За кого!? -За Македонија: Патепис кој ќе одекне секаде во светот

Добивај вести на Viber

Одбројувањето започнува!!!

Наскоро! - На Канал 5 телевизија ќе ја гледате „Позлатена од Сонцето“.

Да! - емисијата за Македонија.

И сакам да најавам на сите тапани.

Да! - Чујте и почујте… Наскоро, Позлатена од Сонцето! -Македонија!

Сакам да ја најавам оваа патеписна приказна на сите камбани, на сите минариња, на сите црквени и манастирски ѕвона, кој овде чукаат откако постои светот и векот. Чукаат и бијат, како што чука и бие срцето на секој еден Македонец.

За кого!? -За Македонија.

Многу пати до сега, луѓе, минувачи, случајни минувачи, некои од нив познати, многумина и непознати, ќе ме сопрат на улица, во маркет, во меана, кај што ќе ме сретнат и вака ќе ме прашаат:

„Добро бе Тања, речиси по цел свет патуваш и раскажуваш приказни. Ќе направиш ли приказна за нашата земја!? - За Македонија!“.

Морам да речам дека ме затекнуваше ова прашање, неспремна бев, дури и посрамена напати, оти ја гледав и чувствував гладта, љубовта и желбата на мојот народ за приказна од сопствениот двор. А не знаев што да речам.

Не знаев, зошто секогаш таму некаде е поубаво, отколку кај нас. Зошто секогаш „таму некаде“ одиме и патуваме, а својата земја не си ја „тарашкаме“, како долап, полн со драгоцености.

Душата ми се туфкаше и туткаше. Немир ме фаќаше, оти знаев дека се во право.

Знаев дека после се низ што поминува оваа моја земја, заедно со овој мој напатен македонски народ, заслужува да добие патепис, кој ќе остане за навек. Патепис, кој ќе одекне секаде во светот. Патепис, кој ќе биде преведен на многу јазици и кој ќе одекне низ светот.

Светот мора да чуе и да види некој приказни, кој само ние - Македонците си ги знаеме. И кои само ние Македонците знаеме да ги раскажеме.

Оти питомо ни е срцето, душата ни е широка како планина, љубовта ни е огромна, а добрината немерена.

Но ете еден од југ, друг од запад, трет од исток и север, сета оваа душа, со векови ни ја рони и сронува.

До ден денес.

Затоа и ни се одроди народот, затоа и ни се одсели народот, затоа, да речам, или да не речам, ама ќе речам и ни се олоши народот. Ете затоа, баш затоа.

Оти грабај овој, грабај оној, струните, меките свилени струни на нашата душа, почнаа да ни ги кинат и поткинуваат.

Но си велам, пиреј е овој народ пиреј, таков пиреј, за кој што светот не знае. Ти го корнеш, тој пак расте.

Мислев, сонував, кројував и прекројував. Со ноќи не спиев.

Се препрашував, ќе можам ли, ќе знам ли, ќе умеам ли да исткајам таква приказна, каква што овој мој народ и оваа моја земја заслужува!? -А!? -Ќе знам ли?

Оти лесно е да одиш натака-навака по светот и за другите да пишуваш и раскажуваш. Мислам лесно. И тоа не е лесно, но полесно е отколку за себе и својата грутка. Полесно, да, ама не толку скапоцено и драгоцено. Ни одблизу.

Ви велам, со ноќи мислев и премислував. На сон ми доаѓаа сите думи и „предуми“, сите бисери и филиграни, сите бисери, што оваа моја земја како на разбој ги ткае.

Станував и запишував. Збор по збор, лист по лист, дума по дума.

Си ги помислив и Симон и Тоше и Влатко, кој многупати во својте раскази на телевизија рекле:

Ах, колку е полесно, кога свириме и пееме по светот. Ах, колку товар наеднаш на плеќи ни се збира, кога пред својот народ треба да пееме и свириме.

Така е си велам сега!

Но ете ја бидна, ја стокмивме и дотеравме, Славе Сирачески, човекот, кој „одврза ќесе“, за да бидне оваа приказна, човекот кој како мецена на оваа патеписна уметност, освен со „ќесе“, со сета душа и срце учествува во овој проект, Снежана Младеновска Ангелков, за која збор немам, каква мајсторија вклучува, кога ќе и донесеме „сто саати материјал“ и ќе и речеме „еве на“, чукај си ја сега главата и стави ги најубавите кадри, за да ја стокмиш како мома за на корзо, Димитар Атанасоски, момчето-патем најдобриот студент на генерација- отсек камера, кој сите тие сто саати материјал треба да ги сними и да ме издржи и мене која сакам се да дофатам и пофатам и јас, која срцето и душата и сите свои дамари си ги проткав во оваа емисија.

Позлатена од Сонцето. Македонија. Наскоро на Канал 5.

Всушност во недела, оваа недела во 16 часот и 15 минути.

П.С. И бидејки знам дека во еден здив ќе ја изгледате и ќе ви биде ни сон, ни јаве, од следната колумна, ќе ви го „дадам“ текстот од оваа приказна. Ќе биде тоа патепис во продолженија. Ете така! -За да си го имате и вие текстот. За да си го стуткате и чувате во душата.

И за да остане и вака-напишан, за навек!

За кого!? -За Македонија.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: