Позлатена од сонцето: Македонија, од секоја една педа овде извира живот

Добивај вести на Viber

Ајде, не запирај патнику намернику. Ајде те носам натака. Многу ти е знам. Но знаеш ли уште колку убавини треба да видиш и да доживееш. 

Ајде, ќе одиме да се освежиме малку. Ќе те однесам на еден од неколкуте најубави водопади во Македонија. Знаеш, Македонија има безброј водопади. Ти реков веќе еднаш, овде вода извира од сите страни. Питка вода. Ма овде живот извира од сите страни. И љубов и добрина и гостопримство. Нема да најдеш никаде на светот вакво парче земја и ваков народ. Топлина што ги буди седумте струни  на срцето, на секој оној кој ќе дојде овде. Домаќините овде се навикнати на неа, си ја ткаеле таа скапоценост, таа единствена гостопримливост- со векови. И затооа…Една е Македонија. Од век, па за навек.

Не можам да те однесам на сите водопади. Многу се. Ќе те однесам на еден од Пехчевските водопади, сместен во срцето на Малешевијата. Другите сам ќе мораш да си ги откриеш. Кога ќе дојдеш тука ќе си помислиш дека си во златно жолтиот тунел, кој никој не го знае. Сокриен и стуткан е во Малешевијата. Ова е златно жолта претстава само за тебе. Тука е најдобро да останеш сам и да прошеташ по ова златно македонско царство. Буковите дрвја овде во Малешевијата се тука, се чини отсекогаш. Високи се речиси до небото. Овде Сонце не допира. Но овде сонце се чини од секаде извира и свети. И вода и Сонце. Ќе уживаш во ова царство на убавини. Ќе уживаш во жолтиот тепих кој стотици години природата го ткае овде. Кој знае колку слоја од овие жолти лисја како златници се еден врз дрг. Можеш да чекориш овде со часови и секој чекор трепет да ти биде. Се додека не дојдеш до водопадот. А тогаш, како да си дошол до изворот на животот. Гледај, слушај, трепери, умирај и раѓај се. И не се чуди што ти е така. Оти тоа е кармата на мојата земја. Да трепери, да умира и повторно да се раѓа. Затоа и тебе ти е така.

Не ќе видиш поубава природа од оваа никаде. Овде човекот ништо ниту скроил, ниту прекроил. Така како што ќе го гледаш така Бог го наместил. Седни си каде сакаш. Смири си го животот. Оти тоа тука во Македонија, каде сакаш можеш да го правиш. Овде времето стои. Постој си и на малечките мовчиња, кој ќе те пресретнат тука. Остави нека те гали ветерот и жуборот на брзаците. Не брзај. Ќе стасаме. Секаде ќе стасаме.

Знам дека едвај чекаш да стасаме до Охрид. Ќе стасаме. Се со ред. Остави го Охрид за подоцна, оти срцето ќе ти препукне таму. Оттаму не ќе можеш никаде веќе. Затоа дозволи ми јас да те водам човеку.Ти си овде мој гостин. А ние на гостите ти реков и душата и портите и сето срце им го отвораме. 

Огладне ли. Гладен си знам. Ајде те носам во Берово. Тука сме во близина. На десетина километри. Пехчево и Берово се еден до друг.

И слушај ваму-вака. Берово ти е еден чудесен град во Македонија. Се наоѓа во Малешевијата. Ти реков еден од најубавите планински масиви кај нас, За Берово не знам да ти кажам дали е поубав во лето, или во зима. Или пак наесен. И тоа ќе мораш сам да го осознаеш.Таква е впрочем цела моја Македонија. Летно време е разбујана, како вистинска зелена кралица. Повеќе од една третина од мојата земја е покриена со шуми. На есен е целата златно-жолта, а во зима пак сета е бела. Како самовила. Знаш ли ти какво богатство е тоа. Овие прекрасни временски услови овде во мојата земја, почнувајки прво од местополжбата, па климата, потоа релјефот, и сите останати геолошки и хидрографски карактеристики, овозможуваат развој на еден куп растителни и животински видови. Цело едно богатство. Затоа мојата земја се вбројува во земјите со богат биодевирзитет.

Слушј ме сега. Дендрофлората во мојата МАкедонија ја сочинуваат 319 видови дрвја и грмушки, со повеќе од 80 подвидови и вариетети од пак 119 родови и 54 фамилии, а 16 % од вкупниот број на сите тие видови се балкански ендемични растенија и видови. Не се чуди ова се податоци кои го одразуваат националното богатство односно националното наследство на моја Македонија.

И запомни уште еднаш, Скоро 40 % од мојата држава е покриен со шуми. А човекот и шумите отсекогаш биле поврзани со нераскинлива врска. Кај мојот народ постои култ кон шумата, бидејки таа е нешто величенствено, таа е дар од бога. Таа има необјаснива моќ и сила. Да, ќе те оставам малку да поуживаш во жуборењето на потоцте, шумолењето на лисјата, песната на птиците. Слушај си го и своето срце и душа кое сигурно пеат од радост. Ова се веселете, ова се вселенските ноти на животот. Етен така звучи мојата земја.

Од секоја една педа овде извира живот. Кај и да брцнеш никулец, ќе се фати ќе порасне и ќе роди плод.

Не ќе пробаш никаде на светот поубав патлиџан, поубава пиперка, домашно сирење, сукана пита, качамак…

Овчо беровско сирење. Му нема рамно на светот. Беровското сирење е македонски бренд знаеш!?. Домашната сукана пита исто така. Како од душа да е направена.  Качамакот исто така. Тоа се боите на мојата земја. Тоа се вкусовите на мојата земја. Тоа се вкусовите на долгата македонска традиција. Со секое едно залче, чиниш душата со мелем ја раниш. Како на чардак да си. Ни на небо ни на земја. Ете така велиме ние тука.

А македнонските вина, македонската жолта ракија, погледни злато вредна. Кога ќе ја погледнеш нејзината жолта боја не ќе знаеш килибар ли е, злато ли е. 150 милиони литри годишно се произведуваат од неа и 135 милиони литри вино. Светот веќе надолго и на широко зборува и ужива во македонские вина.

Сигурно и ти си слушнал за нив. Ги има на речиси сите светски вински рафтови. Нема натпревар во светот, а Македонија да не совои медал. Ете минатата година на еден од токму најпознатите вински натпревари во светот македонските вина освоија еден платинест медал, четири златни, пет сребрени и 21бронзен медал.

До тука стасавме овој пат мој патнику намернику. Во следната приказна те носам натака. Во следната приказна ќе чуеш исто така уште многу волшебни приказни кој од сите страни извираат во мојата земја. Во мојата Македонија. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу