Нови перспективи за развој на финансиските друштва со потпишување на меморандумот за регионална соработка и разбирање на конференцијата во Сараево

Добивај вести на Viber

На првата регионална конференција „Microbalkans 2024“беше потпишан Меморандумот за регионална соработка и разбирање како заокружување на волјата и иницијативите за понатамошна соработка и размена на најдобри деловни практики и развој на пазарот на Западен Балкан. Меморандумот беше потпишан од страна на претставници на микрофинансиските асоцијации и групации од 6 земји од Западен Балкан и тоа: Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Косово.

„Microbalkans 2024“ на едно место обедини повеќе од 200 претставници од финансиските институции, финансиски друштва и регулатори од целиот регион. Првиот конференциски ден заврши  успешно, истакнувајќи ги новите можности и предизвици на микрофинансискиот сектор, со акцент на иновациите и анализа на моменталната состојба на пазарот.

Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија  со дел од своето членство  Минт Финтек Груп, Иуте Македонија, Финмак, Флекс кредит, Кредисимо, М Кеш, Кредо Кард, Изи Фајнанс, Креди Јес, Оне Фајнанс и Фактор Ин, ја имаше честа да земе учество во панелите, претставувајќи ги интересите и достигнувањата на македонскиот микрофинансиски сектор.

Биљана Мишиќ, потпретседател на Групацијата и Извршен директор на Иуте Македонија, даде осврт на моменталната состојба на финтек друштвата на пазарот, особено по воведување на регулаторните промени. „Финтек индустријата изминативе години помина низа предизвици, пред сè во делот на законски измени и дорегулирање на пазарот од страна  на Министерството за финансии.Несомнено е дека финтек индустријата во Македонија доживува подем и има голем потенцијал, сè повеќе препознаена како финансиски сегмент и играч кој учествува во голема мера во економскиот одржлив развој, поддршка на општествените сегменти и ранливите групи, како и подобрување на финансиската инклузија и економскиот развој на регионот”.

На панелот за дигитализација модериран од Арлинда Муја, потпретседателка на Групацијата и главна извршна директорка на Финмак ДОО, беше споделена моменталната состојба со дигитализацијата на финансиските услуги во земјите од Западен Балкан. „Дигитализацијата на финансиските услуги е клучниот двигател во развојот на економијата. Иако различните земји се во различни фази на дигитална трансформација, сите чинители се соочуваат со слични предизвици“ истакна Муја. Според неа, клучните столбови за напредок во дигитализацијата вклучуваат регулаторно опкружување кое овозможува интеграција на услуги, достапна инфраструктура, подготвеност на пазарот и финансиските институции за имплементација на рентабилна дигитална стратегија. Таа додаде дека „само преку заедничка соработка на регулаторите, банките, микрофинансиските институции и давателите на решенија можеме да осигуриме успешен развој.“

Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва и генерален менаџер на Mint Fintech Group, зборуваше за дигиталната трансформација на македонскиот финансиски сектор. „Технологијата драстично го менува нашиот секојдневен живот и овозможува микрофинансиските институции да нудат поефикасни, поудобни и безбедни услуги на корисниците преку дигитални платформи,“ изјави Јошевски, потенцирајќи дека новите регулативи создаваат поконкурентна средина. Тој исто така ја истакна важноста на партнерствата помеѓу финтек компании и банки, наведувајќи го успешното партнерство на Mint со банка во Македонија и со VISA, кое овозможило зголемена достапност на финансиски средства за клиентите. Дополнително, Јошевски подвлече: „По сите дискусии и панели, сите се едногласни дека Македонија има една од најдобрите законски рамки за градење на здрав и квалитетен финансиски екосистем.“

Настанот беше организиран од страна на Асоцијацијата на микрокредитни организации на БиХ (AMFI) со поддршка од Европската Унија, а оваа конференција ќе послужи како платформа за размена на најдобри практики и воспоставување нови соработки меѓу регулаторите, финтек компаниите и финансиските институции, зајакнување на поддршката и пристапот до нови ресурси и капитал за регионот.

ПР објава