Бобан Мирковски, најмладиот потомок на Благој Петров - Караѓуле – со црно белите типки ги спои луѓето од светот
Ако планирате да се занимавате со музика, тоа работете го со љубов и со полно срце. Тоа е девизата на еден од најпознатите македонски пијанисти Бобан Мирковски, кој со магичната сила на црно белите типки, успеа да ги спои луѓето од разни страни на светот. Реализирал стотици успешни настапи и освоил многу награди. Тој е син на докажаниот музичар, композитор и диригент Љупчо Мирковски и најмладиот потомок на музичката лоза на Благој Петров – Караѓуле. Музичките гени во него „проработеле“ кога имал пет години.
- Да се биде еден од наследниците на најголемото музичко семејство на Балканот претставува голема привилегија, но и голема одговорност да се продолжи по истите стапки. Уште од мали нозе, слушајќи го мојот татко Љупчо Мирковски ми се роди љубовта кон музиката, а со пијаното имав посебна конекција и уште од 5 годишна возраст си зададов цел да бидам професионален концертен пијанист. Се запишав во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј”, каде го завршив основното и средното образование во класата на проф.Даница Стојанова, а факултетот го завршив во класата на Симон Трпчески. Постдипломските студии ги завршив на ФМУ Скопје во класата на проф. Александар Сердар.– вели Мирковски, кој по многу успешни настапи и концерти, во 2021 година го промовираше првиот соло албум “Facing the sun” во издание на Баги комуникации, каде се најдоа композиции на Ф. Шопен и А. Хачатурјан.
- Тоа беше мојата „лична карта” како класичен пијанист. Потоа следуваа неколку важни настапи. Би ги издвоил настапите со нашата оперска дива Весна Гиновска – Илкова на концертот по повод 30 годишнината од независноста на државата и концертот во големата сала на Филхармонија во 2022 година. Исто така и настапот со грчките музичари Танос Ставридис и Стела Темпрели во Кавала, Грција, што беше прва соработка на македонски и грчки музичари-открива тој.
Иако е класичен пијанист, растел со македонската забавна музика, која се издвојува како посебен, автентичен музички жанр. Токму поради тоа, сакал да направи нешто ново на нашата сцена – преработка на дел од многуте хитови од 60-те години па сѐ до раните 2000-ти, во инструментална верзија за соло пијано.
- Така настана мојот најнов „Албум“, кој се појави минатиот месец. „Албум“ не е само музички поим, тој претставува и албум на сеќавања, албум со слики, и оттаму доаѓа и името на новото ЦД. На тој албум се најдоа 12 композиции во нови аранжмани за соло пијано, од кои дел се мои, а дел на мојот татко Љупчо и на мојот тетин Дамир Имери, кој воедно е и музички продуцент на албумот. Неизмерно сум им благодарен, како и на авторите на композициите кои го дадоа својот потпис за да ми одобрат нивна преработка. Концертната промоција на овој албум ќе се одржи утре во малата сала на Филхармонија, во рамките на Скопски градски фестивал, кој се одржува по 4-ти пат. На тој концерт ќе ги изведам композициите од албумот, а специјални гости ќе бидат и две прекрасни дами, Агни Авшар и Ања Митиќ, кои ќе отпеат по две песни за дополнително да ја збогатат програмата– открива пијанистот.
С.А.Н