Да се љубиме дур живи сме
Една од најубавите песни кои сум ги напишала е токму
за љубовта која треба да ја имаме и живееме додека сме на овој свет. Оти после,
откако ќе нѐ нема сѐ е џабе. И нашето опејување некаде, восхитот, жалењето
и оплакувањето. Откако матната ќе однесе човечки живот, џабе се муабетите во
кои ќе се зборува надолго и нашироко кој каков човек бил или колку во последно
време не бил свој во комуникација. Жал ми е што одвреме навреме повторно се
навраќам на оваа тема и што за моја уште поголема жал, имаме и за што да
зборуваме.
Жал ми е што медиумите во потрага по сензации, не научија што значи респект кон нечија смрт и нејзиниот удар врз семејството на починатиот. Шпекулациите станаа храна во ова парче земја во кое со денови ќе се преџвакуваат деталите и секој ќе додава нешто свое, за после неполн месец сите да си го тераме нашиот филм, воопшто не помислувајќи дека шокот останува кај најблиските до крајот на нивниот живот. Бомбастичните вести, со уште побомбастични наслови за да привлечат кликови и читања станаа репер за онаа вечна битка чиј портал или весник ќе е најчитан.
„СЕНЗАЦИОНАЛНО“, „СКАНДАЛОЗНО“...се само дел од оние наслови кои во широк круг ги одбегнувам. Тука ги ставам и оние кои отпосле се посипуваат себе со ѕвездениот прав од пепелта на починатиот, па ставаат патетични статуси на социјалните мрежи. Да се разбереме, не ви паѓале на ум дур биле живи. Точка. Можеби и сте ги сретнале, сте се прашале формално како сте и толку. Можеби и сте ги забележале дека биле отсутни или несреќни, ама не ви било важно. Не е туку така кажано она „секоја планина-своја тежина“. Вашите проблеми се најголеми и најважни. И тоа можам да го разберам. Ама не ја разбирам потребата отпосле да се бавите со нешто што воопшто не ви било интересно додека не се појавила „сензационалната“ вест. И ако ве интересира, да! Лута сум. Лута сум затоа што животот си минува, а ние ништо не сме научиле. Колкумина од вас познаваат некој што полека тоне? Кога последен пат сте покажале грижа и емпатија? Или само што сте го одминале, сте си го терале вашето или ви бил/а тема на разговор со најдобрата другарка додека го мешате ручекот!
После колумната „Д како депресија“, добив едно чудо пораки во инбокс. Не, не можам да си играм докторка со вашите животи и да ви помогнам. Не сум стручна. Можам да ве исчитам, да споделам со вас мое искуство и болка, да ви кажам кого познавам што е стручен за ви помогне. И толку можам, толку знам. Не сакам да направам поголема белја отколку да помогнам, со тоа што ќе делам совети кои некогаш и за себе ги немам. Ама тука сум. Тука сум за да знаете дека некогаш и мене ми е исто како и вам. Дека не знам што со себе, дека ми е преку глава од сѐ, дека едвај наоѓам сила и храброст да го поминам денот. Дека умот на кој му се восхитувате какви песни прави, знае да ми биде најголемиот непријател и да ме однесе некаде каде што не само што не сакам, туку и едвај издржувам.
Исто знам дека многумина од вас, ако не ме прочитаат вака кога го кажувам тоа, не ни знаат дека И ЈАС ИМАМ панични напади, имам и состојби кои не знам веќе како да ги дефинирам. Дали се умор или депресија, дали се нормални или ненормални. Кога ќе ме сретнете гледате блага насмевка, топлина во очите и ќе чуете убав збор. Ете, тоа е веројатно вашата перцепција за сите кои ги среќавате. Го гледате само она очигледното. Исто и јас кај сите вас, со кои сум имала чест да се ракувам и врзам 5-6 збора.
Не сте ми и не сум ви во душата за да знам што се случува, или вие да знаете за мене. Се познаваме преку песни и колумни. Додуше, вие мене повеќе, оти јас без влакна на јазиков си кажувам што ми е и како ми е. Тоа е мојот начин да си го спастрам умот. Имам пријателка која фантастично готви. Тоа е нејзината „терапија“, за да е со себе и да се преслуша и продолжи понатаму. За баба ми знаете, плетеше. Најдете го својот начин, за да допрете до мирот. И ако тоа не помага, побарајте помош. Не е срамота. Не е воопшто чудно. Како што имате доктори за тело, има и од оние кои се задолжени за вашиот ум и душа. И верувајте, некогаш се многу поважни од оние првите. Она што човек може да си го направи со умот е чудо. Може телото да си го поболи, да згасне како свеќа. Барајте помош!
Излезете од рамките на малограѓанштината и простотилакот. Онаа од втори спрат не е воопшто важна во вашиот живот за да се потресувате ако ве види како излегувате од нечија психолошка или психијатриска ординација. Ако ставам на кантар дали ми е мислењето на некој таму важно во споредба со тоа колку ми е важно да ме крепи умот, немам двојба што ќе одберам. Застанете на страната на сопственото ментално здравје и стално памтете дека само додека сте живи и здрави, имате шанса за борба со демоните кои сите ги имаме.
Сум одела на трансакциона анализа што ми има многу помогнато да извлечам од себе што е она што ме мачи и да си расплачам мајка од анализи и барање корени и решенија. Не ви делам ум и не ви давам совети. Ви кажувам дека ако јас можев и можам да се справам со себе, можете и вие. Сите, без исклучок.
Следен пат кога ќе се сретнете со некој што го познавате, не бидете површни ако забележите дека нешто не е во ред. Ако ништо друго најдете начин да ги алармирате најблиските. Најголемата глума е токму пред нив. За да не забележат дека нешто не е како што треба. Ако можете да приметите дали некој има нова фризура или фустан, потрудете се да забележите дали некој има празнина во погледот.
А вие, драги мои медиуми олабавете малку со сензациите. Туѓата трагедија или болка не ја гледајте само како начин за да ви се зголеми хонорарот или да сте најчитани. Бројките на читаноста на вашиот текст кој ќе изобилува со пикантерии е и бројка со која се мери тагата на оние кои се во роднински врски со предметот на вашата вест. И не заборавајте дека во животот сѐ се случува. Дека откако ќе напишете блуеници, навечер си ги гушкате децата и родителите, саканите. Дека не знаете дали и тие еден ден ќе бидат тема и вест во некој друг медиум. Кроце малку. Почитта и вниманието не линат многу, ама многу значат.
И ЈАС ИМАМ...и не се срамам да кажам. Чувајте се и чувајте ги оние околу вас. Кревки сме, луѓе сме. Не треба многу за да се скршиме.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не сум од оние
кои на умрените чест им прават
по цркви ретко одам
скоро никогаш (да сум искрена)
не постам
ниту пак знам молитви
не знам да пресметам 40 дена
ниту пак адетите ми се блиски
јас сум од оние
кои на живите чест им прават
и кои на свој начин
покажуваат колку љубат
од оние сум кои немаат срам да кажат
или да напишат јасно и гласно
“ТЕ САКАМ”
кои знаат да плачат на туѓа болка
и да се смеат на туѓа радост
како нивна да е
така радува и така пече
јас сум од оние кои не играат игри
и во чии очи се’ се чита
питома и тивка
кротка како приспивна песна
и која кажува кога нешто не и’ е по ќеф
па се расправа ко дете
за после бурата ко јагне да те гледа
и некој ќе рече дека за овој свет не сум
а којзнае
можеби сум само на поминување
до целта, до она за кое навистина сум жива
а кога ќе умрам
тогаш не сакам помпи и церемонии
ниту чест сакам да ми правите
ниту црнини да се носат
сакам да е весело и шарено
и не, не правете ми тогаш чест
ниту 40 да ми вадите
ниту пак сакам да тажите
по купишта коски и гнило месо
не сакам така
сакам
сакам да се сакаме дур тука сме
дур живи сме да се милуваме
нежни едни со други да сме
и убав збор да си кажеме
дур тука сме
дур живи сме
срцата во љубов да си ги истркаламе
како гурабии во прав шеќер
мирисни и слатки да ни се
дур тука сме
дур не’ има
дур живи сме
да се сакаме
да се сакаме