Чакулев: Последици од загадувањето ќе има и по 30 години кога нашите деца ќе пораснат
Граѓанските организации, активисти и здруженија овој пат обединети под "Зелен фронт" повторно ќе излезат на улиците утре од 17 часот и преку марш ќе побараат исполнување на дадените ветувања за борба со последиците од загадениот воздух. Татјана Чакулев од О2 Иницијатива вели дека последиците од загадувањето ќе бидат долгорочни со оглед на тоа што новите генерации се раѓаат и растат во исклучително загадена околина. Протестите и другите форми на граѓански притисоци ќе продолжат се додека не се покаже реална политичка волја и подготвеност да се спроведат решенија кои животот на граѓаните ќе го стават пред профитот.
Фактор: Најпрво граѓанските еко организации одбија средба во Владата, се додека не се прифатат барањата. Во меѓувреме речиси ништо од тоа не беше преземено, дали тоа е главната причина за повикување на нов протестен марш во петок?
Делумно, првиот рок на голем дел од над 100 барања истекува за помалку од две недели и освен две барања, ништо друго не е исполнето. Првата мала група барања беше дадена како шанса, Владата да потврди дека има политичка волја за решавање на проблемот со загадување, не само реторички, за време на говорите и изјавите на своите претставници, туку фактички. Одбравме 7 точки за кои сме уверени дека можеа да се решат за неколку работни денови бидејќи зависеа исклучиво од волјата на владините претставници, вклучително и поднесувањето до ЈО за отворање на истрага за ОХИС и палењето на кабли во Скопје. Исто и останатите барања кои ги дадовме во форма на т.н. зелена книга, можат да се решат брзо, во периодот пред следните парламентарни избори. Тоа што не може временски да биде решено, може да влезе во стартен процес, па да се предаде во наследство на следните носители на власта. Ова не е проблем што зависи од една или друга партија, ова е прашање од национална важност, и никој кој може да решава, а останува пасивен не смее да биде амнестиран од одговорност.
Фактор: Како се одвива дијалогот со институциите во кои речиси и воопшто да нема доверба кај јавноста кога е во прашање заштитата на животната средина?
Дијалог со институциите во овој период немаме, со оглед на нивната тромост, инертност, немање капацитет, бескрајни состаноци без резултат, работни групи без резултат. Граѓанските здруженија ги одбија средбите со премиерот и владините претставници поради тоа што сме уморни од фактот дека служиме како алиби дека нешто се работи, кога во пракса многу малку или ништо не се помрднува. Ние нашето учество во интерсекторската работна група за следење на квалитетот на воздухот го прекинавме после две години токму поради нејзината нефункционалност.
Целото интервју прочитајте го на Фактор.мк