Биби – прв македонски бренд избран меѓу 20 -те најдобри анимирани цртани за претшколска возраст на фестивал во Франција

Добивај вести на Viber

На престижната манифестација „Картун форум“ која од 16 до 19 септември ќе се одржи во францускиот град Тулуз ќе има презентација и на овој македонски бренд, кој е избран како еден од најдобрите 20 за претшколска возраст

Светот конечно ќе може да ја запознае детската хероина Биби, нејзиниот најдобар другар Боби, миленичето Зази како и останатите анимирани ликови од  проектот „Светот на Биби“.

На престижната манифестација „Картун форум“ која од 16 до 19 септември ќе се одржи во францускиот град Тулуз ќе има презентација и на овој македонски бренд, кој е избран како еден од најдобрите 20 за претшколска возраст.

„Картун форум“ е создаден во 1990 година и единствен настан кој се фокусира на сесии со претходно избрани телевизиски проекти и е одлична можност за продуцентите и аниматорите да најдат прекугранични партнери и да ги забрзаат финансиските инвестиции.

На годинешното издание ќе бидат презентирани  околу 80 проекти во различни категории. „Светот на Биби“ е во категоријата за претшколска возраст, заедно со 19 други анимирани проекти. Секој од нив ќе биде презентиран 30 минути пред сите потенцијални партнери.

- Подготвени сме да ја презентираме Биби, детската хероина која веќе ги освои срцата на децата од Македонија. Биби е бренд кој е создаван многу внимателно, ги учи децата на убави навики и постојано испраќа едукативни пораки. Сакаме светот да ја запознае Биби, тоа ни е главната цел. Секако дека е важно да привлечеме и инвеститори, да ја емитуваме и надвор од границите на Македонија. Ние немаме друг наш цртан, па се надеваме дека и ние како држава ќе имаме во иднина со што да се пофалиме на ова поле – вели Жарко Стојаноски, проект координатор.

Инаку, од 1990 година повеќе од 764 проекти се презентирани на „Картун форум“, а со вкупен буџет од 2,6 милијарди евра, си го обезбедиле своето финансирање и сега се во фаза на продукција или веќе се емитуваат низ целиот свет.

Во просек, еден од три презентирани проекти обезбедува финансии и влез во продукција.

Речиси сите Европски радиодифузери и големи медиумски инвестициски групи секоја година присуствуваат на Форумот за цртани филмови, за да добијат увид во најновите анимациски ТВ проекти и да ги изберат идните хитови.