Позлатена од сонцето: Каде и да се завртиш овде, сегде Божја е хубавина
Одиме натаму патнику намернику. Одиме, за да ги чуеш и видиш сите богатства на оваа моја Позлатена од Сонцето-Македонија.
Уште една работа сакам да ти кажам пред да продолжиме натаму. За македонскиот опиум.
Македонскиот опиум е најквалитетен и најдобар на светот. Нашиот опиум има дури 14 морфиумски единици. Нема друг таков никаде на светот. Пакистанскиот е втор на светот, тој има седум морфиумски едници, колумбискиот на пример три и пол, а нашиот македонскиот ти велам, неверојатни 14 морфиумски единици.
Многу вакви чудесии има мојата земја. Ете и тоа дека во Македонија има и еден рудник, што го нема никаде на светот. Алшар се вика, на планината Кожув се наоѓа тој и претставува единствено наоѓалиште на светот на талиум. Знаеш ли ти човеку што значи тоа. Овој минерал служи за да се детектира односно да се лоцира неутринот. Ако се успее да се одвои неутринот од талиумот, нашата планетарна наука, ќе ги разбере процесите со чија помош се регенерира енегијата од Сонцето. Затоа ти повторувам пријателе дека Македонија е сончева земја. Вечно е нејзиното сестринство со Сонцето. Ете тоа значи овој рудник. Ете таков рудник имаме ние овде во Македонија.
А во Македонија се наоѓа и единственото европско наоѓалиште на рубин.
И уште колку вакви убавини има. Сигурно се прашуваш. Недоброени се патнику намернику. Каде и да се завртиш овде, сегде Божја е хубавина. На сите страни. Овде од три страни Сонце те грее. Од четвртата Месечината свети. Ете таква се вели за мојата земја.
Сакам да ти покажам и да ти раскажам и за некои од нејзините скриени богатства. За Пешна на пример. За пештерата Пешна.
Оваа наша пештера го има најголемиот пештерски отвор на Балканот. Висината му изнесува 40 метри, а широчината 56 метри. Инаку длабоко можеме да одиме ако сакаш до 124 метри. Толку е долга Пешна. Во близината на Македонски Брод сме инаку. Тоа е едно сосем мало гратче, едно од помалите во Македонија. И ете тука, баш тука природата ја сокрила оваа пештера.
Њу Јорк Тајмс ја опиша дека е идентична како измислените пештери во Господарот на прстените. Знаеш, уметниците понекогаш во своите фантазии умеат да го видат и невидливото. Сликаат, или пишуваат нешто, а не ни знаат дека такво нешто постои на планетата. Ниту пак каде постои. Еве овде во Македонија.
А, на влезниот дел на пештерата пак, постои средновековна тврдина и остатоци од воденица. Остатоците од тврдината во пештерата пак се дел од Девините Кули, кои се гледаат од внатрешноста на пештерата. Легендата вели дека на тие две тврдини живееле сестрите на Крале Марко. И легенди и митови ќе чуеш овде и приказни безброј и записи ќе најдеш за мојата земја ти кажав едни од најстарите на светот. Не заборави во земјата од каде што тргнала писменоста на овие простори се наоѓаш. И ќе ти покажам точно од каде тргнала писменоста. Дозволи ми само пред тоа да те однесам на уште едно волшебно место. Во Тетово. За да ти ја покажам и за да ти ја раскажам и приказната за Шарената Џамија.
Ти мора да дознаеш за неа. Ти мора да го видиш и тоа архитектонско ремек дело. Шарената џамија е единствена во светот, поради надворешната декорација и орнаментиката во енетриерот. Изградена е на крајот на петнаесетиот век. Не се знае кој точно ја изградил, но се претпоставува дека ова ремек дело го создале мијачките тајфи кои граделе и зоографисале. Ова е исклучителен, ова е фасцинантен претставник на исламската архитектура. И затоа се разбира дека е прогласена за културно наследство од особено значење.
Ти мора да видиш како е таа питорескно изведена, ти мора да ги видиш и да ги доживееш стилизираните флорални геометриски мотиви, кои се изведени во неа. Едноставно ти мора да ги почувствуваш тие арабески во ентериерот. Божествени се.
Неверојатно е со каква прецизност се изведени овие арабескни мотивии, а уште поневеројатно е со каков интензивен колорит се изведени. Ете, сето тоа ја прави оваа наша Шарена џамија вистински раритет во светски рамки.
И знаеш уште што според преданието, за да се зачува таквата живост на боите, се вели дека се употребени 30.000 белки од јајца. И затоа, кога ќе ја погледнеш ќе помислиш дека сето тоа вчера е нацртано.
Инаку куполата, поставена директно над главната сала за молитва, ги означува сводовите на рајот и небото. Доминираат листовите од акантус, чудесно претставени во различни заоблени форми, на тој начин создавајки ја нејзината толку впечатлива розета. Нејзиниот шарен раскош на ѕидот се надоврзува со раскошно изработениот михраб и минбар. Сево ова е насликано на прекрасен бел мермер. Михработ е украсен со осум кружни полиња, со калиграфски натписи. Тука има цитати од Куранот, тука се секако имињата и на Алах и Мухамед. И уште згора на тоа, ова не е само украс. Муслиманските верници тука, сѐ уште одржуваат молитвени собири.
Ајде поуживај и ти уште малку па одиме натаму. Те водам на уште едно вакво возвишено место. Во уште еден величенствен храм. Не знам да ти кажам колку точно цркви, колку манастири и колку џамии има во мојата земја . Недоброени се. Мултинационална и мултикултурна е мојата земја. И во тоа е нејзиното богатство. Ќе сретнеш и праволславни христијани и католички христијани и муслимани. И еве сме, толку години, што се вели крепиме сите заедно рака под рака. Еве го. Уште едно место кое не смееш да го пропуштиш на пат низ Македонија.
Бигорскиот манастир. Ова е уште еден величенствен духовен храм. Уште едно ремек дело на архитектурата.
Но за него, за Бигорскиот манастир, како и за манастирот во Рајчица, па и за божествениот Охрид и за едно од најубавите езера на светот, Охридското езеро, ќе ти раскажам следниот пат.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу