ЦВЕЌИЊА ВО ДОМОТ: Каков бенефит нудат за нашето здравје?

Добивај вести на Viber

Екологистите и биолозите велат дека цвеќињата во домот придонесуваат за прочистување на воздухот. Освен што го разубавуваат простор, го подобруваат расположението, тие ги сузбиваат и токсините. Се смета дека особено е корисно да има цвеќе во просториите каде се пуши. Сепак, луѓето треба да внимаваат, цвеќе треба да има во дневната соба, а истото да се избегнува во спалната соба.

„Секое цвеќе коешто се чува дома е добро, преку ден врши фотосинтеза, а навечер прекинува тој процес и се ослободува јаглерод диоксид. Таму каде има многу цвеќиња не е препорачливо да се спие, концентрацијата на јаглерод диоксид може да се зголеми. Во дневната соба може да ги има цвеќињата, а во спалната ако имате едно цвеќенце не е проблем, ама да не е претерано, да не се повеќе“, објаснува Анита Стојанова, биолог.

Во светот се правени многу истражувања кои укажуваат дека има голем број на видови на цвеќе кои го прочистуваат воздухот, впиваат непријатни мириси, делуваат против бактериите во домот и слично. Фикусите, папратите, палмите, кактусите, алое вера се набројуваат како особено корисни за во домот. Многу пофалби има и за хризантемите.

„Зависи за каков вид на цвеќе станува збор. Како што имам истражувано, дел се многу корисни да се чуваат внатре, а дел надвор. Во дневната соба мислам дека нема да е проблем за ниту еден вид цвеќе. Треба да се бираат цвеќиња што го прочистуваат воздухот. Со едно мало мало истражување, секој може да најде податок кои видови на цвеќиња се корисни за во дневната соба. Постои апликација која со самото внесување на фотографија од цвеќињата, дава податоци за нив и ги детектира нивните болести, ако се свенати, дава совет што треба да се направи. Таа апиликација е многу интересна да се има и со неа е полесно да се одгледуваат цвеќињата дома. Ние можеме да имаме голем вид на цвеќиња, но за секое посебно треба да знаеме како да се грижиме, еве  на пример орхидеите бараат посебен третман. Ѕидовите од мов се практични за дома, не им треба многу внимание и во голем процент го прочистуваат воздухот, дури и надвор. Дрвата во ликвид се ставени на самите станици, постојки во Србија, српски научник ги има направено. Тоа е стаклен сад, внатре има дрво во ликвид и го прочистува воздухот“, вели Ана Симонова, од еколошкото друштво Грин Орг од Кочани.

Оние кои продаваат цвеќе, објаснуваат дека денес луѓето по пат на интернет се информираат за својствата на различни сорти.

„Има видови на цвеќе што ги купуваат за прочистување на воздухот. Луѓето се информирани, знаат, читаат на интернет. Има неколку сорти, индијанското перо го бараат за во соба. Сите цвеќиња, растенија го прочистуваат воздухот. Природата самата си го прави своето“, додаваат од расадник „Славеви“ од Градско.

Веројатно најпознатото научно истражување за влијанието на растенијата врз хемиската чистота на воздухот го направи Националната аеронаутика и вселенска администрација. НАСА направи експеримент во 1989 година, а неговите резултати се цитирани до денес, а самиот проект е забележан во историјата на науката како исклучително влијателен. Истражувањето на НАСА идентификуваше 18 растенија кои најефективно го прочистуваат воздухот. Според НАСА, на 10 квадрати површина треба да има едно цвеќе, но наведено е дека постојат и растенија кои го прочистуваат воздухот, ама се отровни, односно тие не треба да бидат во близина на деца.

Сања Атанасовска


foto freepik.com