Денес е голем и тежок празник - Крстовден: Се верува дека ја открива иднината

Добивај вести на Viber

Луѓето родени на овој ден се верува дека на своите јаки рамена ја носат сенката на Светиот крст и затоа се особено одговорни за своите постапки пред Бога.

Денес е голем празник, денот кога беше пронајден и ископан Светиот крст на Голгота и денот кога беше вратен од Персија во Ерусалим. Овој празник се нарекува и Возвишение на Светиот крст.

Се слави двапати во текот на годината, 18 јануари и 27 септември. Претходно, луѓето строго се придржуваа на постот на овој ден. Во некои села се одржуваат и панаѓури.

Стар обичај на нашите простори е на овој ден добитокот да се премачкува со катран во знакот на крстот за да се заштитат од болести. Народот  верува дека змиите мируваат на Крстовден и дека веќе не се низ полињата.

На овој ден, луѓето во црквата осветувале босилек, грозје, жито и јаболка. Овој осветен босилек се чувал со икона, а подоцна служел за разни заздравувања.

Се верува дека какво е времето во текот на Крстовден таква ќе биде и годината, односно:

- Ако е облачно на Крстовден, зимата ќе биде богата со снег, а ако е суво, следната година ќе биде суво.

- Ако до Крстовден ластовичките не заминат на југ, нема да биде многу студена зимата.

- Тивкиот дожд на Крстовден предвидува блага зима.

- Грмотевица на Крстовден навестува плодна година.

- Ако на Крстовден е облачно, зимата ќе биде снежна. Ако денот е ведар, тогаш зимата ќе биде сува и студена. 

Вообичаено е на Крстовден да се собере и освети босилек. Некои семејства го слават овој празник како куќна слава.

Повеќе за Крстовден:

На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Јерусалим. Обиколувајќи ја Светата Земја, светата царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христа. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, што на Голгота го подигна царот Адријан. Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да познае кој од трите е Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот. А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживеа. По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов Крст, чесен и животворен. Потоа истиот го положија врз една болна жена и жената оздраве. Тогаш патријархот го крена крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пееше: „Господи помилуј!“ Царицата Елена направи ковчег од сребро и го положи во него Чесниот Крст. Подоцна, кога царот Хозрој го зазеде Јерусалим, многумина ги одведе во ропство, а Крстот Господов го однесе во Персија. Во Персија Крстот лежеше четиринаесет години. Во 628 година, грчкиот цар Ираклиј го победи Хозрој и со слава го поврати Крстот во Јерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носеше Крстот на своите плеќи. Но, одеднаш застана и не можеше да зачекори ни чекор. Патријархот Захарија виде Ангел којшто му попречуваше на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по кој Господ одеше бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објави на царот. Тогаш царот се слече, па босоног и во бедна облека го зеде Крстот, го изнесе на Голгота и го положи во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет.

Фото: денови.мк/ фреепик

Извор: денови