Ана Бунтеска: на кантар срцата иста мера да ви имаат
Демек мажот гла’та на куќата бил
А жената вратот, та вртела кај што сакала
И демек мажот со строг поглед и викање
Сиот ред во куќата го клавал
А пак од друга страна
Демек вистинската жена
Знае кога да си ја зашие устата
И само со очи муабет на мажот да му прави
Кога да му донесе ракија на маса
И да му притури во чашката без да ѝ рече
А кога да ја заклучи со два катанци
Та тој викал до сабајлината
Таа да се преправа оти спие и не го слуша
Демек вистинска жена знае како да го земе
она што го сака
Со женска итроштина и умилкување
Та ќе трепка дур’ по нејзино не излезе
А ѓоамити мажот нема да ја сети
И на сила улав ќе се пра’и
Колку куќата од дом – пекол да не стане
Ех чупе
Од „демек“ гла’та ни се поболува
Од тоа што секој секому ум дели
Та туку раздава и раздава
Та за себе најмалку има
А бе пиле
Ами кај се видело гла’а без врат
А и вратот што ќе ти е ако гла’а на него не стои
И не е живејачката во надмудрување
Туку на кантар к’о ќе си ги ставите мислите
Да не претежнува на ниту една страна
На кантар срцата иста мера да ви имаат
А поганштилакот да ви тежи одвај некој грам
И ниту жената попаметна од мажот родена е
А ниту пак тој е од Господа посилен од жената
И не е умот негов во силата
Ниту нејзината сила во умот
Туку и на двајцата мудроста во душата им е
Или ја имаат или ја немаат
Ами трето нема
А тој што ја нема – ќе вика
И ќе се мурти за да добие нешто
Та ѓоамити ќе се поболува
И к’о на смртна постела аманет ќе си оста’и
За да му се исполни желбата
Така живот сам со себе не бива
А не па ко’ ќе се најдат маж и жена
Оти умни треба и тој и таа да бидат
И секој од линијата меѓу нив
Уште еден чекор наназад да се тргне
И да го гледа другиот за да го види
И да го слуша за да го чуе
Оти ниту со врескање разбирачка има
Ниту од суета чо’ек ќе прогледа
Ама пусти времиња
Пусти лоши времиња дојдоа
Та некако луѓето се забора’ија
А и веќе нема кантари
Од оние на кои уб’о се мереше
Ве изеде модерното
И ве изеде тоа што сакате нештата на лик уба’и да се
Та маж со жена се бирате по сурат
А после се чудите ко’ душите не ви се сакаат
Та и лико’ите ви огрубуваат
И срцата ви огрдуваат
Од „демек“
Од она демек сѐ знаете
А во гла’ите шупелки сите останавте
Оти јасно никако да ви стане
Оти без жена – маж не бива
И без маж – жена не белее
Од „демек“... од тоа се сакалдисувате