспечерка.
Оваа модерна верзија на „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле ме натера повторно да навлезам во размислувања за парите, здравјето, љубовта, бракот...
Но, нема да ви ги наметнувам, ниту да мудрувам. Оставам секој од вас да си извлече поука!
Соња Алексоска Неделковска