Црно-бели вистини: Од поштените, к*рвите не можат на ред да дојдат

Добивај вести на Viber

Ако сакаш да си независен и слободен мора да имаш пари. Без оглед на тоа што многу работи не се купуваат со пари и ова е вистина која, за навек ќе остане непобитен факт, сепак спротивна на неа е исто така вистината дека многу работи, се купуваат со пари.

Всушност дека за сѐ нешто, ти требаат пари.

Општеството, животот, луѓето… сѐ почива на спротивставености. На црно-бели вистини. Ниту црното ќе биде црно, ако го нема белото, ниту пак белото ќе биде бело, ако не постои црното.

Таков ќе биде и овој текст. Чудно спротивставен сам на себе.

Значи, ако сакаш да бидеш независен мораш да имаш пари. За да имаш пари, мораш да работиш, да се трудиш, да бидеш успешен, за твојот труд да биде вреднуван и награден.

Никој никогаш нема да ти даде пари, туку така.

Дури и деца кога бевме, требаше или собата да си ја средиме, или на полугодие да ни бидат сите патки, или да помогнеме во чистење на подрумот... за родителите да ни дадат пари.

Единствени пари кои ни беа давани без да ги заработиме беа парите, кои некој од роднините ни ги даваа за роденден.

Мислам дека, оттогаш многу работи се изменија.

Оној момент кога почнаа подароците да се носат во плико, малку се зезна работава.

Немам ништо против касичките и штедните книшки.

Фино е тоа, да се собираат и штедат пари, за кога ќе се соберат малку повеќе, детето-човек да си купи патики, компјутер, точак или кола.

Но дали детето-човек е зрело во некое доба од животот, да рече „ова се мои пари“ и јас ќе правам со нив што сакам!? Па да запне да му се купи точак за кој не е дораснат. Ќе падне и ќе си ја скрши главата.

Од друга страна, може да се случи на родителите во еден момент да им затребаат пари за нешто, па да му ги земат парите на детото од касичето, или книшката. Без прашање. И така детето да остане и без радоста на добиените подароци за роденденот, а и без парите кој вујче, дедо, тета… му ги дадоа за роденденот.

А вујче на пример не е глуп, па да му донесе на детето „десето-брзинец“ на вториот роденден.

И така, ако секој, во соработка со родителите донесе подарок како што треба, детето ќе си ги добие сите нешта кој се соодветни за негова возраст и на радоста ќе ѝ нема крај. Сѐ, само не пари!!

Истото се случува и со свадбите.

На времето беше срамота да се дава подарок во плико.

Бидејќи тоа значеше дека те мрзело да размислуваш каков подарок да купиш, тоа значеше дека ти не поседуваш никава оригиналност и инвентивност, која би требало да ја вложиш за да купиш убав и интересен подарок.

Исто така значеше дека си сакал поефтино да поминеш, па си ставил пари во плико.

Ниту една од овие работи не е убава.

Многу е поубаво првата брачна ноќ младенците да ја поминат водејќи љубов, опкружени со еден куп убаво завиткани подароци и едн куп цвеќиња, кој симболизираат дека „еве си се подаривме еден на друг и љубовта цел живот ќе ни биде послана со цвеќе“, отколку броејќи кој-колку пари ти донел и дали на некоја од стоте грепки, кој ни ги донесоа наместо цвеќе, нешто ќе ни се падне.

Бидејќи нели сега, на поканите пишува „подарок во плико и наместо цвеќе-грепки“.

Не можам да ги замислам ова. Многу ми е грда оваа приказна.

Го замислувам и моментот кога и во пликото на тетка ѝ, има повеќе пари, отколку во пликото на тетка му на пример. Бљак.

И наместо љубов, нежност, допири, гушкање и очи кои светкаат од љубов и страст, ти имаш потечени очи од грепкање грепки, грозно незадоволство бидејќи не ти се падна ништо на грепките и еден чуден гнев што твојте дале повеќе пари, отколку неговите или нејзините.

И имаш двајца млади луѓе, кои свртени со грб еден наспроти друг, со извалкани раци ја поминуваат првата брачна ноќ.

И утрото е такво. Нема цвеќиња, нема отворање подароци, нема светкави хартии и машни по цела куќа, туку расфрлани пликоа, грепки, прљафштини и едно големо природно незадоволство секој прво од самиот себе, а потоа и од другиот.

Сепак човек во основа, природно се срами од себе во вакви ситуации. Тоа е посилно од него. Колку и да не изгледа ова вака, или колку и да е сама по себе спротивставена оваа состојба на „сами си го баравме“.

Сакам да кажам дека оној момент кога почнаа подароците во плико да се даваат, почна и купо-продажбата на луѓето. Секогаш се тргувало со луѓето, но ова сега стана со сопствен амин.

Сами си го баравме.

И затоа веќе, скоро и да не може да се препознае кој си ја работи чесно работата, а кој одработува за парите кој што ги добил во плико.

Е тоа е лошото, или е тоа е најлошото.

Јас на пример мислам дека Иван Мирчевски некни за чест и образ ја прекина програмата.

Иако не се согласувам со чинот, бидејќи сметам дека пофраерски ќе беше, само да се вклучеше во програмата и како директор да го изнесеше својот став, односно ставот на уредувачката политика на „Канал 5“, по основ на темата, која беше предмет на емисијата и да ја остави емисијата да тече.

Јасно ми е дека му пукна филмот и дека малку непромислено го избрка гостинот од студио, но и тоа го сметам за човечки. Се случува. Прашање на секунда е, од која нема назад после.

Многумина пак велат дека се пари во прашање. Дека одработува за оваа, или следната власт. Не знам, не разбрав за која.

Мене повеќе ме мачи прашањето дали новинарот се најде понижен, бидејќи сакаше-нејќеше по наредба на директорот мораше да ја прекине емисијата, а тој можеби имаше “кец у рукав“, кој го чуваше за крај, а не стигна да го извади, бидејќи се растури партијата. 

Многу ми е криво, што, што и да направи човек веќе, ние луѓето веќе немаме „чиста идеја“, дали е тоа направено од чест и част, или за пари.

И затоа во народот се вели, дека од поштените, курвите не можат на ред да дојдат. 


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: