Ана Бунтеска: Секогаш ќе имам што да ти кажам
Секогаш, ама баш секогаш
Ќе имам што да ти кажам
Дури и тогаш
Кога ќе ми секнат зборовите
Или кога како со волшебно стапче
Ќе им се избрише значењето
Знаеш
Како што правевме кога бевме деца
Кога изговаравме нешто доволно долго
За повеќе да нема смисла
Та ни се чинеше
Дека зборуваме на некој друг јазик
Чии букви ни се прпелкаа
Како ментол бонбони
Кои ги туркавме со јазикот
Оти ни лутеа во устата
Или малку ни нагорчуваа
Јас секогаш ќе имам што да ти кажам
Со мислите
Во мислите
Ете така со тебе ќе муабетам
И во себе ќе се расправам со тебе
За нешто што е сосем неважно
Или ќе терам инает како и обично
Само што во мојава глава
Ти секогаш ќе се сложиш со мене
Колку и да знаеме двајцата дека грешам
И колку и да знаеме двајцата
Дека нема никогаш да ме послушаш
Секогаш ќе ти зборувам
Дури и тогаш кога усните сошиени ќе ми се
Од необјаснива болка или страв
Од тага по нешто што минало
А за кое знам дека нема да се врати
Или дека нема да се вратиш
Само се прашувам...
Некогаш така низ мене
Поминува помисла на притаен очај
Дали ќе можеш да ме чуеш
Кога душава ќе ти зборува
И кога срцево песни ќе ти реди
Дали од очиве ќе прочиташ
Тоа што ракава нема да знае
Или пак нема да сака да ти го напише
Нејсе
Некако се фаќам себеси како ми е сеедно
Дали ќе знаеш
Дали ќе умееш
Дали ќе можеш
И дали ќе сакаш
Да видиш и чуеш
Прочиташ и разбереш
Дека секогаш...
Дури и тогаш кога за љубење не си
Дури и тогаш кога за љубов достојна не сум
Дека секогаш...
Ама баш секогаш ќе најдам начин да ти кажам
Те љубам
Те љубам до небо, без назад
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска