„Да кажеме дека овде е идеално - ќе излажеме“: Николче за животот во Германија и логоата со македонски мотиви кои ги креира и продава за сонародниците
Николче Талевски од Демир Хисар безмалку 4 години како е преселен и живее во Германија со сопругата од Украина, Јулија со која уживаат во растењето на синот Тадеј.
Тој е дипломиран економист, а моментално во Германија работи во фабрика за автомобилски делови во местото Иллинген, во близина на Штутгарт.
Јулија пак отвори мини приватна детска градинка, а по преселбата таму, од неодамна започнале и свој бизнис.
„За наша среќа, работите овде се одвиваат во нагорна линија на скоро сите полиња. Постојано имаме по нешто ново, бидејќи и двајцата, и јас и Јулија сме такви кои не застануваат. Во однос на работата, јас сè уште работам во фабрика за автомобилски делови, а Јулија од скоро започна нова работа, нешто како мини приватна детска градинка. Мораше да посетува курс и да исполни одредени услови, за што сум посебно горд на неа“, вели Николче додавајќи за себе дека не е човек кој може да седи во комфор зона.
Кога двајцата партнери се исто амбициозни, малку е потешко, но сепак со договор и поставување на приоритети се успева.
-Морам нешто да истражувам, учам и создавам. Долго време трагав по некој свој производ кој самиот ќе го промовирам преку креативни видеа и фотографии. За почеток, мотивиран од нашите македонски песни и книги, дизајнирав логоа кои би посакале да ги имаат нашите сонародници низ Европа. Наместо да бараме донации, одлучивме да ги пласираме гореспоменатите производи и на тој начин, кој сака да ги купи, да ни помогне и поддржи во она што го правиме. На старт е добро, потребно е време и истрајност како и за секоја работа. Најважно од сè е дека самиот го трасирам патот и ги учам процедурите. Со ова добивам јасна слика каде да се движам со развојот, на што да обратам внимание и во што да вложувам. Патот ме носи кон графички дизајн, за што веќе и се запишав на академија. Потоа ќе следи изучување на дигитален маркетинг, значи еден пакет кој е потребен за онлајн трговија. Периодот кој следи ќе биде повеќе за личен развој-додава нашиот соговорник.
Николче и Јулија се активни и на социјалните мрежи преку Јутјуб канал.
„Се трудиме колку што можеме да држиме чекор со огромниот развој на технологијата и интернетот. Откако сме заедно со Јулија, постираме по нешто на социјалните мрежи. Навистина тоа ни е интересно и нѐ прави среќни. Со тек на времето, како што се зголемуваат следачите на сите социјални мрежи, почувствував дека е потребно нешто ново, промена на контентот. Така започнав со неколку теми кои опфаќаат фамилијарни вредности, бизнис, мотивација, спорт, патување и сè друго што ние го сметаме како правилна вредност. Искрено, сега не гледам на заработка бидејќи што и да заработам, се реинвестира во опрема, контент и личен развој. Ме радува фактот што имаме поддршка од многу луѓе кои го препознаа нашиот вложен труд и искреност. Исто така, почнуваат и поголеми фирми и поединци да се обраќаат за реклама и рекламен материјал. Еден од поновите проекти е и моето снимање емисии на YouTube со наши Македонци кои се занимаваат овде со некој бизнис, нудат некоја услуга, со еден збор, се амбициозни. Многу сум горд на тоа бидејќи запознавам прекрасни луѓе од кои многу учам и се мотивирам, а верувам дека и сите оние кои ги гледаат видеата ќе извлечат многу позитивни работи“, открива Николче.
А, што е со животот во Германија, колку се навикнале на животот таму за тие четири години , Николче вели дека ќе излаже ако каже дека е иделано.
„Да кажеме дека е идеално - ќе излажеме. Но, тоа што е убаво и сè уште не држи тука е организираноста, еднаквоста и ценењето на трудот. Токму преку видеата на YouTube сакав да се покаже и слушне колку има успешни Македонци во странство. Можеби некој ќе се запраша зошто тие истите не го прават тоа во Македонија и да слушнат поради кои позитивни работи сме се одлучиле да се преселиме тука, а сме ги немале дома. На почеток ни кажуваа дека за добро вклопување во системот ќе бидат потребни 4-5 години и тоа го потврдувам“, вели Талевски.
Ирена.С.