„Бубрег и бременост“ од проф. д-р Билјана Герасимовска – нова книга за специјалистичко следење на бремените пациентки

Добивај вести на Viber

Стручната книга „Бубрег и бременост“ од проф. д-р Билјана Герасимовска ќе биде промовирана на 24 октомври (четврток), со почеток во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Катица Зафировска и проф. д-р Ѓулшен Селим.

Книгата, која е во издание на „Арс Ламина“, се осврнува на дилемите при следење на бремените пациентки со хипертензија или со бубрежни заболувања. Станува збор за прва публикација на оваа тема на македонски јазик.

Оваа книга содржи повеќе практични упатства кои се однесуваат на следење и третман кај жени кај кои бубрегот првпат е засегнат во текот на бременоста, како и кај жени кои веќе имаат бубрежно заболување. Затоа, ќе биде од корист за нефролози, гинеколози и интернисти, а можеби и за општи лекари кои водат бремени пациентки. Книгата се препорачува и за специјализантите, за време на нивното учење и практичната работа,  како и на студентите на Медицинскиот факултет, доколку сакаат да научат повеќе и ако размислуваат за специјализација во сродни области. Бидејќи публикацијата содржи конкретно упатство за водењето одредена болест во текот на бременоста, можна е директна примена во работата на лекарите од сите споменати специјалности.

Секое поглавје на книгата почнува со презентација на случај со кој се сретналa авторката во реалната клиничка практика. Книгата почнува со она што се очекува во нормална бременост, во врска со физиолошките промени на бубрегот, и очекуваните лабораториски резултати во бременоста. Нормалните лабораториски наоди се многу изменети во споредба кога нема бременост, и тоа често создава забуна кај пациентките и кај лекарите.

Во книгата е застапено и поглавје за очекуваните наоди на бубрегот при одредени дијагностички постапки. Вклучена е и опсежна табела со лекови кои се дозволени или не во текот на бременоста. Во натамошните делови на книгата се опфатени патолошки состојби поврзани со бременоста и бубрегот, како што се акутно бубрежно оштетување и хронична бубрежна болест, системски болести, висок крвен притисок, уринарни инфекции. Вклучени се и дијабетичната бубрежна болест, гломерулонефритиси и неколку други вродени бубрежни заболувања со специфики за бременоста. Покрај приказот на случај и краткото дефинирање на состојбите, за секоја опишана состојба се вклучени табели или алгоритми, засновани на клинички упатства, за водење на состојбата. За поважните клинички состојби е вклучен и приказ на исходот од бременостите.

Билјана Герасимовска е родена во Скопје, во 1969 година. Медицинскиот факултет го завршува во 1994 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Вработена е на ЈЗУ Клиника за нефрологија од 1998 година. Во 1999 година е добитничка на признанието „Жена на годината“ издадено од Американската биографска асоцијација за нејзиниот ангажман за подобрување на женското здравје. Завршила специјализација по интерна медицина, супспецијализација по нефрологија, како и специјализација по семејна медицина. Магистерската и докторската теза успешно ги одбранила во областа на хипертензија во бременост. Претседател е на Македонската асоцијација за хипертензија. Од 2007 до 2012 година била национален соработник на Светската здравствена организација за областа родови односи и здравје. Автор е на книгата „Integrated prognostic model and prediction of risk for preeclampsia“ издадена од германската издавачка куќа „Scholar's Press“. Коавтор  е на книгата „Методологија на научноистражувачка работа“, како и неколку книги од областа на интерната медицина. Била активно вклучена во изработка на повеќе научноистражувачки проекти. Особен интерес посветува на научни истражувања во областа на хипертензијата и хипертензијата во гравидитет. Од 2022 година е редовен професор на Медицинскиот факултет во областите интерна медицина и нефрологија.

Книгата веќе е достапна во поголемите книжарници и онлајн на www.literatura.mk.