„У том грлу лежи зец“: Опинци, или салонки. Сеедно! Треба да знаеш кои за каде се

Добивај вести на Viber

Привилегијата наречена “Живот“ е скапоценост, со која баш лесно се расфрламе по некој пат. Да не речам многу често.

Не сме баш секогаш “будни“, за на вистински кантар да ја мериме неговата вредност. 

Ни бегаат работите и фокусот од фокус, за стратешки и умно да “мериме и сечеме“.

Многу е важно човек да научи што е важно, што помалку, а што ич неважно и не вреди да му дадеме ни трошка од сопствените нерви.

Мислам дека нервните завршетоци, не се регенерираат баш толку лесно и кога ни “пука филмот“, а со него и нервите, пукаат во овој пакет и добар дел од нашето трпение, љубезност, дел од нашиот спокој и мир во душата. Пука се‘ она што ни го продолжува животот.

Никој од нас не знае колку му е дадено, или што би се рекло, колку ми чкртнале наречниците на треќа вечер.

Во тоа е и убавината на живеењето.

Таа неизвесност прави да си играш со “твојата партија карти“ како сакаш и колку сакаш.

Отвараш пасијанс сам за себе и редиш. И не знаеш дали ќе ти се отвори, или не.

Ама, никој не те спречува да си ги подместиш картите, така како што тебе ти одговара.

Точно е дека некои работи не зависат од тебе. Всушност, многу работи во животот не зависат од нас.

И ова е факт, кој може да се посматра и вака и онака.

Можеш на пример да си речеш, “супер, не морам да се грижам, бидејќи животот си знае што си прави“. И да се опуштиш.

А можеш исто така на пример, да се “запиљачиш“  и да тргнеш да се акаш со глава у ѕид, бидејќи не си ти командатот кој управува со која и да е, не важно, ситуација во животот.

Тоа е отприлика исто, како да се нервираш што во моментов не е ноќ, туку ден. Или обратно. Или да се нервираш што доаѓа зима, а не лето.

Сте забележале сигурно, дека во последо време, најчестиот “глупав муабет“ е токму околу временските прилики и неприлики.

Ако е топло, зошто е топло!?, ако е студено, зошто е студено.

Пред некој ден прочитав една баш духовита реплика; “плус 40, врати се, се‘ ти е простено“. Слатко се сетил некој да биде духовит.

Него, друго ми е муабетот.

Што е тоа, што прави луѓето се‘ повеќе и повеќе да зборуваат за тоа “какво е времето“!?

Тоа е една толку независна природна појава, која е сосем “своја и самостојна“ и која ние на глава да се превртиме, не можеме ништо да сториме.

Или можеме!?

Ние многу ретко зборуваме за тоа, како секој од нас допринесува, со своите постапки, или не-постапки за тоа уништување на Планетата.

Е тоа е тоа!, или “у том грму лежи зец“.

Сто пати полесно ни е да зборуваме за работите кои не можеме да ги променим, отколку за овие другиве.

За оние кои зависат од нас.

Ти не можеш да смениш од Сонце во дожд.

Ако решило да пече, ќе пече. Ако решило да грми, или сева, исто така.

Ама можеш да решиш, дали ќе го фрлаш ѓубрето од балкон доле, дали ќе рециклираш отпад, дали ќе ги двоиш пластичниве шишиња, или ќе буташ се‘ во една кеса и се‘ тоа заедно у контејнер.

Некни одам на една достава (носев цвеќе по нарачка во Џеваир зградите).

Се паркирам таму и што да видам. Од левата страна депонија. Ѓубришта на сите страни. Катастрофа! “Раскупусани“ кеси, пластика на сите страни, некои стари фотељи, чаршафи, пелени, кутии… Ми се згади живот. Налет и букетов со ружи за достава и се‘.

А од десната страна “фрчат“ до небото, три, или четири (не знам колку се) Џеваир облакодери.

Што би рекла баба ми покојна, едно пет-шест села сместени во нив.

Не ми е тоа поентата… Та град, та село. Што да е.

Како бе така!? Од деснава страна џипови, кабриолети, домар во секоја зграда, некое ѓомити цвеќе, по тоа влезовите (сВе вештак), дотерани тетки и чичковци, со кравати, тесни одела, фризури ко Роналдо, или кој и да е…, тетките со локни, нормално нокти, ботокси и се‘ по ред… и сите со некои чудни кондури.

Е да! Кондури е многу тешко да одбереш. Одело и така и така, ќе го видиш и узлог, ќе ти дадат твој број и тоа е тоа. Ама кондуриве се твоето лице. Од сто пара во излог, тешко е да одбереш соодветни. Не се сите за тоа одело, или за тој фустан. Точно се знае кој за каде се. Ама знае, тој што знае.

Затоа не за џабе се вели “образ-ѓон“. Оти каков ти е ѓонот, таков ти е и образот. (Ако ме разбирате)

И исто така не за џабе се вели “дојдоа во град и ги донесоа опинците“.

И пак да не ме разберете погрешно!, та град, та село“.

СВе си иба мајката. Нема више кој е од град, кој е од село. Има васпитање и неваспитање.

Опинци, или салонки. Сеедно! Треба да знаеш кои за каде се.

Со салонка не се оди на нива, ниту пак со опинци во театар.

А нит со едните, нит со другите не се гази по ѓубришта.

Така што, баш е глупаво кога зборувате за временските прилики и неприлики. 


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу