Позлатена од Сонцето трет дел Кокино и Крушево
Одиме натаму патнику намернику. Сакам да ти раскажам за уште едно ремек дело, кое природата реши да го создаде токму тука. Во Македонија. Те водам 19 векови наназад.
Вакви места има само неколку на светот.
Абу Симбал во Египет, Стоунхеџ во Британија, Ангкор Ват во Камбоџа, Мачу Пикчу во Перу, уште неколку на некој други места во светот и овде во Старо Нагоричани во Македонија. Добредојде во Кокино. Вака сега, Кокино случајно беше откриено во 2001 година. Нашиот археолог Јовица Станковски го откри, веројатно ни самиот не можејки да верува во тоа што гледа. Каква животна мисија е ова. Илјадници години да поминат, за ете тој да го крене таинствениот вел на Кокино. Потоа, нашиот народен музеј од Куманово истражуваше неколку години, а сомнежите дали навистина станува збор за природна античка опсерваторија ги потврди НАСА. Да, рече НАСА и во 2005-та година го вклучи Кокино на картата на 15 антички опсреватории. Кокино. Мегалитната опсерваторија Кокино. Карпите во Кокино се создале со стврднување на лавата, која истекла од вулканскиот кратер. На овие карпи времето и ерозијата си го направиле своето. Тука направиле процепи и дел од тие процепи, биле главните маркери, низ кои се следеле циклусите на Сонцето и Месечината. Во процепите во Кокино, можеш да ја следиш зимската краткодневица, летната долгодневица, како и пролетната и есенската рамнодневица.
Ете затоа те донесов тука, оти ти не смееш да ја пропуштиш оваа ретка светска атракција кога ќе дојдеш тука на прошетка низ Македонија. И секогаш се провлекува тука и едно заумно прашање. Зошто природата реши токму и на Македонија да и подари вакво нешто. Зошто!? Нема зошто патнику намернику. Оти овде, ова Сонце во Македонија свети одамнина. Ете затоа. Седни во Кокино на зајдисонце, седни на кралскиот престол и слушај ја тишина. Можеби ќе ти ги шепне одговорите на приказната која Кокино ја чува овде од бронзеното време. Од 2000 години пред нашата ера.
Те носам сега на уште едни висини. Сакам да ти раскажам за највисокиот град на Балканот. Крушево. На 1350 метри надморска висина. Во Крушево срцето секогаш чука посилно и побрзо. Оти и овде врие од приказни. И овој град е стар. Абе во древна земја си дојден човеку. Секој камен овде е постар од светот. Верувај ми дека е така. И за Крушево треба да знаеш неколку работи. Прво дека за основање на овој град овде големо значење има доселувањето на Власите.
Потоа дека крушевские градители, зоографи и резбари се едни од најдобрите на Балканот. Чуда создаваат од нивните резби и градби. Вонсериски чуда. Невидени чуда.
Во Крушево се случи и првиот отпор против османлиското царство. Знаеш!? Не знаеш!?
1903 година на 2-ри Август се случи прчуеното Илинденското востание. Македонскиот народ се крена на бунт против османлиите и токму Крушево беше градот кој беше ослободен. Истиот ден беше формирана Крушевската Република. Слободна. Независна. Таа траеше само 10 дена. Оти 10 дена дена подоцна, османлиите дојдоа тука со 15000 војници. И!?
И го запалија цел град. Тоа се тажните приказни на мојата земја. Но, замислуваш ли каков треба да биде еден народ за да се крене на востание против таква моќна османлиска империја. А!? Замислуваш ли!? Знае дека ќе загуби, знае дека ќе биде покосен и ничкосан, ама честа ја брани. Честа. Ја брани честа. И така е тоа до ден денес. Светот отсекогаш се грабал за ова парче земја. Ти реков веќе ова е копчата на светот. Катена мунди. Тука се вксрстуваат сите патишта. И денес е така. Но, реков, ги оставам тие приказни овој пат на страна. Во Крушево не смееш да го пропуштиш споменикот, кој е изграден токму во чест и слава на оние кои застанаа со штитот на честа и гордоста пред османлиската војска.
Меморијалениот комплекс Илинден, или Македониум. Овој комплекс има 4 платформи, кои ја симболизираат токму таа непобедливост, борба и вечното копнеење на македонскиот народ за слободна и независна држава.
Има и уште едно нешто по кое што е познат овој град. Тоа е една исто така многу тажна приказна, но сакам да ти ја раскажам сосем накусо. Тука е роден еден од најдобрите гласови што не само Македонија, не само Балканот, мислам дека и светот некогаш ги имаше чуено. Македонскиот славеј Тоше Проески. Тоше беше и сè уште е музичкото Сонце на Македонија. Допрен беше и осветлен од Бога. Така и си замина. Кaко светлина. И затоа е направен овој грандиозен и велелепен музеј. Во негова чест.
Се што не ќе ти докажам во овие приказни, ќе ти раскажам на салата и ракија. Така правиме ние во Македонија. Си ги раскажуваме приказната на астал, за полесно да ни биде.
Во следното патеписно писание ќе ти раскажам за Пехчевските водопади, за преубавата Малешевија, како и приказната за преубавите македонски вина.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу