Луѓето се феноменален феномен

Добивај вести на Viber

Има еден “феномен“ со кој се соочувам откако ја отворив цвеќарницата. Феноменален феномен.

Работата со луѓе е чудесна работа. За мене навистина прекрасно. Само што ќе влезе некој во дуќан почнува моето “интервју“.

И речиси исто, или слично како со гостите во емисиите на телевизија.

Некој одма влегува во разговор и “се отвора“, па дур се прави тоа што се прави за него, букет ли, аранжман ли, пакување ли, што да е, ќе си направиме сладок муабет.

Друг враќа со контра прашања, па ќе рече, “а што мислите вие, за на веридба, подобро е да го купам овој букет, или овој другиов. Или, “а вие кој би го купиле“!?

На трет му треба време да се сети што сака да каже и што му треба. Влегува заедно сосе сите мисли во главата, најчесто зборува на телефон… Откако ќе заврши, се концентрира да се сети каде е и зошто дошол, па полузбунето и многу симпатично вика “добар ден, извинете…итн.. Откако за пет секунди, пак ќе му зазвони телефонот, го купува првиот букет што ќе го види, плаќа се насмевнува од типот “извинете и пријатно“ и излегува.

Секако дека има и такви кои не се лесни за комуникација. Влегува, не вика добар ден, или ако рече, тоа е едвај, ко сам за себе да си кажува. Ако го прашаш нешто молчи и гледа.

На второ прашање од типот “да ви помогнам некако“, ќе рече “да разгледам само. И така ќе се вртка низ дуќан пет-десет минути без да каже ништо. На крај ќе си го одбере тоа што му се свиѓа и ќе си отиде. Чиста работа. Ни пријатно, ни догледање.

А има и такви кои имаат трема. Тоа се обично момци, кои купуваат букет за веридба, или огромен букет-изненадување. На пример букет со 101-на ружа. На овие дечки, особено “им се постилам“ и гледам да им направам таква “цветна приказна“, која девојка му, ќе ја памти за цел живот. За такви радости вреди да се живее.

Сакам да кажам дуќанџиската работа е мелем. Си влегуваат луѓе секој ден со разни табиети. Познати и непознати. Тие си купуваат цвеќе, а јас си уживам гледајки ги и впивајки ги сите нивни приказни.

Секој човек е приказна за себе. Велам, еден со ваков табиет, друг со онаков но, на крај, сепак со сите нив, приказните главно завршуваат со “хепи енд“.

Ова е вообичаено вака, со сите оние кои доаѓаат, раскажуваат што им треба, како им треба, за кога им треба и до колку пари би сакале да биде тоа е. Чича мича готова прича.

Проблем станува кога доаѓаат мажи, кои “се пратени“ од жената дома.

Обично е тоа, или букет за свадба, или за роденден на мајка ѝ, на другарка ѝ, сестра ѝ…

Значи таа или е на работа, или се спрема дома и му вика на мажот “оди до цвеќарата и купи цвеќе“.

Влага таков маж и вика “ме прати жена ми да купам цвеќе“.

Овде пола од работата е олеснета, бидејки ни тој толку ќе се срами од аквтивноста што ќе следи во овој случај, ниту пак мене ќе ми биде нејасно зошто тој ги слика со мобилен телефон сите букети.

Поголем проблем е маж, кој нема да го каже  ова “жена ми ме праќа“ и ќе се обиде некако сам да го реши проблемот.

Почнува да ги набљудува сите букети еден по еден и за секој од нив прашува колкава е цената. Ништо од ова не е проблем. Не ретко се случува луѓето да го прават истото. Но тој речиси и да не ги гледа букетите, туку гледа низ нив. Во глава му се мотка прашањето “кој е тој букет што треба да го купи, со кој што жена му ќе биде задоволна“.

Откако ќе помие некое време почнува да се туфка. Малку му станува непријатно. Прашува за истиот букет, за кој што праша и пред малку.

Јас се обидувам тука да му дадам до знаење дека знам дека е “пратен“ и дека сакам да му помогнам.

Некогаш е ова олеснителна околност, но некогаш му станува уште понепријатно.

А може да ги сликнам букетиве?

Секако, велам.

Ги слика еден по еден и почнува да праќа.

Му ѕвони телефон. Жена му.

Третиот што ми го прати ми се свиѓа.

Не тој! Овој. Не, не… Тој другиот погоре.

Овој!?

Не, тој до него!

Овој!?

Да, тој.

Еве.

А колку ружи има?

Три.

А тоа другото цвеќе што е?

Алстромерија велам јас.

Алстромерија-вели тој.

Аха-вели таа.

Убав е?

Убав е да!

Дигни го повисоко да ја видам машната.

Се извинувам, можете да придржите да го сликнам сосе машна.

Секако-велам. Нема проблем.

Абе добар е, ама ај да го видам и тој од првата полица.

Кој!?

Е тој со розевата хартија.

Еве.

Ауууу не! Многу е розев. Дај уште еднаш да ги видам сите…. Леле не знам. Ти што мислиш!?

Јас мислам овој првиов.

Е како бе тој, знаеш дека Сара не сака кринови.

Аха.. Не знаев.

Дај уште еднаш тој со ружите.

Убав е. Колку пари е?

1500 велам јас.

Аууу, скап е. А до 1000 има нешто.

Еве овие два се од 1000 велам јас.

Овие два-вели тој.

Не ми се допаѓаат. Чекај ми звони Сара на втора линија… одма те барам.

Се гледаме тој и јас, нему му иде у земја да пропадне, а јас почнувам да зборувам како времево е многу топло и никако да заврне…

Поминуваат две-три минути, неа ја нема.

Зборам нешто за Ѓоковиќ, што мисли како ќе биде сега на крај на сезонава, во Торини…

Неа уште ја нема.

Му велам, земете го овој од 1500, бидејки тој ѝ се допадна. Ќе ви дадам попуст.

Може за 1200 вели тој.

Може велам јас.

Тој си оди, а јас си мислам “па ја вака на маж ми да му направам, ни букет ќе ми се види, ни роденден, ни Сара“.

Толку ќе биде. 


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: