„Би сакал да свирам во Северна Кореја и на Гренланд, но да сме здрави и живи“: Симон Трпчески пред концертот во Скопје

Добивај вести на Viber

Македонскиот пијанист Симон Трпчески оваа година ќе ја заокружи со новогодишен концерт по светски стандарди на кој ќе го спои класичното со комерцијалното.

Вели дека овој концерт за него е исполнување на една желба која одамна ја посакувал, а сега истата ќе може да ја реализира на 20-ти декември во салата „Борис Трајковски“.

Ретко настапува во арени, последен пат настапил во арена каде македонската кошаркарска репрезентација ја победи Литванија и влезе во историјата. Трпчески вели дека овој концерт го гледа како предизвик, затоа што ова е прв негов концерт предновогодишен воопшто во Македонија.

„Имав огромна желба да направам нешто вакво и што се однесува до програмата на 20 декември ќе направиме нешто што ќе биде убаво за публиката“, рече Трпчески на денешната дружба со новинарите.

Новогодишниот концерт ќе биде поделен во два дела. Во првиот дел ќе преовладуваат класичните дела, додека во вториот популарните поп новогодишни композиции.

„Првиот дел од новогодишниот концерт ќе биде посветен на еден генијален композитор Петар Илиќ Чајковски кој направи една композиција која ги надминува и сите тие новогодишни традиции. Ќе изведеме една свита, избор од самиот балет, но во малку поинаква верзија која поретко, би рекол многу ретко се изведува во таков формат. Имено станува збор за четирирачно изведувања на композициите на пијано и на „Оревокршачката“. На сцената тука ќе ми се приклучи мојот поранешен студент и одличен пијанист кој одлично и активно продолжува да делува во образовната дејност, Шкељзен Бафтијари. Во оваа изведба која ќе биде облагородена за нејзиното дејствување и траење ќе бидеме поддржани од балетот на Македонската опера и балет, на чело со Кире Павлов. Првенците на балетот Марија Кичевска и Бобан Ковачевски и дел од балетскиот ансамбл“, изјави македонскиот пијанист.

По паузата од првиот дел, во вториот дел како што истакна Трпчески акцентот ќе биде ставен на македонските музичари кои ќе имаат можност да се претстават на врвно уметничко ниво во претставување на новогодишна програма.

„Одредени класици од класичниот репертоар, дела на Моцарт, Верди, Штраус ќе бидат изведени од една палета на музичари како моите пријатели од ансамблот „Македонисимо“. Ќе бидат изведени и оние други покомерцијални класици кои се актуелни пред новата година. Одреден избор од постарата генерација како Дин Мартин, Френк Синатра, до помладите генерации како Мараја Кери и Мајкл Бубле, но во поинакво руво, со адаптации направени од македонскиот композитор Павел Шахов“, вели Трпчески.

На сцената на 20-ти декември како гости ќе се појават и оперските пејачи и уметници, сопранот Гонца Богоромова Краповска и баритонот Иван Наумовски, а исто така за публиката на ова уникатно уживање ќе има и изненадување.

Концерт во Македонија со ваква содржина му била дамнешна желба на пијанистот.

„Мило ми што со овој концерт со поврзување на класичната музика и на овие поп полесни класици да ја доближиме уште повеќе публиката, но и она што за сите нас е најважно, децата и иднината на општеството. Што се однесува до ваков концерт, секако е предизвик. Јас сум навикнат да свирам во концертни сали, на отворени простори. Не е лесно со Прагма продукција ќе се погрижиме сето тоа да изгледа како што треба за аудиовизуелна перцепција на публиката биде позитивна“, вели Симон.

Во овој период неговата музичка агенда е навистина набиена. Со концерти кои ги одржа во Будимпешта, турнеја Германија и Швајцарија, 80 – години Македонска филхармонија, во Солун, а веќе за оваа недела има најавено уште два нови. Во четврток ќе има концерт во Ливерпул, а во петок во Загреб. И покрај големите ангажмани, сепак останува со позитивен дух и што е најважно мотивиран.

„Ме мотивира интензитетот, чувството коешто го добивам од самата музика, ме мотивира кога ќе видам среќни луѓе во публика, ме мотивира кога гледам дека разменувањето на позитивна енергија е на најубав човечки безрезервен начин заедно со музичарите на сцена. Луѓето коишто ме познаваат, не само дома туку и со оние кои работам јас сум многу позитивен човек и сакам да се случуваат убави нешта и имам големи иницијативи. Секогаш не се предавам лесно, татко ми секогаш ме учеше дека животот е борба. Дури и некој да има таква затскриена форма на иницијатива од разноразни причини и да не може да ја искаже го мотивирам тоа да го направи, за сам човек да се осознае. Мислам дека од тој аспект треба сите да си помагаме“, вели пијанистот.

Дури и Симон Трпчески кој скоро го обиколи цели свет има неостварени желби каде би сакал да свири.

„Ќе ви кажам каде би сакал да свирам. Би сакал да свирам во Северна Кореја, на Гренланд ако успеам, Јужно Африканската Република каде што сум стапнал. Но тоа се лични желби, убаво е човек да го мотивираат, сите си имаме одредени соништа. Но тоа не значи дека немам други желби од одреден репертоар кој би сакал допрва да го научам и да го отсвирам. Од светските сали да бидам искрен само салата Санта Сисилија во Рим ми останала од попрестижните каде што не сум настапил, во грото од другите концертни сали секаде низ светот сум бил. Но да сме здрави и живи, ќе има можности“, рече на самиот крај Трпчески.

Билетите за концертот во организација на Прагма продукција веќе се пуштени во продажба и како што рече организаторот одлично се продаваат.

Картите за концертот се веќе пуштени во продажба, а истите може да ги купите преку продажната мрежа на www.kupikarta.com Розе Веро 2 и ЈК травел во Бисер. Линк за карти - https://www.kupikarta.com/event-details.nspx?eventid=5619

Габриела Додевска Глигоровска