Да живеам, или не?! Прашање е сега...

Добивај вести на Viber

Целта е постигната. Почнаа луѓето да ги откажуваат својте резервирани патувања. Почнаа повторо да трчаат од работа право дома, за да видат што ново се случило во светот и дали ќе се вклучи Турција, Иран, Индија…. Зависноста и потребата од сензационалистички и траорни вести, веќе е дрога од која човештвото тешко дека веќе може да се ослободи.

Повторно почна да се тресе и онако кревкото и прилично десеткувано човечко тело. И дух. И срце! И мозок!

Иако веќе не сум сигурна колку имаме мозок.

Чорба ни го сторија. Малку по малку. Врие овој чорбест казан. Те не најјако, те на тивко. Но, никако да се исклучи. Крчка цело време, за што “попифтијаст да стане“. 

Овој чобест казан, полн со сите видови мирудии.

На глава ни се качија веќе со тие атомски бомби.

Мафтаат со нив, ко божем знамиња се.

Те овој имал волку, те оној онолку, те боеви глави, те носачи на авиони…

Ваков “мудомер“ да ми простите никогаш не се надевав дека ќе гледам. Простаци!!

Преку прчин ми се веќе.

Па американецов оди во Израел, па другиве со крв во очите и искривено лице, на секој чекор закани праќаат.

Ердоган ќе се вклучи, Раиси ќе се вклучи, Мурму исто така се токми… Не велам не. Има многу луѓе по светотв на кои што сѐ им е јасно. И нормално дека им иде да сотрат се што го труе светот.

Едно молчат бидејки се плашат и послаби се, но од друга страна многумина од нив молчат бидејки секој иоле нормален човек смета дека ова треба разумно, човечки и достоинствено да се реши.

Има ли нормален човек, што сака војна. Нема!

Се собрале таму некои “сто души“ и дрндупка играат со цел свет.

А Ким Џонг, како Амди Бајрам го имаат. Ако им затреба за стискање копче.

Бидејки овие другиве “ентон“ пари потрошија за да ги обучат како да мрсат муда и како да ги држат рацете прекрстени додека се во официјални посети. Се чини дека никој нема муда да го стисне копчето. Освен Велам Госпон Јунг.

Ама се нешто си мислам оти тој си седи дома, си ја чешка косичката да простите и сеир си гледа.

Он барем навреме полудел. Ние другиве никако да полудиме. Затоа и не сме нормални веќе.

Нека ја “акнат“ више еднаш таа атомска бомба и ајт сите да отидеме.

Ова вака “секс без престанка“. Не се трпи.

Оти триста глупост трпиме се во име на мирот.

Што сопствениот, што светскиот.

Оти личи ли сега додека едни таму гинат, ти да се спремаш за на пат.

Или да правиш журка, свадба, или крштевка, а нормално и здраво да се радуваш. Не личи.

Цело време некое “камче“ те кљуцка во мозокот. Во тој малку мозок, што ни е останат.

И да напрајш журка сите гости само за тоа ќе зборат.

Се додека не “дрмнат“ по некоја, а кога ќе “дрмнат“, тоа е веќе како да се опиле со чист алкохол од аптека. Порано бре брате кога ќе се опиевме, слатки бевме, сакам да кажам симпатични. Сега ко животињи сме. Одвратни. Додуша такви сме и кога сме трезни.

Сите нервозни, сите избезумени, на сите очите ни се немирни. Телото ни е немирно. Срцето и душата.

Човек да се праша “да живеам, или не“.

Почнавме да си го глумиме сопствениот живот.

Тоа едното во нас, кое е питомо, среќно и добро, не му даваме да писне. Оти се плашиме. Сме го потиснале на најдолното дно.

Сите го храниме само животното во себе. За да преживееме.

Налет да се стори.

И викам на другарка ми некни…

“Еве чекам да видам ногава како ќе ми зарасне (оти ја скршив нели пред месец дена), па да отидам на физикална и да видам дали ќе можам да одам за Индија. Оти резервирав место уште пред два месеца.

А таа ми вика “абе како ти се оди сега во ова време некаде, гледаш ли што се случува“!?

Мајка ми истото ми го вика. 

Ги гледам вака со ококорени очи, оти двете ги сакам и не знам кој е повеќе за жалење.

Тие, или јас.

Јас која што не сакам светот да ми го крои животот, па макар умрела некаде по патиштата, или тие кои се повлекуваат пред стравот и само-осудата.

“Ако живеам нормално, значи не сум нормален“!

Ете тоа ни се случи. Секој нормален да не е нормален веќе.

И поради сево ова секој нешто трпи и поднесува.

Од децата во градинка на кој што другарчињата им се смеат ако патиките не им се модерни и скапи, па се до хирургот во операциона сала, кој мора да работи за два пара патики, само затоа што не сака да биде нит од едните, нит од другите. Туку нормален и свој.

Е не може! Бидејки ако си нормален, ти не си нормален.

И затоа нека ја акнат више таа атомска бомба, па кој преживее, преживее.

Еписибир.

А ја за Индија ќе одам. 


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: