Родовата пристрасност им штети на нашите млади и на целото општество - да се ослободиме од стереотипите
Иако навидум живееме во модерен и отворен свет, родовите стереотипи сè уште влијаат врз животите на младите луѓе, продолжуваат да го ограничуваат нивниот потенцијал и да го искривуваат нивното чувство за идентитет. Овие штетни идеи за родовите улоги не само што го ограничуваат личниот раст, туку создаваат и бариери кои ги спречуваат младите целосно да се вклучат во образованието, во слободниот избор на кариера и социјален живот.
Кога младите момчиња се учат дека покажувањето емоции е знак на слабост, или кога на младите девојки им се кажува дека не им одговараат лидерски улоги, овие пораки стануваат вкоренети верувања коишто ја поткопуваат самодовербата и амбициите на една цела генерација. А она што им е потребно на младите за да се развиваат здраво е поттик на нивната креативност и индивидуалност.
Но, стереотипите не запираат само на лично ниво - тие имаат многу поширок ефект врз целото наше општество. Кога на децата и тинејџерите им се ускратува можноста да се изразат слободно, веројатноста е мала тие да станат иновативни и проактивни граѓани, со што се ослабува структурата на нашите заедници и ги поткопува демократските вредности.
Затоа, прекинувањето на овие циклуси на родова нееднаквост и штетни стереотипи е клучно за градење фер, инклузивно општество.
Со цел да направи уште еден чекор кон справување со овој растечки предизвик, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија, неодамна ја започна националната кампања „Во ист ритам“. Ова е иницијатива за подигање на јавната свест чија цел е да ги предизвика родовите стереотипи и да промовира еднаквост меѓу младите.
„Преку оваа кампања сакаме да покажеме дека момчињата и девојчињата не се дефинирани со стереотипите за родовите улоги, напротив, тие се еднакви во секоја сфера од животот, способни рамо до рамо да ги остварат своите соништа и цели. Целта е да ги инспирираме младите луѓе да се ослободат од ограничувачките стереотипи и да препознаат дека имаат моќ да формираат поинклузивно и поправедно општество. Заедно можеме да продолжиме напред, во ист ритам, кон иднина каде што сечии потенцијали се вреднуваат подеднакво, бидејќи еднаквоста не е привилегија за неколкумина, туку право на сите“, велат од ХЕРА.
Од организацијата посебно ја нагласуваат важноста од препознавањето на индивидуалната посебност во обединувањето и заедничката потрага по еднаквост, како што гласи и нивната порака „Во ист ритам, различни, но со иста цел - еднаквост за сите!“
„Се надеваме дека пораките од кампањата ќе ги предизвикаат нашите сограѓани да размислат за предрасудите и верувањата за родовите улоги, што ќе поттикне конструктивни разговори во домовите, училиштата и заедниците, инспирирајќи поинклузивно општество за идните генерации“, додаваат од ХЕРА.
ПР објава