Бидете љубов, бидете сила и насмеана енергија бидејќи само така ќе го прескокнеме секое искушение во животот: Празнично со Сања Ристиќ

Добивај вести на Viber

Деновите пред Нова година и пред Божиќ се најпразнични денови во годината, особено за најмалите, иако и ние возрасните им се радуваме, сепак завршува една година која секако оставила белег кај нас, а пред се‘ поради очекувањето на новата непозната но надежна 2023 година.

Дека деновите пред новогодишните празници се дефинитивно најубавиот дел од годината вели и маркетинг специјалистот и инфлуенсерката, Сања Ристиќ, која на јавноста најмногу ѝ е позната по детската песничка „Ех тој Тоше“, која таа ја отпеа на детскиот фестивал „Златно славејче“ пред 30-тина години. 

 - Дефинитивно за нас најубавиот дел од годината. Години наназад откако се родени Иан и Део сакаме да си ги поминуваме празниците семејно дома, да ни е убаво, накитено, весело и следното утро да трчаат накај елката да видат што оставил Дедо Мраз додека спиеле. Се‘ уште пишуваме писма до Дедо Мраз, се набројуваат желбите и се‘ уште им е превозбудлив овој момент, го зборуваат со месеци.

За украсувањето на домот Ристиќ вели дека декорираат апсолутно сами, за нив тоа е семеен радосен и посебен момент, на кој особено се радуваат нејзините две дечиња Иан и Део.

Моето семејство е моето гнездо на топлина, радост, на детски спокој

- Украсуваме, слушаме празнична музика, читаме новогодишни приказни..., вели Сања која повеќе од 2 децении работи како маркетинг специјалист, а поактивна е и на Инстаграм и дополнително има приватен бизнис, па како жена, бизнис дама, мајка и сопруга со голем број на обврски ја прашавме како успева да си го организира денот:

- Морам да признаам не е лесно. Влијанието на социјалните мрежи е пропратно “неповикано“ хоби во мојов случај. Јас сум специјалист по маркетинг и тоа го работам веќе 20 години. Воедно, имаме и семеен бизнис во кој сум активно вклучена како и во сите пропратни проекти кои ги работам, меѓу кои и хуманитарните. Помош искрено немам, сама се справувам со обврските и не знам како успевам... Често се преморувам но едноставно тоа е мојот карактер, мојата личност. Водата стои јас не стојам и убаво ми е да го грабам животот со полна пареа. Првата половина од денот кога е Иан на училиште, а Део во градинка гледам да ги завршам најголемиот дел од работните обврски бидејќи штом ги земам сум посветена целосно на нив. Тие ми се најголемата, најсаканата и најисполнителната “обврска“. 

Сања е во брак со ракометарот Дејан Пецаковски, па го начнавме и прашањето: кој е повеќе попустлив кон децата?  Кој од синовите е по поврзан со неа, а кој со сопругот?

„Во родителството учествуваме заедно и со договор. Свесно разговараме што е во ред и што не е, имаме семејни правила кои се почитуваат и ниеден родител не отстапува од истите. Тоа е некако најдобриот шаблон и родителите да имаат разбирање, а и децата да се научат дека секаде има ред, правила и начин на функционирање. Део е прилично понежен и повеќе наклонет кон мене, веројатно дека е помал. Иан е комплетно во спортски филм, тренира активно фудбал и иако пробувам да му се вклопам во активностите, сепак Дејан како спортист му е поинтересен.

Сепак, да не звучам премногу феминистички, мислам дека во животот на дечињата мајката си ја има клучната улога и дека тие и без да намеруваме се природно наклонети и поврзани со мама. 

* По што ќе ја паметите 2022, а што си посакувате за Новата 2023 година? Која е вашата желба во новата година?

- Во 2022 си поставив за цел да пробам да си дадам малку време и на себе, бидејќи изминативе години откако имам деца искрено се заборавив дека постојам. Целта ми беше дека преку истото ќе соберам повеќе енергија за да можам подобро да се справам со секојдневието и до некаде успеав. Втората цел ми беше повеќе да се вклопам кон помагање на другите, во хуманитарни акции, во подигнување на свесност за емпатија, во проекти кои ќе помогнат малку од малку да се издигнеме погоре од нивото на кое што сме - да бидеме луѓе, да си пружиме рака, да дадеме и примиме љубов, да имаме емпатија и разбирање кон другите, некако се ова како да сме го подзаборавиле да воопшто постои. Во 2023 пред се‘ сакам да не‘ служи добро здравје и да можеме сите колективно да поработиме на горенаброеното. 

* Првата недела од Новата година се слави и еден од најголемите христијански празници Раѓањето на Исус Христос. А постарите велат „кај и да си за Божиќ дома да си“. Имате ли некоја традиција која ја практикувате за овој празник? Некои обичаи или рецепти кои сте ги наследиле од вашата мајка, баба...?

- За Божиќ сме дома повторно, семејно, со убава трпеза, убава енергија. Многу сакам да поминувам време со моето семејство. Едноставно тоа ми е гнездо на топлина, радост, на детски спокој.

Иан и Део ми се најголемата, најсаканата и најисполнителната “обврска“


* Ваш омилен спомен од Божиќ или од Новогодишната ноќ?

- Сите празници поминати од моето детство. Кај нас дома секогаш имаше убава, празнична атмосфера, со многу топлина и љубов. Секогаш имаше подароци и пакетчиња на кои премногу им се радував. Моите родители и ден денес се полни со семејна топлина, грижа и посветеност, не само за празниците туку постојано. Од нив научив колку значи и колку е важно за нашиот живот да сме посветени, позитивни и свесни родители полни со љубов. Од срце сум им благодарна!


* Без кого не би сте се замислиле во наредната година?

- Пред се‘ без семејството, мислам дека доволно опишав колку ми значат и каков дел исполнуваат од мојот живот, потоа без моите најблиски и најсакани другарки кои ги имам преку 20 години и кои низ секој чекор се тука до мене да ми подадат рака ако се лизнам. На сите нив како и на сите ваши читатели, а и вам како редакција ви посакувам среќни празници, бидете љубов, бидете сила, бидете топка убава и насмеана енергија бидејќи само така ќе го прескокнеме секое не толку драго искуство и искушение во животот.


Наталија Миланова

Фото: Приватна архива