Чистам, пружам алишта, подготвувам појадок и се грижам за ќерката: Портпаролот на МВР Гоце Андреевски за првите денови како татко

Новинарот Гоце Андреевски, кој е портпарол на МВР, вели дека животот комплетно му се сменил откако му се роди ќерката Јована. Неговата сопруга Даниела Арсовска ја роди ќерката на 23 јануари, еден час пред полноќ на Клиниката за гинекологија и акушерство. 

Гоце ни ги испрати првите семејни фотографии од него со сопругата и со ќерката и рече дека тој се грижи за домот- чисти, пере алишта и подготвува појадок за него и за сопругата. 

-За Јована максимално се грижиме заедно со сопругата Даниела. Додека тие спијат, одмараат или Јована цица, јас се грижам за домот, чистам, пружам алишта, подготвувам појадок и се грижам за спокој и љубов, а Јована тоа најмногу го чувствува. Чувството е бесценето кога ја капеме Јована, јас ја капам, а мама Даниела чека со бањарката да ја завитка убаво. Нема поубаво чувство кога го држите во раце своето бебе и гледате дека е среќно. За тоа дали спиеме, спиеме да ама кога ќе ни дозволи Јована“, ни раскажа Гоце за неговите први денови како татко.

- Првите ноќи воопшто не спиевме, а преку ден дремнувавме кога ќе заспиеше Јована. Ни помагаат се разбира нашите родители, мајка ми Наде, мајката на Даниела, Соња, тука е и брат ми Стефан кој заедно со сопругата Ивана имаат две златни деца, Петар (7) и Ања (2) кои не себично ни го пренесуваат нивното искуство кое на нас ни е повеќе од потребно“, ни рече Андреевски кој пред да се вработи вои МВР, беше дел од тимто на телевизија Телма. Тој со љубов зборува за својата ќерка, и вели дека таа била хит уште кога се родила, на ГАК. 

-Јована е слатко бебенце, многу е мирна, спокојна и се смешка кога се буди. Хит била уште на ГАК, сестрите и акушерките се сликале  со неа постојано, а за Даниела докторите ми кажаа дека била пример за дисциплина, храброст и посветеност. Јас речиси постојано бев пред Клиника. Чувството кога ја земав во раце првпат беше волшебно и тешко се опишува, само се доживува. Испреплетени емоции на љубов и среќа. Важно е дека Јована е спокојна и смирена кога е во мои раце и во рацете на Даниела“, вели Гоце за своето семејно царство.

Во август минатата година, тој и Даниела направија весела свадба за најблиските, откако претходно Гоце ја побара за жена на Свети Наум.

-Даниела е препозитивна личност, исполнета со многу, многу љубов, секогаш насмеана, ведра, но пред сè е добра како човек, полна со емоции. Многу сме среќни. Журката вчера беше волшебна“, ни раскажа Андреевски по свадбата минатата година. Тој и Даниела се заедно четири години.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива