И јавните ликови се само луѓе па секоја тема е и нивна тема: Снеже Велков за новата сезона на „Нешто конкретно“

Добивај вести на Viber

Водителката и инфлуенсерка Снеже Велков и е добро позната на јавноста. Дамата со долга и секогаш уредна руса коса, искрената насмевка, софистицираните одела во најразлични модели и бои, дополнети со високи потпетици најавува нова четврта по ред сезона на ТВ проектот „Нешто конкретно“. Годинава емисијата која премиерно ќе започне во недела има нов слоган, нови гости, теми... Снеже за Женски магазин открива детали.

- Новата сезона ја почнуваме војнички ударно со тројца момци и една девојка - зaради баланс бидејќи велат дека жените три пати повеќе зборуваат од мажите. Темата е актуелна „Дали треба да се врати воениот рок“, а одговорите на гостите за мене сосема не очекувани, признавам емисијата доби поинаков тек од она што очекував и се надевав.

Инаку ова е четврта сезона по ред, а по традиција сезоната ја отвара актерот Гораст Цветковски нему му се придружува единствениот светски, а наш Владимир Четкар, Генералот Стојанче Ангелов и пејачката и модел Кристина Димитри. 

* Што да очекуваат гледачите поразлично годинава од емисијата, од вас како водителка?

- Новина е тоа што по барање на гледачите ќе траеме подолго бидејќи ни се случувало често да ни кажат „таман почна заврши емисијата“, па се надевам дека оваа сезона подолгата минутажа ќе ги задоволи вкусовите на публиката.

И оваа сезона ќе се обидеме да бидеме доволно провокативни за да не забележат, доволно инспиративни за да бидеме тема на муабет и доволно иновативни за да направиме промена и секако најважното да останеме на ниво на задачата.

А од мене како водителка очекувајте - Нешто конкретно. 

Во однос на слоганот на почеток теравме со: Конечно - “Нешто Конкретно“ за гледање на телевизија, па продолживме со “Нешто Конкретно“ позитивната страна на дебатните емисии, а оваа сезона некако природно се наметнува слоганот: Сите други се поткасти, само “Нешто конкретно “ е емисија...

* Ви пишуваат ли следбениците, ве прашуваат ли или советуваат: Ќе има ли нова сезона? Ви предлагат ли кои гости да ги поканете во емисија, какво прашање да поставите (што нив ги интересира)?

- Да пишуваат и гласот на публиката ми е многу важен. Посебно бидејќи станува збор за теми кои не‘ засегаат сите бидејќи и јавните ликови се само луѓе па секоја тема е и нивна тема.

Ја прашувам  публиката и директно каква тема да обработиме кого да го викнеме за гостин па имаме и дел прашања кои ги поставуваат гледачите .Така што комуникацијата со следбениците ми една клучна коцкичка во креирањето на мозаикот наречен „Нешто конкретно“. 

* Важите за дама која е секогаш убаво облечена особено за време на емијата, се облекувате сами или имате стилист?

- Благодарам. Јас сум од тие помалку е повеќе па одбрав тоа да биде онаа машка практичност. Одело на се иде. Наједноставно ми е и тука не можеш да направиш грешка. Не сакам да ме оптеретува облеката и изгледот туку фокусот да ми биде на содржината.

Инаку што се однесува до облеката сама сум си свој стилист, за сега.

* Малку надвор од темата „Нешто конкретно“. Не ретко знаете да си ја отворите душата на Инстаграм и да напишете искрена од срце порака, мисла.... народски речено она што ви лежи на душа. Од каде црпите инспирација и дали со ова навестувате дека можеби спремате ваша книга?

- Инспирацијата е секојдневието. Желбата е да не заборавам што сум мислела па да го запишам,идејата е да споделам па може некому да му се најде, како што и мене ми се наоѓаат убави мисли баш кога ќе ми затребаат.

А ако напишам книга еден ден ќе биде со наслов Еј Лепотице...


Н. Миланова