ЕКСКЛУЗИВНО со светската музичка дива Јасмин Леви: Гласните жици ми се целосно создадени од тага
Кога тогаш непознатата Јасмин Леви беше забележана од нејзиниот менаџер Пол Бургер пред повеќе од една деценија, тој се пошегувал дека таа нема да продаде повеќе од 128 музички записи. Можеше да се разбере и зошто. Таа е вокал кој беше специјализиран за пеење полузаборавени песни на јазикот на ладино - јудео-шпанскиот од светот на сефардите, кој го зборуваат помалку од 150.000 луѓе.
Леви, може слободно да се каже, оттогаш продаде многу повеќе од 128 албуми и стана светска дива. Милиони следбеници, телевизиски настапи на безброј емисии, вклучително и Later with Jools Holland, и настапуваше во Сиднејската опера и други големи места низ светот.
Притоа, таа одигра голема улога во популаризацијата на старите песни испеани на еден од понејасните јазици во Европа. Причината за нејзиниот успех? Ѕирнете во кое било нејзино видео на YouTube ќе ви го даде одговорот на тоа. Леви има таков вид на егзотична убавина и моќен, душевен глас што може да донесе страст и романса во пеење на телефонски именик.
Родена е и израсната на Блискиот исток, кој го опишува како вистинска мешавина од народи и култури. Пораснала под влијанието на медитеранските култури, како и на разните музички влијанија од класичната музика до современиот џез кои успешно ги обединува во својот уникатен уметнички израз.
Една уметница која го остава срцето, душата на „терен“. Всушност целата се остава на публиката. Неприкосновена, доминантна, кревка и дива истовремено, а начинот и песните кои ги пее треба само да се доживеат, не се опишуваат со зборови. Во интерпретацијата, Леви го користи својот интензивен, моќен и драматичен вокал проследен со музика испреплетена со звуците на фламенко, ориентални инструменти и силни влијанија од културата во која пораснала.
Бројни светски награди и признанија, а Сандеј тајмс го именуваше нејзиниот „Sentir“ албум како еден од Топ 100 албуми во 2009 година и го стави во нивните Топ 10 светски музички изданија на годината.
Со концерт во Скопје на 7 април 2024 година во големата сала на Македонската филхармонија, изведувачката на безвременските хитови “Una noche mas”, “Alegria”, “Adio kerida” за првпат во својата кариера ќе настапи во Македонија.
Женски магазин ја имаше ексклузивната можност пред самиот концерт да направи интервју со неа и веруваме дека ќе се воодушевите од нејзините одговори:
ЖМ: Кога вокално се изразувате,
што се случува во вашите мисли, дали емоциите експлодираат, страста, жарот,
тагата, болката, или ...спокојот?
Изворот на мојата креација, најголемиот дар што го имам добиено во овој живот како уметник, е мојата тага. Би била многу несреќна без тагата.
Гласните жици ми се целосно создадени од тага.
ЖМ: Што значи ладино за вас? Дали ве обликува како личност и како?
- Ова се моите корени, истата храна што ја готви мајка ми повеќе од 50 години...и не дај боже да ја смени (се смее) Сум јадела во некои од најдобрите ресторани во светот, но храната на мајка ми е дом, оваа храна е наследство од сефардските Евреи кои биле протерани од Шпанија во 1492 година, ладиното е јазикот на овие луѓе, тој е целото мое битие, моите сеќавања, моите надежи, ме направи милозлива каква што сум, личност која не суди, ги цени и ги почитува различните од себе.
ЖМ: Кога сте на сцена, а публиката пред вас – каква порака ѝ пренесувате?
- Слобода. На животот, на бестрашен дух да бидеш оној што навистина си.
ЖМ: Имате неколку албуми на ладино, шпански и хебрејски во своите достигнувања и сте добиле високи пофалби за својата работа. Но, на кој јазик најдобро ги доловувате своите емоции?
- Хебрејскиот ми е мајчин јазик, но купувам млеко и шеќер на хебрејски.
Па, за жал, не ми е романтичен.
Подобро се изразувам на шпански, јазик на кој можам и да се скријам.
ЖМ. Какво е чувството да се настапува во Сиднејската опера и во Карнеги хол?
- Навистина не се сеќавам. Беше убаво. Големо достигнување тогаш, кога бев млада, сè уште е, но ништо од тоа не понесов со себе. Ништо не остана, ништо, освен две од најголемите сали во светот. Тоа не ми значи ништо денес.
Се сеќавам на првиот концерт што го имав во Узбекистан пред 20 години во едно многу сиромашно село со најпрекрасни и најкротки луѓе, каде што ми требаше тоалет и со голема почит ме одведоа кон дрвјата каде што се овците.
Со себе ги понесувам луѓето, а не името на салата.
ЖМ. Вие сте и амбасадор на добра волја за децата и мирот. Какво е вашето искуство во овој сегмент?
- Мора да се потсетиме. Луѓето го мразат она што не го знаат, се плашат од тоа и затоа напаѓаат.
Овие мали деца на Израел и Палестина треба да се запознаат, да се почитуваат, тогаш нема да се плашат едни од други, нема да напаѓаат, ќе научат да зборуваат, затоа тие се нашата надеж.
ЖМ: Што може да очекува македонската публика на вашиот концерт овде? Дали го оставате срцето на сцена?
Сè оставам на сцената.
Ништо не останува од мене, освен љубовта за публиката.
Ги поканувам да ми се придружат во мојот музички свет и на животното патување. Да полудат со мене во толку многу емоции. Ги повикувам да ми дозволат да бидам луда за нив ако нивната култура не им го дозволува тоа.
Небојша ТолескиФото: Инстаграм