За кого? За Македонија!

Добивај вести на Viber

Полека, полека сѐ станува јасно. Се одмотува клопчето. Ама се одмотува многу чудно. Како се одмотува, така се заплеткува. И тоа, толку многу се заплеткува, што е речиси невозможно и оние најтрпеливите да седнат и да го отплеткаат, за да се намота како што треба.

Знаете, секогаш има некој луѓе, на кои им успева да отплеткаат заплеткани работи.

Ќе седнат така и имаат трпение со часови да отплеткуваат волница, рибарски конец, или некој ѓердан со монистра на пример.

На некои од нив дури им успева ова да го решат во неколку потега.

Трпеливио и многу концентрирано ќе го постават заплетканиот конец пред себе, ќе протнат два пати одоздола, еднаш одозгора, едниот заплеткан дел ќе го стават малку настрана, ќе се позабават со другиот дел… па потоа, ќе му пријдат на другиов дел, едно преку друго, одоздола, одозгора и оп… ете го конецот отплеткан.

Мислам дека колку што овде клучен фактор е трпението, дека исто толку многу битна работа е интелигенцијата.

И тоа онаа “сорта“ интелигенција, кој во себе ја содржи вештината на длабинско гледање на работите. И тоа, но и онаа умешност да предвидиш неколку потези однапред. Ако ова го протнам овде, ова ќе се заплетка малку повеќе, ама со следниот потег и тоа и ова ќе се отплетка, па со следниот ќе останат три чворта, кои пак со два потега, ќе ја одмотаат целата заплеткана “ситуација“. Исто, или слично како со животот.

Мајстори на животот се токму оние луѓе, кои располагаат со вакви вештини.

Трепение, интелигенција и длабинско гледање на работите.

Од разрешување на кој било проблем во животот, секогаш не делат неколку потези. Некогаш може да биде тоа и само еден потез, на пример, се свртуваш и си одиш… некогаш е тоа низа од неколку потези, стрпливо смислени и повлечени, а некогаш, да! Некогаш целата ситуација знае да биде толку многу заплеткана, што може да се случи ништо од ова да не може да помогне, па да мора да се прсече со нож.

Во ваква ситуација, тој потез може или многу да боли, да боли до коска, или пак може да биде и такво олеснување, со кое човек може да почуствува таква слобода и леснотија, за која ни не знаел дека постои.

Нашава ситуација е толку многу заплеткана, што мислам дека веќе ниту оние најтрпеливите, најинтелигентните, заедно и со оние кои умеат длабински да ја видат големата слика на се што ни се случува немаат решение за клопчево од земја, кое толку многу ја заплеткавме.

Мислам дека нема на планетава некој друг кој сам себе успеа да се доведе во ваква ситуација.

Секако дека знам, дека некој “од горе“, односно од запад и од исток ги влече овие конци, малку улево, малку удесно, ама мислам дека толку “живи“ кукли ниту еден куклар досега немал.

Нам, просто само треба да ни пуштиш музика и ние одма почнуваме да цупкаме. Пиперевка и тоа. И тоа пиперевка на која било музика. Со рацете угоре.

Знаеме ние да го играме и грчкото и српското и албанското. Знаеме да играме ние и на џез и на блуз и на кантри музика. Се знаеме. Рацете ни се у вис одма, чим чуеме било каков такт. Бугарското не го знаеме, оти тие немаат музика, таа музика, што тие ја пеат е наша. Македонска. И оти ништо немаат, освен секоја чест за нивната козметика, па сега не убедуваат дека ние сме нивни. 

Но не знам дали самите си знаеме дека нашата македонска музика односно дека музиката во Македонија датира од 11-тиот век.

Не знам дали самите знаеме дека Болоњскиот псалтир е напишан со кирилица (а за тоа кој ја состваи Кирилицата се надевам не треба да ви пишувам) во селото Равен-Охридско, а во охридскиот музеј се чуваат нотни писма од 14 музички ракописи, кои датираат од 10-тиот до 14-тиот век.

А тогаш, овие “куклариве“ од западот не знам дали воопшто постоеле. Мислам дека НЕ!

Оти пак нашите кукли во Куклица, близу Кратово, се стари 10 милиони години.

Многу вакви факти ќе ви обелоденам во репортажата што ја спремам за Македонија. Се ќе ви раскажам и кој сме и што сме, за да си ја чукнете малку главата од ѕид.

Цел свет е збран во Македонија. Знаете ли тоа!? Не појма немате. Појма немав ни јас. Крвта ми се ледеше кога седнав и почнав да читам, да истражувам и да пишувам. Крвта ми се заледи за тоа кои сме и што сме.

И токму кога сакав да ја снимам најавата за македонскиот афион, во една од шумите на Плаошник, токму онаа која се наоѓа десно од него, кога се гледа езерото, паднав и си ја скршив ногата.

Пола свет го “качив“ и уздуш и попреку, пет пати се качував на Синајските гори, Сахара боса ја одев, пливав во Црвеното море на речиси стотина метри од гнездото на ајкулите и да не редам, за да звучам патетично, ама ете тука во Македонија се лизнав, паднав и крц… Отиде глуждот. За среќа во Охрид, таму каде што е најдобрата костозглобна клиника кај нас. 

Сакав да се пикнам таму во шумата и да зборувам за македонскиот афион, кој има 14 морфиумски едници. Ејјј…. Нема таков друг на светот.

Ама бидејки ние веќе немаме афион, а тој што го имаме е скриен негде и само овие од фармацевтските индустрии знаат каде е, морав таму во шумите да зборувам за ова.

Нејсе..

Не му се лутам на мојот народ, никому не се лутам од нашиве…

Бидејќи знаете зошто!? Народ кој има таква историја, традиција и култура, не можел да развива проклетија низ историјата. Тој народ се бавел со уметност, музика, писменост, цркви, манастири, резби. Резби, длабоки и убави. Толку длабоки и убави колку што е убава и длабока душата наша македонска. Тој народ, мојот народ нема лошотија во себе. Колку и да личи дека е така.

Мојот народ е добар, питом, срдечен, гостопримлив…

За жал со толку широко отворени порти, како никој на светот.

Но има Господ, па белким не ќе дозволи ова парче никој да откорне, оттука каде што е насадено.

Оти пиреј, пиреј е мојот народ. Ти го корнеш, тој пак расте.

И не грижете се, така со скршена нога, со патерици и со количка, ќе ја завршам емисијата.

Нема да забележите ништо. Дури и да ми ја видите ногата во гипс, знајте дека тоа е најмалата жртва, што можам да ја дадам за мојата земја. За Македонија.


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: