Денес е Лазарeва сабота: Лазарките мора да ви испеат песна, а вие да ги наградите

Лазарова сабота или Лазарици или Лазаровден — еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус којшто е променлив празник и секогаш се паѓа еден ден пред Цветници, кои се точно една недела пред најголемиот празник Велигден. На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. Овој настан бил на шест дена пред предавството и убиството на Христос на Голгота. На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците. 

Во нашата земја со Лазаревата сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Од раните утрински часови групи девојчиња облечени во традиционална невестинска облека одат низ населените места и пеат лазарски песни. Лазарките му пеат посебна песна на секој човек зависно од неговата возраст и општествената положба и за тоа добиваат дарови, најчесто пари и јајца. Во овие песни се велича личноста, се посакуват напредок на семејството здравје и среќен живот на поединецот. Овој обичај се нарекува Лазарување.

На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците. На овој ден обично се оди на река и се вели: “Колку далеку го фрлив овој камен, толку подалеку да биде змијата од мене”.

На овој ден се бере цвеќе, но не се внесува дома, туку важно е да се остави во дворот. Со цвеќето се кити домот, а со водата каде стоело се замиваат домашните.


Житие:

Светиот Лазар, брат на Марта и Марија, беше родум од Витанија, близу Јерусалим. Во време на својот живот на земјата Господ Исус Христос често го посетуваше домот на Лазара, кого многу го сакаше и го нарекуваше Свој пријател (Јн. 11: 3, 5, 11). Кога Лазар умре и веќе четири дена се наоѓаше во гроб, Господ го воскресна од мртвите и тоа чудо се празнува на денот наречен „Лазарева сабота“. Многумина Евреи откако чуја за тоа, дојдоа во Витанија и се уверија во воскресението Лазарево, та станаа следбеници Христови. Затоа првосвештениците сакаа покрај Исуса Христа да го убијат и Лазара. По своето воскресение, светиот Лазар живееше уште 30 години. Беше епископ на островот Кипар, каде што го ширеше Христијанството. Таму, на Кипар, мирно се упокои и е погребан во градот кој поради гробот на светиот Лазар денес се нарекува Ларнака, што значи „кивот“. Во 898 година византискиот император Лав Мудри (886-911) ги пренесе неговите мошти во Константинопол и ги постави во храмот кој го носи неговото име.


Фото: denovi.mk/freepik