Четириесет минути не дишевме: Искрено интервју со Тамара по „Евросонг“

Добивај вести на Viber

Кај Тамара Тодевска сѐ уште владее еуфорија по најголемиот успех што ни го донесе од „Евросонг“ во Тел Aвив. Како и секоја година, скромно навивавме за влез во финалето, а добивме високо седмо место, радост и напнатост како на спортски натпревар додека Тамара и тимот, со песната „Proud“ добар дел од гласањето беа први на табелата. Во искреното интервју, поп-ѕвездата ни ги раскажа сите свои впечатоци од евровизската авантура и по неа, а ја искоментира и својата изјава дека не требаше да се откажеме од „Евровизија“ наспроти коментарите дека тие пари треба да се вложат во возила за Брза помош.   

* Поголемиот дел од гласањето на “Евросонг“ бевте на врвот на табелата, како емотивно го преживеа тој момент, си помсилуваше ли дека ќе победите?

-  Најголемата наша препрека беше влезот во финалето. Моментот кога тоа го постигнавме веќе сите бевме порелаксирани но во исто време и посамоуверени. Важно ни беше да добиеме поени од секоја земја но ни на крај памет не замислувавме дека ќе добиеме толку 12-ки. Се сеќавам, на почетокот на гласањето се радувавме бидејќи речиси сите земји ни дадоа по некој поен. Кога почнаа да доаѓаат 12-ките сите бевме среќни но и изненадени.  На почетокот не знаевме ни како да реагираме. Се гледавме меѓу себе и се прашувавме – дали ова навистина ни се случува? И да, ќе бидам искрена, во еден момент, понесени од еуфоријата, помисливме дека можно е и да победиме. Тие 40-тина минути како времето да застана и сите дишевме во еден здив. Навистина незаборавно искуство.

Тамара со авторите на песната Дарко Димитров, Лазар Цветкоски, Роберт Билбилов и Коста Петров, со придружните вокали, шефицата на македонската евровизиска делегација Мери Попова и уредничката во МТВ Анета Андонова 

* Се сомневаш ли во регуларноста на гласањето од телевоутингот?

-  Не воопшто. Ова беше можеби најубавиот момент во мојата професионална кариера и едно незаборавно искуство кое ќе го паметам до крајот на мојот живот. Навистина немам замерка за ништо. Сѐ беше апсолутно совршено. Јас и мојот тим сме бескрајно благодарни што ни беше дадена оваа шанса. Покажавме и докажавме дека иако сме мала земја, сепак можеме да направиме големи работи.

* Дали објективно сметаш дека заслуживте повеќе од тие 58 поени собрани од гласовите од публиката?

-  Во овој момент навистина тоа не е важно. Се гордеам со фактот што на Македонија и го донесовме најдобриот пласман на „Евровизија“ и покажавме дека клучот за успехот во сѐ е тимската работа.

Придружните вокали Васил Гарванлиев, Александра Јанева и Антониа Гиговска ѝ беа силна поддршка 

* Јавноста од срце ве поддржа и се радуваше на вашиот успех. Прашина се крена само околу изјавата дека место да одиме на „Евровизија“, парите треба да се наменат за купување на возила за Брза помош на која ти на крајот реагираше. Дали те погодија тие реакции и дали е тоа причината што ја даде изјавата дека ќе беше многу без врска да се откажевме од натпреварувањето? 

-  Најпрвин би сакала од дното на моето срце да им се заблагодарам на сите за несебичната поддршка и љубовта од моментот кога беше објавено дека ќе ја претставувам Македонија на „Евровизија“ па сѐ до денес. Ова беше колективен успех на сите во нашата земја и без несебичната поддршка овој момент немаше да биде тоа што е.

Што се однесува до мојата изјава, понесена од целокупната еуфорија едноставно не се искажав така како што мислев и поради тоа сакам ви се извинам. Како мајка на две деца, знам колку е важно да креираме подобар свет за сите нас и секојдневно се трудам да бидам позитивен пример за моите деца и воопшто за сите околу мене.

* Чувствуваше ли притисок и што или кој најмногу ти помогна да го надминеш?

-  За првпат во мојот живот не чувствував притисок за ништо бидејќи ние четири месици макотрпно работевме на сите аспекти од нашето претставување на „Евровизија“ и отидовме таму подготвени но и сигурни во нашиот успех. Не оставивме ништо на случајност.

* Генерално, што ти се допадна најмногу од Тел авив околу „Евросонг“ и вон него?

-  Ова ми беше втора посета на Тел Авив и иако немав многу време да го разгледувам градот поради секојдневните проби, сепак воодушевена сум од енергијата на луѓето во Израел. Бевме навистина одлично пречекани и се чувствувавме како дома. Има некоја сличност помеѓу луѓето таму и кај нас. Дури на моменти имав чувство и како да сум живеела таму во некој мој претходен живот. Хахха.

Со Мери Попова и со Анета Андонова 

* Има ли некоја интересна анегдота од таму што би ја споделила со нас?

-  Многу. Би можела да напишам книга за цело ова искуство а можеби и ќе го направам тоа. Ние секојдневно се смеевме и бевме можеби најпозитивната делегација во Израел. Владееше енергија што не може да се опише со зборови.

Ношпал имаше многу тешка задача бидејќи имавме по неколку проби на ден, и фустанот мораше да се пегла по секоја проба. Шест луѓе мораа да го држат додека одевме на сцена за да не се изгужва. Последните неколку дена си најдовме и безжична пегла и тоа ни беше најголема радост. Хахаха.

Бевме толку сите многу сложни и тоа всушност ми е наголемата лекција од ова незаборавно патување. Па, со луѓето како од нашиот тим едноставно не може а да не се успее.

Ношпал имаше многу тешка задача бидејќи имавме по неколку проби на ден, и фустанот мораше да се пегла по секоја проба. Шест луѓе мораа да го држат додека одевме на сцена за да не се изгужва

* Како реагираа најблиските, децата, кога се врати дома по две недели?

-  Овој наш успех немаше да биде возможен без поддршката на мојот сопруг и моето семејство. Навистина беше тешко да се балансира приватното и професионалното овие четири месеци, но некако успеавме. Без нивната несебична помош ништо од ова немаше да биде возомжно. Немам зборови да ви опишам колку сум им благодарна. Сега повеќе од било кога верувам дека човек не може да успее сам.

Хана веќе неколку дена не се двои од мене и секое второ прашање и е – мамо зошто отиде ти во Израел? Веднаш по „Евровизија“ заминавме заедно на семеен одмор и не можам да ви ја опишам радоста конечно да бидам со личностите што ми значат најмногу на светот. Без нивната љубов ништо од ова немаше да се случи.

* Што после „Евровизија“, ќе те видиме ли на нов концерт, подготвуваш ли нови синглови или албум?

-  Моето време допрва доаѓа. Чувствувам дека сѐ што сум правела до сега било само генерална проба за она што допрва ќе следи. Подготвена сум за големи работи.

* Утре полниш 34 години. Како ќе го прославиш роденденот?

- Со најблиските - луѓето што секојдневно ме прават подобра личност.


Милица Џаровска