Дарио за најголемата победа во животот: Растев и се борев сам, станав урбан човек со прекрасно семејство и музичка кариера

Своите емоции ги преточуваше во ноти и стихови, создаваше песни подеднакво добри и квалитетни, кои ги освојуваа и етерот и публиката. Стануваа хитови, а со текот на времето и евергрини. Ги сакаа и пееа не само неговите врсници, туку и генерациите кои доаѓаа. Затоа, не е воопшто зачудувачки фактот што легендарниот поп- пејач Дарио ќе одржи два концерти на 17 и 18 февруари во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот. Со нив спектакуларно ќе обележи голем јубилеј - 40 години на естрадата. А, организаторот на настанот Авалон прдулција – 30 години активност на музичката сцена.

* Ако имате искрена публика која ги сака вашите песни, времето не може да ве фрли во заборав. Резултатот од тоа се два јубилејни концерти. Што ќе ѝ понудите на публиката?

- Многу убава констатација, затоа што навистина имам една „моја“ фантастична урбана публика која отсекогаш знаела да почитува, да поддржува, бурно да искажува емоции и да не го заборава она што претходно било искрено напишано и отпеано. И тоа трае со децении до ден денес. Токму за нив се и овие два ексклузивни јубилејни концерти на кои ќе им понудам многу емоции, сентименталност, малку носталгија. Но, и многу радост, енергија, весела, разиграна и експлозивна атмосфера со многу познати рефрени за заедничко пеење.

* Голем број хитовски рефрени ја обележаа вашата кариера и не можат да се сместат ниту во целодневна програма. Како го правевте изборот на песни кои ќе бидат на репертоарот?

- Е тоа е една моја комплицирана и слатка обврска, кога треба од еден куп песни да ги одбереш баш оние вистинските во најтесниот избор. Се трудам тоа да бидат оние најпроверените и најдокажаните песни, кои предизвикуваат најмногу емоции и еуфорија кај публиката. Но, по некое непишано правило, секогаш на крајот има две-три неотсвирени кои баш биле нечии омилени. Што е тука е, ако и овој пат има такви, ќе ги спремиме за некоја наредна прилика.

View this post on Instagram

A post shared by DARIO (@dariopankovski)


* Каква е енергијата на пробите?

- Вообичаено, првите проби се секогаш малку посериозни, со повеќе концентрација и фокусираност на детали. Но, штом ќе ги „нагазиме“ песните пробите преоѓаат во забава и вистински концерт пред концертот.

* Постои изрека дека животот почнува во 40 година, тогаш се станува подобро, појасно, знаеме што сакаме, а што не. Какви се размислувањата кога се слави кариера од 40 години? Ве притиска ли помислата „старееме ден, по ден“? 

- После толку години навистина сега повеќе знам што сакам и што не сакам, а и појасни ми се плановите за мојата музичка кариера. Неизбежен, неумолив и суров е фактот дека „старееме ден по ден“, но многу зависи и од перцепцијата на тој факт и од кој агол гледаш на тоа. На пример воопшто не се оптеретувам премногу со тоа, во главата и во срцето сè уште ги имам моите 30 години.


* Ако се направи пресек на вашата богата и успешна кариера забележливи се миговите кога комплетно се тргавте од сцената. Бидејќи важите за градски човек, кој не навлегува во конфликти дали тоа го правевте со намера  да се одморите од задкулисните игри и хедонистички да си се посветите себеси. Или постоеа луѓе и ситуации кои ве демотивираа и ве натераа на некаква апстиненција?

- Никогаш не сум сакал неправди, навреди, непочитување и маргинализирање на нечиј искрен, докажан и потврден труд и успех. Кога мене лично тоа ми се случувало, сум се повлекувал привремено од естрадата во знак на мирен револт и сум се посветувал на некои приватни убави активности кои ме правеле среќен. Кога доаѓаат дивите, ги бркаат питомите и воспитаните, така било отсекогаш.

Што беше пресудно толку долго и успешно да опстојувате на сцената? Која беше вашата ѕвезда водилка во најкритичните моменти?

-Токму во тие најкритични моменти секогаш преовладувале и победувале огромната страст кон музиката, кон создавaње нешто ново и уште подобро, огромната канализирана енергија, адреналинот, но и многу балкански инат!

* Модата во 80-те беше специфична, за некои невкусна. Кога ги гледате фотографиите од тоа време на вашите почетоци, како реагирате?

- Самите 80-ти беа фантастични со својата еуфорија и оптимизам. Модата беше револуционерна, атрактивна, чиста и храбра, со многу естетика. Оние што мислат дека таа мода била невкусна немаат појма од живот и мода. Горд сум на сите мои фотографии од тоа време, затоа што од нив просто зрачи елан, нова енергија, иновативност и гледање кон иднината.


* Ја чувате приватноста, интимата, метафорички кажано како „змијата нозете“. Да направиме исклучок со прашањето кој период од животот не би сакале никогаш да се повтори?

- Комплетниот детален и болен одговор на ова прашање постои во песната и видео записот за „Човек без спомени“.

* Кои беа вашите победи?

-Тоа што растев сам, созревав сам, се борев со животот сам и израснав во еден културен воспитан и урбан човек кој создаде едно прекрасно семејство со сите вистински вредности и кој генерално сам создаде една 40 годишна успешна музичка кариера, му се допаѓало или признавало тоа на некој, или не.

* Лани ја омаживте ќерката, пуштивте ли некоја солза како резултат на помешани чувства?

- Да бидам искрен, со години претходно бев убеден дека не солза, туку водопад ќе има кога ќе дојде тој чин. За некое чудо, тој ден не испуштив ни една единствена солза, веројатно поради возбудата околу организацијата да помине сè како што треба, па едноставно немав време да им се препуштам на емоциите. Можеби и подобро.

* Како е вашиот син. Колку музиката е дел од неговото секојдневие?

- Мојот син е врвен графички и веб дизајнер кој работи со повеќе еминентни и повеќе од успешни компании на глобално ниво, но активното свирење и гитарата ги остави од поодамна, па сега музиката му е само релаксација додека ги реализира своите проекти.

Соња Алексоска Неделковска