Чек да брцнам во ташнава: Ја сум те родила, ја ќе те убијам
Ќе имаш дете, па ќе видиш како е. Дај боже да бидам жива, па да видам, дали ТИ ќе можеш раат да си легнеш, додека син ти или ќерка ти не стават клуч на брава. Ќе бидам жива и ќе те ѕиркам од негде, да видам дали навистина ќе им даваш стотка, петстотка или илјадарка, секогаш кога ќе ти побараат. Да, да, ќе чекам да видам како ќе ти биде кога ќе тргнат на одмор, па нема да ти се јават дека стасале, па да видам дали ТИ, нема да вртиш во ниедно време по агенции, по хотели да прашаш дали се било ок. Ќе те видам како ќе ти биде, кога ќе м’кнеш ќеси од пазар ко улава, за да имаат и праски и лубеница и спанаќ и бамњи, па да им подметнеш во турли тава, барем еднаш на десет дена, оти здрави се нели!? Зошто ако ги оставиш да јадат што сакаат, лицата ќе им станат бледи ко духови, крвната слика, ќе им отиде у мајчина. Ќе те видам, ќе те видам…
Не ми превртувај со очи, ќе видиш како ќе ти биде, кога откако ќе им се постелеш, за се живо и диво и кога ќе речеш, -“кој ќе ми помогне да ги качи ќебињава на горнава полица“, оти не ќе можеш на скалата сама да ги креваш, а ваму штама, никој не се пријавува… Ќе чекам да видам!
И ќе видам кој ќе ти ги закачува завесите, кој ќе ти ги внесува цвеќињата зимоска и кој ќе ти ја помрдне комодата за да зачистиш одоздола. Ќе бидам жива. Ќе бидам жива да те видам, како ќе се пикеш под јорган, никој да не те види, па како ќе си поплачеш, мислејки си и прашувајки се самата себе, добра ли сум, не ли сум, ќе ги изведам ли децава на прав пат, нема ли да ги изведам!?
Ако, ако…, само ти мисли си, дека животот од тебе почнува. Да, да… Ти кога ќе бидеш мајка пуштај ги да преспиваат кај другарки, пушти ги и облека да си менуваат, пуштај ги со црвен лак во школо да одат и со чипкана блуза, ко за у тетатар, а ваму у театар со фармерки. Ја тебе не те пуштам.
Ти пуштај ги да препишуваат лектири и да не го прочитаат Достоевски и Толстој, па утре кога ќе фати некој на астал за Перл Бак да зборува, нека прашаат кој е тој!?
Ако бе, нека ти спијат твоите деца до 12, па нека дремат после на тросед, дур да дојде моментот, за
“што има за ручек“!? -Леќа…
-Не ми се верува! Одам ја да си купам пица. -Нема да мрднеш! Леќа, боранија, спанаќ мора да се јаде. Не е ручек само компири и месо и шпагети.
Не бе ќеро, има не сто, милион пати има да ти зборувам да учиш, да завршиш факултет, да знаеш да го цениш секој динар, да не се откажеш на прва, оти ќе има ѓубриња, кој ќе ти дадат отказ, зошто ете така им се “ќефнало“. Ќе има и ѓубриња, кои нема да те примат на работа, затоа што ќе бидеш преквалификувана. И мајка да ти каже, не е тоа зошто си ти преквалификувана, туку затоа што “таквите“, на кои секако ќе наидеш во животот, си имаат свои “дебели“ причини, поради кои ќе мораат цел живот да лечат фрустрации и комплекси и тоа баш на поквалификуваните од нив.
-Те видам ли еднаш да се улизуваш некому за шака грошеви, или да ми менуваш ставови, за некакви си квази интереси, или не дај Боже, некој пари да ти даде, за да поќутиш, или сокриеш нешто. Ја ќе те убијам. Ја сум те родила, ја ќе те убијам. Јасно!?
Нема да ми паѓаш малодушно, или да ми викаш, сите се такви. Не се сите такви. Има и еснаф луѓе. Ќе си ги бараш во животот, па макар сто пати згрешила. Ќе си ги бараш и ќе си ги најдеш. Има да имаш свој став, има да имаш свое достоинство, има да бидеш своја на свое. Има да не зависиш од никого, има да научиш да работиш и да заработиш. Нема да ми бидеш ти мене, елитистички комформист.
-Што е тоа!? “Кад порастеш, кашче ти се само“. А за да научиш што е тоа, седни читај, за Ганди на пример, читни го малку Гогољ, спореди ги Кант и Јунг. Види што мислел овој вториов за колективното несвесно. Па направи пауза, пушти си малку музика. Пинк флојд ти се лектира. Френк Синатра и Дин Мартин, мора да ги знаеш, ако се од пред 100 години. Со нив одлично оди добра чаша вино. Квин се мајстори. Фреди Меркјури никој не го надмина. А ни Марија Калас. За мене нејзината изведба на Мадам Батрфлај е врв. Таа нејзина природна тага во гласот, ќе ја разбереш, ако ја прочиташ нејзината биографија. Спореди ја на пример со Коко Шанел. Види како реагирала едната, а како другата кога им се рушел светот. За со ракија и салата пушти си го Тома Здравковиќ. А од Никола Бадев и Александар Сариевски, ти посакувам цел живот да истражуваш кој е подобар.
И прави што ќе правиш, ама најди време да научиш да играш и да пееш. И да готвиш секако!! И научи и да се смееш кога не ти е до тоа. Јасно!?
Или ќе те биде, или мене нема да ме биде.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска