Д-р Миодраг Врчаковски за Кире Костов: Ми вети, но не ми ја исполни желбата да напишеш музика на текстот што ти го посветив
- Во шок сум! Не можам да поверувам! Не можам! Како гром ме погоди веста дека почина Кире Костов - ни изјави проф. д-р Миодраг Врчаковски кога го контактиравме. Не беше во состојба да зборува, за својот пријател и соработник со кој создадоа безброј безвременски хитови како „Летај галебе“, „Твоите очи, сине“, „Синот божји“, „Не биди слеп“, „Кој да ти каже“... Д-р Врчаковски како текстописец, а Костов како автор на музика и аранжман соработуваа 48 години. Ни вети дека ќе ни даде писмен одговор, а ние ви го објавуваме во целост.
„Мојот животен другар и соработник, генијалниот маестро, ГАЛЕБОТ мој Кире Костов, со кој цел живот летавме заедно низ времето собирајќи ги најубавите ноти, тонови и стихови, го заврши својот лет, прелетувајки ја онаа тенка, многу тенка линија од времето наречена живот, за конечно да се нурне во неуништивите и несопирливите простори на вечноста.
Галебе мој,
Започнавме заедно на фестивалот Скопје 77, со „Чудна средба“ и Алма Екмеџиќ.
Следуваа „Летај галебе“ и Верица Ристевска од фестивалот Опатија 1978, „Готово е ја се женим“ со Драган Мијалковски, од фестивалот Загреб 78...
Така започна сé!
Се нижеше низ времето ѓерданот од стотици песни, твои духовни рожби, кои јас ги закитував со текст.
По правило, доцна навечер ќе ми се јавеше по телефон, велејки:
„Микаело, сега доаѓам кај тебе дома. Ти ја носам музиката од новата песна... Мора вечерва да напишеш текст, утре снимаме!“
Со години ми го правеше тоа!
Така се родија најубавите наши песни. Многу од нив станаа евергрини!
Се сеќавате ли на „Твоите очи сине“ со Тања Кочовска, „Што те нема“ со Лидија Кочовска, „Дај да те сонувам“ и „Кој да ти каже“ со Каролина, „Во твојот поглед има“, „Не биди слеп“, „На твојот Образ“ со Цветанка Глигорова, „Манастирски сон“ со Пеце Огненовски, „Синот Божји“ со Тоше Проески, „Македонија“ со Група изведувачи и многу други.
Галебе мој,
Ми беше и главен композитор, инструменталист и вокалист во мојата емисија „Соул рели“ од нејзините почетоци 1977, сé до денешен ден. Понадарен композитор од тебе нема!
Ако мислиш дека конечно си се ослободил од мене преселувајки се во бескрајот на вечноста, опасно се лажеш.
Те заробив во моите музички спомени, во интервјуата, демо снимките, сонговите и песните што ги снимавме заедно и нашата заедничка одисеја ќе продолжи додека сум јас жив.
Галебе мој единствен!
Ми вети, но се уште не ми ја исполни желбата да напишеш музика за песната што одамна тебе ти ја посветив... Песна за тебе, за мојот галеб маестро КИРЕ КОСТОВ.
Дозволи ми да те потсетам на неа.
МАЕСТРО КИРЕ КОСТОВ
Бидете ми пријатели и здрави и живи
Во рацеве мои еве, држам едно Си-Ви
Кире Костов, полот машки, во Битола роден
и во Скопје преселен од судбина воден
Се вљубил на дваесет и некоја беше
Го усреки една Кармен, па пуштил и меше
Се вработил во МРТ, на труба да труби
И две ќерки компонирал, така Кире љуби
Потоа му дадоа диригентска палка,
Трубата ја закачи на закачалка
Роден е за музика, стана композитор
Не му беше потребен странски инвеститор
Рефрен:
Слушај ме, слушај, златна ле сестро
Кире е гение, тој е маестро
Тој е легенда со два три чира
Маестро роден да компонира
Слушај ме, слушај, златна ле сестро
Кире е гение, тој е маестро
Велат дека станал и познат и важен
По Летај ми летај Галебе мој тажен
Се вклучил во сите фестивалски шеми
Па почнале да се множат и тантиеми
Си дочека и пензија со крената глава
Но сеуште компонира, Кире не се дава
Полна куќа со музика, керки, внуци, жена
Секој ден кај него дома фестивалска сцена
Рефрен:
Слушај ме, слушај, златна ле сестро
Кире е гение, тој е маестро
Тој е легенда со два три чира
Маестро роден да компонира
Слушај ме, слушај, златна ле сестро
Кире е гение, тој е маестро!
Кире мој, легендо наша музичка Македонска.
Летот на ГАЛЕБОТ продолжува!
Маестро Кире Костов почина по подолго боледување, на 73 годишна возраст, во Скопје. Како трубач досега има снимено преку триста минути солистичка музика од областа на џезот, популарната музика, класичната музика и друго. Како солист има учествувано во многу емисии на кои што се изведуваа разни автори-солисти од сите ТВ куќи во бивша Југославија од Љубљана до Белград, изведувајќи нагова музика во која што секогаш преовладува македонската мелоритмика.
Како диригент на Танцовиот оркестар на МРТВ(1988) за нејзините потреби има реализирано снимки од преку триста наслови.
Автор е на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот. Од областа на популарната музика има околу тристотини наслови како композитор и аранжер.
Беше долгогодишен член на Сојузот на композитори на Македонија.
С.А.Н