Чичко Стојан 17 години живее сам со кравите покрај Пчиња: Короната ги научи луѓето да уживаат во домашното

Добивај вести на Viber

Вистински авантуристи и љубители на природата сигурно знаат за Адреналинскиот мост на реката Пчиња кој го спојува селото Кожле со автопатот „Пријателство“. Овој мост го нарекуваат и Стојанов мост, по Стојан Трајанов кој е еден од градителите, задно со неговите пријатели, и жителите на село Кожле.

Убавините на овој крај на вистински начин ги доживува чичко Стојан и неговата сопруга, тетка Светлана, кои голем дел од своите пензионерски денови ги поминуваат токму овде, на црковниот имот, кај манастирот Рожденство на Пресвета Богородица.

-Да не беше коронава, луѓево немаше да дознаат за ова место, немаше толку да ја засакаат природата. Ги научи да уживаат во домашното. Од уста на уста, се шири приказната и доста луѓе доаѓаат“, ни раскажува чичко Стојан додека ни бара клупа и столчиња и не нуди да седнеме, затоа што дворот на црквата е полн со луѓе кои по прошетката се одмараат токму овде. Стојан  со секој од нив ќе си промуабети, а тетка Светлана знае да понуди со пита, домашно слатко, пиперки со урда, лутеница, пача во сезона на постудени денови мои можете да си ги купите во црковниот двор. Има можност да си нарачате и риба, треба само еден ден однапред да ги известите домаќините. Чичко Стојан ја фрла мрежата во Пчиња, тетка Светле ја подготвува рибата, и добивате ручек како во ресторан, со незаменлив поглед. И домашната пита оди со закажување, ден однапред, и штом стасате, ве чекаат на трпезата покрај Пчиња, на неколку чекори од дворот. 

-Јас сум инаку дојденец, од село Инџиково. Целиот мој работен век работев во ЈСП. Откако се пензионирав, пред речиси десет години, повеќе сум тука отколку во моето село. Ова е црковен имот, за викенд има луѓе, a понекогаш преку недела сум сосема сам. Сопругата за викенди доаѓа, а јас имам обврски. Се грижам за околу двасетина крави, го одржувам имотот на манастирот“, ни раскажа Стојан кој речиси 17 години, ова место го смета за свој дом, уште пред да се пензионира. 

Пред короната, најпракитчно ми беше да доаѓам тука со воз. Се симнувам кај другиот висечки мост, на Вардар, таму имам и најубави ливади за пасење на кравите. Од таму имам помалку од еден час пешачење до црквата. Или пак, одам со кола. Се паркирам горе, на паркингот на автопатот и го преминувам мостот, тоа е побрз начин да се стаса овде“, раскажува Стојан додека тетка Светлана ја изнесува питата. 

Вториот начин да стасате до ова прекрасно место е подолг, но повозбудлив. Се оди пеш од селото Кожле. Ако одите од центарот на Скопје, патувате преку населбата Петровец, и пред  Катланово се исклучувате десно за Блаце.

Ако решите да ја изодите нашата пешачка тура, ве очекуваат панорамски глетки од кои се одзема здивот, и се пешачи околу еден час. Патоказот цело време ви покажува дека сте на вистинскиот пат, накај Света Богородица, и по едно десетминутно симнување надолу сте на вистинското место, во црковниот двор, кај Стојан и Светлана. 

Постои можност турата да ја продолжите и накај другиот висечки мост на Вардар, одејќи цело време покрај Пчиња, и на тие убави ливади покрај Вардар, ќе го сретнете чичко Стојан со кравите.

Нашиот домаќин вели дека животот во самотија не му пречи, и на лето и на зима, се навикнал да живее во овој магичен предел каде што се слуша жуброт на реката. Родното Инџиково не го остава, редовно ги посетува децата и внуците, но не сака да се откаже и од одржувањето на овој имот, по зборот што ѝ го дал на црквата откако починал стариот домар.

За мостот на Пчиња, на Стојан никогаш не му е здодевно да ја раскаже приказната. Ова е трет по ред мост кој е изграден на ова место, а тој, пријателите и семејството се одлучиле третиот пат да се направи повсиоко поради опасност од реката која може да го однесе. Стојан е горд на себеси, на семејството и на сите пријатели што помогнале да се направи овој мост кој денес е и практичен начин од вревата на автопатот за кратко време да стасате во тишината покрај реката, и вистинска туристичка атракција.


Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски

ГАЛЕРИЈА: