ЧЕТИРИГОДИШНИОТ МАКСИМ ДОНИРАШЕ КОСА ЗА ДЕЦА БОЛНИ ОД РАК: Им ги дадов плетенките за да не бидат тажни

Добивај вести на Viber

Му раскажав дека минатата година и јас ја дадов мојата коса, и дека, ете, сега некое девојче има косичка, а мене ништо не ми фали. Ми побара да ги види на слика сите деца на кои им треба коса. Откако ги виде, покажа кон две-три од од нив и рече: „Сакам да им ја дадам на овие деца зошто тие се многу тажни“. Следниот ден отидовме и без никаков проблем трпеливо чекаше да му ги сплетат плетенките и да му ги исечат. Во моментот ми делуваше многу поголем и позрел отколку што навистина е. Си ги зема плетенките ставени во папка од фризерскиот салон, и до дома ги носеше цврсто во раце, раскажа Вања Кочовска, мајката на Максим

Максим, откако е роден присуствува на „Розовиот марш“ кој го организира здружението „Борка“

Четиригодишниот Максим Кочовски од Скопје ја донираше својата коса за перика која ќе ја користат деца болни од рак. Неговото семејство ја испрати косата на Максим во фризерски салон во Амстердам, кој веќе десет години добива донации во вид на коса од од целиот свет, и изработува бесплатни перики исклучиво за деца кои се борат со ракот. Личната приказна на мајката на Максим, архитектката Вања Кочовска, по смртта на нејзината баба која починала од рак и нејзината мајка која успешно се изборила со болеста, ја инспиририраше да го направи овој хуман гест.

„ Се работи за иницијатива покрената од пред десет години од страна на тогашен фризерски салон во Амстердам и зема голем замав. Еве, десет години активно, во текот на целата година од секаде добиваат коса во вид на донации и изработуваат бесплатни перики стриктно за деца кои се борат со ракот. Јас сакав да ја донирам мојата коса минатата година, сакајќи најпрво локално да дејствувам. Меѓутоа откако пишав во здружението „Борка“ и добив одговор дека, за жал, кај нас нема стручњак кој изработува перики, во пребарувањето наидов на Здружение "ЗЕДМ Сложувалка" на фејсбук. Здружението е со седиште во Гевгелија и тие како посредници ме упатија што се треба да направам за да ги исполнам условите за донација, и ми испратија адреса од Холандија , каде да биде испратена косата“, ја започна својата приказна Вања, мајката на Максим. 

Стрпливо чекав и конечно, без да известам никој, едноставно отидов и ја исеков косата. Гестот посветен на мајка ми го постирав на фејсбук, што многу ја трогна.- Вања Кочовска 

За да го подготви синот за хуманиот гест, таа многу разговарала со него. Вели дека тековно му раскажувала за децата кои се разболеле и немаат коса.

„ Му реков дека за нас што имаме повеќе коса, треба да им дадеме за да не се тажни. Дека кога ќе оздрават пак ќе им порасне, а во меѓувреме ние ќе им дадеме од нашата. Му раскажав дека минатата година и јас ја дадов мојата коса, и дека, ете, сега некое девојче има косичка, а мене ништо не ми фали. Ми побара да ги види на слика сите деца на кои им треба коса. Морам да признаам дека ми тресеа рацете додека куцав на гугл: деца кои боледуваат од рак. Откако ги виде, покажа кон две-три од од децата и рече: „Сакам да им ја дадам на овие деца зошто тие се многу тажни“. Следниот ден отидовме и без никаков проблем трпеливо чекаше да му ги сплетат плетенките и да му ги исечат. Во моментот ми делуваше многу поголем и позрел отколку што навистина е. Си ги зема плетенките ставени во папка од фризерскиот салон, и до дома ги носеше цврсто во раце. Ги подготвивме во плик, и вчера утрото ги испративме за Холандија“, додаде Вања.

Многу години пред да стане мајка, таа се соочила со загуба од тешката болест, пред 17 години, кога нејзината баба починала од оваријален рак. Вања била многу врзана за бабата и вели дека борбата со болеста била долга и мачна. За неполни шест месеци истата дијагноза ја добила и нејзината мајка.

Баба ми почина од рак а мајка ми се избори со болеста.- Вања со синот Максим 

“ Баба ми одеше на неколку операции и два пати примаше хемотерапија. Прв пат се соочив со толку блиска средба со ракот, со последиците од хемотерапијата, пред се оние видливите - губење тежина, паѓање заби, пад на коса од глава веѓи и трепки. Бев во шок кога почина, а уште повеќе кога за неполни шест месеци истиот тип на рак и го дијагностицираа на мајка ми. Тогаш имав 17 години, со две помали сестри (Соња 13 години и Маја 8 години). Веднаш и беше извршена хистеректомија и помина низ хемотерапија во текот на цела 2002 година. За среќа, мајка ми се избори и помина многу време од тогаш, се до 2016 година кога при случаен допир откри рак на дојка. Цела 2016 и дел од 2017 година за мајка ми беа во знакот на хемотерапии, здрава храна, лекарства, алтернативна медицина и до ден денес Тамоксифен. Среќа, до сега се е во ред, најискрено се надеваме дека така и ќе остане“, ја сподели Вања својата емотивна приказна.

Преклани, нејзината мајка била оптеретена со проблемот дека не може да најде соодветна перика и самиот тој процес, на Вања и дал идеја да ја донира нејзината долга коса тогаш, како еден вид скромен личен придонес.

„ Бев немоќна да направам било што друго за да на било кој начин и го олеснам патот низ болеста на мајка ми. Тогаш од Здружението од Гевгелија ми рекоа дека треба да имам минимум 30 сантиметри должина за да донирам, должина што ја немав тогаш. Стрпливо чекав и конечно, без да известам никој, еден ден во март лани, едноставно отидов и ја исеков косата. Гестот посветен на мајка ми го постирав на фејсбук, што да бидам нескромна многу ја трогна“, раскажа хуманата архитетка за Женски магазин. На нејзиниот син Максим, воопшто не му била скратена косата откако е роден. 

„ Помина време од тогаш, дојде оваа година, а косата на син ми која не му беше скратена од кога е роден му порасна многу и сметав дека е веќе време да направиме нешто во врска со тоа. И пред 2-3 месеци дојдов на мисла дека ќе биде убаво ако може и неговата коса да се искористи за истата акција. Ги исконтактирав ЗЕДМ од Гевгелија и ги прашав дали е во ред ако донирам детска коса, која ја задоволува должината и иако е детска е квалитетна и јака. Ми рекоа оти нема проблем и ми потврдија дека адресата е иста од минатата година“, ја заврши својата приказна Вања. За сите донации и акции во кои учествува, таа добива голема поддршка од сопругот.

Таа и нејзината мајка, од самиот старт, присуствуваат на „Розовата прошетка“ која ја организира здружението „Борка“. Откако е роден Максим, и тој оди со нив на розовиот марш. Вања и нејзиното семејство се дел од формирањето на розовата панделка и дел од акцијата за подигање на свеста за борбата против ракот.

Милица Џаровска