Дарија се бореше за живот посилно и од мене: Приказната на Александра Младеновска, мајка на предвремено родено дете

Добивај вести на Viber

Денес е Светски ден на предвремено родени деца. Прематуритетот е актуелен глобален проблем кој сѐ повеќе се става во фокусот на здравството. Во некои случаи може да биде фатален, но некои предвремено родени бебиња се здрави и нормални како и другите. „Женски Магазин“ одлучи одблизу да ви ја пренесе приказната на Дарија Младеновска, родена со само 1680 грама кон крајот на седмиот месец од бременоста. Благодарение на посветените лекари од Аџибадем Систина, по 32 неизвесни ноќи, родителите Александра и Мартин конечно заминаа во семејниот дом со нивното прво чедо. „Нема поубаво чувство од тоа да си дојдеш дома со полни раце љубов и среќа“, раскажува мајката на Дарија која по преживеаните шокови собра храброст со нас да ја сподели животната битка со среќен крај.  

* Дали ги правевте сите потребни испитувања во текот на бременоста и кога првпат почувствувавте дека нешто не е во ред?

- Со оглед на тоа дека ми беше планирана бременост, немаше поредовен пациент од мене. Мојот гинеколог почна и да се шегува со мене дека по породувањето ќе ме вработат кај нив. По потврдниот резултат за бременост одев на редовни контроли еднаш неделно или во две недели. Првите три месеци ги поминав супер. Одев на работа, немав никакви потешкотии и функционирав нормално. Проблемите почнаа во четвртиот месец од бременоста кога добив крварење. Веднаш заминав во болница каде вечерта со примање соодветна терапија се смири. Оттогаш бев на строго мирување со станување само до тоалет.

* Што точно се случи?

- Во седмиот месец од бременоста некаде на половина месец добив контракции и повторно бев хоспитализирана. Примав соодветна тарапија, но и по четири дена контракциите не се намалуваа. Тоа доведе до одлепување на постелката, прскање на водењакот поради што итно со брза помош бев пренесена во болницата Аџибадем Систина и породена со царски рез за половина час колку што имаа и време докторите за да успеат да нѐ спасат двете.

* Како го преживеавте првичниот шок? Што за Вас беше најголем предизвик по предвременото породување?

- За шоковите многу не сакам да зборувам. Денес се трудам да не мислам на нив и да ги оставам зад мене. Сите тие моменти ги поминав со мајка ми која секогаш во тој момент се наоѓаше до мене и ми беше најголема поддршка и извор на сила. Најголем предизвик по предвременото породување ми беше силата и борбата на мојата Дарија. Секојдневно си велев дека морам да издржам и да бидам борец барем половина од тоа што е таа. Од самиот почеток и во сите тешки и критични моменти најголема верба, покрај вербата во Бога, имав во мојата Дарија. Чувствував дека она е посилна и од мене и дека нашата врска нема да се прекине, освен пресекување на папочната врвка.

* Најважната битка е извојувана. Како Ви поминуваат првите денови со Дарија?  

- После месец дена одалечени од неа, за нас овие денови сега се денови на живот. Сега сфакаме за што се трудиме, издржуваме и за што живееме. Зошто смислата на животот за нас е Дарија. Нема поубаво чувство од тоа да си дојдеш дома со полни раце љубов и среќа.

* Кој е Вашиот совет за мајките кои во моментот поминуваат по истиот пат?  

- За жал, денес е сѐ поголем бројот на предвремено родени бебиња и на мајки кои мора да го искусат потешкиот пат. Како што јас првиот ден гледав мајки кои си заминуваа дома со своите најмили, а за нас само што почнуваше борбата, така и кога јас заминував оставав мајки кои штотуку ја почнуваа таа борба. Морам да кажам дека имав многу голема поддршка од мајки кои го поминале овој пат, кои секојдневно ми даваа сила и надеж, а јас на сите би им порачала да бидат силни колку и да е тешко. Доволно е само да го погледнат своето малечко да ја видат таа сила, борба, издржливост и желба за живот. Тие толку големи карактеристики собрани во едно мало битие кои ќе бидат и повеќе од доволно за да им помогнат да го изодат овој пат, да соберат сила и да се борат заедно со нивните мали борци, зошто на крајот од патот среќата е неопислива.

* Дарија е Ваше прво дете. Дали со сопругот размислувате во иднина и да го проширите семејството?

- Во иднина, здравје Боже и дај Боже, Дарија секако би сакала да има братче или сестриче, а никогаш не се знае, може и двете (се смее).


Од денови на неизвесност до комплетна адаптација

Дарија Младеновска е родена во 31 гестациска недела, со итен царски рез, поради животозагрозувачка состојба и за мајката и за бебето - абрупција на плацентата или одлепување на постелката. Предвременото раѓање, одредени актуелни состојби кај мајката (инфекции, гестациски дијабетес) и незрелоста на бебето биле причини за долгиот престој на Дарија на одделот за интензивна нега и теапија.

- Неподготвеноста за надворешниот свет, Дарија ја покажа многу бргу по раѓањето, со развој на респираторни потешкотии. Првично зависна од високи проценти на кислород, а потоа и потреба од механичка вентилација. Во периодот што следеше и покрај сите превземени мерки за стабилизација и лекување, настапи очекувана, но несакана компликација - пневмоторакс, прскање на белодробното ткиво. Појавата на оваа компликација како и сѐ уште неразвиеното белодробие, значително го продолжи процесот на лекување. Лекувањето на оваа на кондиција бара мултидисциплинарен пристап, за што беше дополнително ангажиран и торакален хирург. Редовно беа следени сите параметри за виталноста на бебето - ни раскажа Станка Танчева Крстевска, доктор педијатар во Аџибадем Систина.

Д-р Станка Танчева Крстевска, педијатар

По повлекувањето на масивната инфекција на белодробието и пневмотораксот, Дарија навлегла во период на подобрување на опшата состојба и белодробна функција. Понатаму следувал период на заздравување и целосна адаптација на надворешна средина.

- Следуваше период на адаптација со мајката, нега и исхрана, под будното око на целиот тим на одделот. После 32 дена, на радост на нејзините родители, но и на сите нас кои учествувавме во нејзиното лекување, Дарија си замина дома - завршува Танчева Крстевска.

Ѓорге Стојанов