„Позлатена од Сонцето Македонија“ (Раскажувачки патепис втор дел, Катена Мунди, Кратово и Куклици)

Добивај вести на Viber

На мапа можеби нема да не најдеш. Точка сме една, една мала точка на југозападниот Балканот.

Една мала точка, а сепак толку многу богата та своите ветрови, своите дождови, своите води, билки и птици Македонија им ги подари на трите најголеми светски континенти. Една точка која е поставена во самото динамичко средиште на тектонскиот тријадичен судир Европа, Азија, Африка. Пред повеќе од 2500 години оваа точка патнику намернику била сметана за средиште и самата оска на ротација  на сиот познат свет.  Да, оваа моја мала точка, толку многу значајна, толку јасна, толку своја, што се што ќе допре му го дава сопствениот израз што не се брише и не се заборава. Никогаш.

И затоа на Македонија и е даден највозвишениот епитет, што некогаш некому е даден Катена Мунди. Копчата на светот. Со што повисококо може да се закити некој или нешто освен со тоа што ќе рече дека е Споната на светот. Ете тоа е мојата Македонија патнику намернику. И најмоќната империја и најголемото царство стојат наспроти неа. Добредојде, ти посакувам патнику во ова древно парче земја Македонија.

Кратово, е најстариот град на Балканот. Само што ќе дојдеш во Кратово ќе се најдеш помеѓу тесните чаршиски улици и кули, некои од нив стари и со векови. Ретко кој град на Балканот може да се пофали со средновековни кули и подзмни тунели. И дури и во нив царува светлината, зошто оваа земја е сета на Сонцето.

Колку е само волшебно сознанието кога знаеш дека чекориш по град кој живеел уште во античко време. Тоа се тие точки по светот, кој ги држат најстарите бисерни гердани сеуште нанижани. Во Кратово се ковани и монети од старите мајстори занатлии овде. Ова е 300 години пред нашата ера, уште за време на пејонскиот крал Адалјон.

Замисли си колку е само стар овој град. Овде убав градски живот, живот со сите нишани, се случувал уште во времето на римската империја. Толку мало место, речиси одсечено од светот, а толку многу значајно и драгоцено.

Кратово бил драгоцен рудник. Оттука се тргувало и со бакар и со сребро и со злато. Мостови, прекрасни мостови, низ цел град, стари преубави куќи кој сеуште дишат и треперат, како отсега да почнува нивниот век. А векови се овде. Исто како и камените кули во Кратово. Прекрасни камени кули,  преку чии порти, влегуваш во друг свет во еден дамнешен свет. Крцкаат ходниците, долапите, скалила. На секој спрат овде крцка минатото. Тука бездната и универзумот се спојуваат. На врвот на кратовските кули си како на небото, а  во подземните кратовски тунели си под земјата. Се верува дека вакви подземни тунели има по цел град и дека овие подземни ходници го поврзуват цел град. Кој ли ќе знае, што се се крие под овој град. Кој ли ќе знае од каде тргнуваат и каде завршуваат овие кратовски тунели. Ќе чуеш приказни дека токму тука во Кратово живеел Царот Константин и Царицата Елена и дека токму тука во овие тунели ја спасиле нивната ќерка Косара од турскиот аскер. Ќе чуеш и приказна дека овие тунели водат и до рудникот со злато. Но никој до сега не ги има откриено тие златни патеки. Но знаеш што ти патнику намернику. Секоја патека во мојата земја е златна. Секоја.

Кога само ќе ги видиш боровите дрвја, кој се исто така тука, во Кратово. 25 метри се високи. Мислиш итаат кон обалаците.  И тие се тука од 14тиот век. Каква стамена природна грандиозност се овие борови дрвја. Сведочат за сета богата историска приказна што Кратово ја живее векови наназад. И не заборави Кратово е најстариот град на Балканот. И да, затоа шепоти минатото низ овие тесни чаршиски кратовски сокаци. И се уште по кратовксите домови во наследство се остава и по некоја тава, или тепсија изработена од најпознатиот кратовски бакар. Чукни на која било порта овда и побарај. Ќе ти отворат и ќе ти сварат едно убаво турско кафе, во токму такво бакарно ѓезве. Оти таков е мојот народ. Ти реков, широко ги отвора својте порти секому. Напиј се и терај натаму.

А тоа натму, всушност не води не многу далеку оттука. На само неколку километри од Кратово, ќе се сретнеш со еден локалитет кој ќе те вчудоневиди. Ќе те скамени. Куклици.

10 милиони години е стар.  Овој вулкански локалитет, на кој што камените кукли својот облик го добиле пред околу 20.000 години. 

Тука на ова подрачје избувнал вулкан, целиот овој простор бил покриен со вулкнска лава. Со текот на годините, и екстремните климатски промени на топло ладно, сонцен, дожд, мраз, целиот овој простор почнал да ерозира и да тоне. Ете така природата ги создала овие чудесни форми, кој сведочат за староста на оваа почва. Во народот се познати како куклици. Во народот исто така, сеуште се прераскажува и легендата за нивното настанување. Таа вели дека едно младо момче одовде од селото Куклица, било вљубено во две девојки. Не можејки да одбере која од нив ја сака за своја жена, тој одлучил на двете да им закаже свадба во исти ден. На денот на свадбата, невестата од горното маало, чекајки го својот младоженец да дојде по неа и да ја земе, слушнала зурли и тапани. Љубопитно тргнала да види кој е тој што се весели и прави свадба во долното маало. Кога разбрала дека е тоа нејзиниот љубен, кој прави свадба со друга девојта таа скршена од болка ја изговорила оваа клетва.

Нека се скамената сите кој се таму на онаа свадба. И тие и јас заедно со нив. Така и биднало. И се уште во народот ќе ја слушнеш оваа приказна за овие скаменетите свадбари.

А во следната патеписно пишувачко продолжение, те водам на уште повозбудливи приказни, од оваа моја позлатена од Сонцето земја-Македонија.


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу