„Позлатена од Сонцето“ прв дел (1)

Добивај вести на Viber

Драг мој патнику намернику, драг мој пријателе, од каде и да си од светот, ти кој си дојден тука, или ти кој живееш тука, или ти кој сакаш да дојдеш и да ја посетиш мојата земја. Македонија. Ти кој сакаш да ја видиш сета нејзина убавина и да ја чуеш сета нејзина убавина, тебе ти се обраќам и ти велам. Отворено ти е срцево, отворена ти е и душава и куќата ќе ти ја отворам, мојата куќа македонска. Добредојден си човеку. Од каде и да си. Добредојден си секогаш и во секое време. Повели Отворени ти се сите реки и планини, отворени ти се сите низини и долини, сите бисерни езера, сите црквени порти ќе ти ги отворам, за да ги чуеш камбаните кои овде чукаат од памтивек, од како чука светот и векот. 

Добредојде патнику намернику. И еве ти повели Слушај, гледај и уживај. Ова ти е приказната за мојата Македонија.

Само едно мора да знаеш уште пред да тргнеш по овие патеки македонски. Кога ќе ги отвориш најстарите библии, најстарите записи за човештвото, ти ќе го сретнеш името Македонија. Можеби не знаеш, или не си чул. Од 8-миот век, пред нашата ера, не оваа ера, пред нашата ера, оттогаш ова име постои. Старомакедонско му е потеклото, од митскиот јунак Македон.

Мора да знаеш и тоа пред да тргнеш по овие патеки овде, ти човеку, дека најстарите траги за живот на луѓе овде во Македонија датираат од времето на неолитот уште оттогаш, па потоа преку бронзеното време, па сите времиња потоа до ова време денеска кога Сонцето и понатму изгрева над мојата земја. Изгева, за да ѝ ја покаже сета својата убавина, како на преубава мома, која помалку скромно дури и срамежливо до ден денес ете така простум пред светот стои. Да, уште од 8-миот-9тиот век пред нашата ера. Тука да, по долината на оваа река, реката Вардар, уште тогаш имало населби. Уништени биле-опожарени. Но, нема да ти раскажувам овој пат за тоа, кој сѐ поминал овде, сакал да земе од ова парче земја, да пустоши и да присвои. Не, овој пат ќе ти зборувам за скапоцените и блескавите приказни и за исто таквите убавини на оваа моја земја Македонија. Ти сам ќе осознаеш зошто сите го сакаат токму ова парче земја. Но, пиреј е човеку ова парче земја. Пиреј. Ти го корнеш, тоа пак расте.

Сакам и ова да го знаеш, пред да тргнеме. Македонското кралство се појавува, исто така во 9-тиот век пред нашата ера. Па потоа четири века подоцна Кралството Македонија, станува значаен политичко-економски чинител во целиов овој регион овде. Филип втори Македонски покорувајќи ги и Илирите и Тракијците, тој успеал да ја освои сета Грција. Неговиот син пак Александар трети Македонски, тој кој што е една од најзначајните фигури кој историјта на човештвото ги спознала некогаш, ете тој успеал да ја прошири македоснаката држава на три континенти. Да на три. Континенти. На Европа, на Азија и на Африка.

Ти мора да го знаеш ова човеку, пред да тргнеш по патеките на оваа земја денес. Ти ги оставам сега сите овие историски патеки, сам да си ги проучиш и протолкуваш. Сакав само тоа да го знаеш. За да знаеш каде чекориш.

Одиме сега. Сѐ ќе ти покажам. Подготви се, оти ќе бидеш опиен од сѐ што ќе видиш, чуеш и вкусиш.

Седни сега да се напиеме едно кафе и една ракија, така без мезе, на гладно срце, подоцна ќе ти ја покажам софрата наша, оти ако седнеш нема да станеш, па ќе ти остане се нит видено нит чуено.

Вака, ќе те однесам прво во Кратово, знаеш зошто!? Бидејки тоа е најстариот град на Балканот. Ќе те однесам и во Крушево, затоа што тоа е пак највисокиот град на Балканот,  ќе те однесам и во Берово, за да го видиш беровското езеро и за да го пробаш најубавиот мед и најубавото сирење на светот. И во Тетово ќе те однесам. Ти мораш да ја видиш Шарената џамија, оти пак таа е една од најубавите и најчудесните исламски архитектури на светот. И афионските полиња ќе ти ги покажам. Да! И тие Оти 14 пати нашиот морфиум е посилен од кој бил друг светски морфиум. Ќе те однесам да видиш и неколку водопади. На очите нема да им веруваш. Овде од сите страни вода извира човеку. Од сте страни. Вода која можеш да ја пиеш. Да, тука да клекнеш и да се напиеш. Планините ќе ти ги покажам. И пештерите. За Врело имаш ли слушнато!? Сега ќе слушнеш ако не си чул досега. А за Кокино!? Е, мој патнику, Македонија ја има најстарата опсерваторија на светот. Не прашувај во Наса, јас ќе ти  ја раскажам приказната. Знам дека си чул за Охрид, не грижи се не ќе те оставам без него. Кај може Македонија без Охрид. И Свети Наум и Свети Кирил и Методиј. Не грижи се. Ќе видиш и ќе чуеш, од каде тргнала писменоста. И престолнината секако. Во Скопје ќе го фатиме и Говрлево и Таор, па Матка, па Козјак, во Турската чаршија ќе ни сварат кафе на песок, а на Пантелејмон пак ќе ги чуеш камбаните. Ти реков човеку. Овде камбаните бијат откако постои светот и векот. За кого!? За Македонија. Добре дојде.

Ете, како што ви ветив минатиот пат. Ќе биде ова раскажувачки патепис, поместен во неколку продолженија. Раскажувачки патепис, од филмот кој што го направивме за Македонија.

Се надевам ќе уживате во овие неколку продолженија од приказната за “Позлатена од Сонцето“.

Ќе уживате исто толку, колку што ќе дознаете и многу драгоцени приказни, за оваа наша прекрасна, чудесна и безвременска Македонија. 


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: