„Ја чувствувам толку блиска како да ја познавам цел живот“: Марјан Петров ја дотера Јасмин Леви достојно како за музичка дива

Добивај вести на Viber

Пејачката Јасмин Леви на 30 октомври одржа концерт во преполниот Сава центар каде на публиката ѝ овозможи првокласна музичка атмосфера изведувајќи добро познати хитови во нови, раскошни аранжмани, придружувани од Симфонискиот оркестар на Радио и Телевизија на Србија. 

Во придружба на громогласен аплауз и овации од публиката, Леви потсети зошто е едно од водечките имиња на светската музичка сцена во Сината сала на Сава Центар, со беспрекорни, но емотивни изведби на песни како „Cada dia“, „Abrazame“ или „Nathalie“.

Нејзината препознатлива заводлива „Медитеранска меланхолија“ повторно влезе во срцата на нејзините обожаватели, овој пат во Белград. Со богата позадина исткаена од Симфонискиот оркестар на РТС, Леви многу емотивно им пееше на белграѓани песни како „Historia de un amor“, „Me voy“, „Naci en Alamo“, „Una noche mas“, „Adio“ или „La alegria“.

Фото: Инстаграм официјален профил Марјан Петров/Јасмин Леви

На листата на отпеани песни се најде и нејзиниот неодамнешен сингл „Мујер“ со кој го најавува новиот истоимен албум и зборува за ранливоста, но и силата што жените ја носат во себе. За време на изведбата на оваа песна, Леви на жените од публиката им делеше бели рози.

Фото: Инстаграм официјален профил Марјан Петров/Јасмин Леви

По речиси двочасовен настап, израелската пејачка се прости од посетителите на Сава центарот изведувајќи бис.

Јасмин Леви на концертот носеше црно оверсајз одело која ја истакна нејизната препознатливост.

Фото: Инстаграм официјален профил Марјан Петров/Јасмин Леви

Сепак, за изгледот на Леви, се погрижи македонскиот мејк ап артист и стилист Марјан Петров.

Момчето чија кариера се искачува кон врвот на успехот полека но сигурно, ја имаше честа да се погрижи за изгледот на Јасмин Леви по втор пат.

Петров, за Женски магазин раскажа дека неговата соработка со Јасмин трае веќе две години. Тој ја спремаше и во Скопје кога Леви во април имаше концерт пред македонската публика.

„Овој пат, ова беше навистина посебен концерт, шоу во живо за цел свет. Сѐ започна од соработката со Јелена Томашевиќ во Дубаи. Таму ги запознав организаторките на овие светски настани“ - ни рече во куса изјава Марјан.

Фризерот и шминкер, вели дека Јасмин Леви „не е реална“.

„Премногу добра личност, мила, многу добра енергија и секогаш на мене и на останатите од тимот гледа да ни угоди и да ни биде се како што треба“ , вели Марјан додавајќи:

„Ја чувствувам толку блиска како да ја познавам цел живот, таа има нејзин стил по кој е препознатлива, Темни очи, специфична коса и по тоа се водам. Јас моментално сум во Белград на снимање емисија со неа, а спремам и некои нови проекти за оваа година“ , ни откри Марјан во изјавата.

Леви има милиони следбеници, телевизиски настапи на безброј емисии, вклучително и Later with Jools Holland, како и настапи во Сиднејската опера и други големи места низ светот.

Фото: Инстаграм официјален профил Марјан Петров/Јасмин Леви

Притоа, таа одигра голема улога во популаризацијата на старите песни испеани на еден од понејасните јазици во Европа. Причината за нејзиниот успех? Ѕирнете во кое било нејзино видео на YouTube ќе ви го даде одговорот на тоа. Леви има таков вид на егзотична убавина и моќен, душевен глас што може да донесе страст и романса во пеење на телефонски именик.

Родена е и израсната на Блискиот исток, кој го опишува како вистинска мешавина од народи и култури. Пораснала под влијанието на медитеранските култури, како и на разните музички влијанија од класичната музика до современиот џез кои успешно ги обединува во својот уникатен уметнички израз.

Фото: Инстаграм официјален профил Марјан Петров/Јасмин Леви

Една уметница која го остава срцето, душата на „терен“. Всушност целата се остава на публиката. Неприкосновена, доминантна, кревка и дива истовремено, а начинот и песните кои ги пее треба само да се доживеат, не се опишуваат со зборови. Во интерпретацијата, Леви го користи својот интензивен, моќен и драматичен вокал проследен со музика испреплетена со звуците на фламенко, ориентални инструменти и силни влијанија од културата во која пораснала.

Бројни светски награди и признанија, а Сандеј тајмс го именуваше нејзиниот „Sentir“ албум како еден од Топ 100 албуми во 2009 година и го стави во нивните Топ 10 светски музички изданија на годината.

Со концерт во Скопје на 7 април 2024 година во големата сала на Македонската филхармонија, изведувачката на безвременските хитови “Una noche mas”, “Alegria”, “Adio kerida” за првпат во својата кариера настапи и во Македонија.

Женски магазин тогаш имаше ексклузивна можност за интервју кое можете целосно да го прочитате тука.


Ирена Ставрова