Денес се празнува иконата на Пресвета Богородица Троеручица: Почитувајте го овој обичај

Добивај вести на Viber

Денес православните верници го чествуваат денот на иконата на Богородична Троеручица.

Оваа света и чудотворна икона на Пресвета Богородица најпрвин му припаѓаше на свети Јован Дамаскин, кој живееше во VIII век по Христа. Во тоа време, Дамаск беше дел од исламската држава - Омејадскиот калифат, а Јован беше службеник кај калифот. Кога во соседното христијанско Источно римско царство се појави ереста на иконоборството, тогаш светиот Јован Дамаскин се покажа ревносен заштитник на светите икони. Заради тоа, безбожниот иконоборен цар Лав III Исавријанец го наклевети Јована пред Калифот за божемно ковање завера против калифот, заради што на Јован како казна му беше отсечена десната рака. Но, Јован измоли од калифот да му ја дадат отсечената рака, и, откако ја доби, се молеше пред оваа икона на Пресветата Богомајка за исцеление. Молејќи се долго пред иконата, Јован заспа пред неа. На сон му се јави Богомајката и му ја врати отсечената рака на нејзиното место, оставајќи само видлива лузна на кожата, на местото каде што беше пресечена, како сведоштво за чудото. Од благодарност за исцелението, светиот Дамаскин направи рака (поточно дланка) од сребро и ја додаде на иконата, која од тогаш е наречена „Троеручица“ (или „Трирачица“). Кога го виде тоа, калифот сфати дека Јован бил лажно обвинет и сакаше да го задржи на претходното место каде што службуваше, но Јован одбра да замине во манастир и отиде во лаврата на свети Сава Освештен, помеѓу Ерусалим и Мртвото море, каде што се замонаши, а со себе постојано ја имаше оваа чудотворна икона на Пречистата Богомајка. Светиот Сава Освештен им имаше оставено завет на своите монаси, неговиот игуменски стап и неговата икона наречена „Млекопитателка“ (или „Млекохранителка“) монасите да му ја дадат на оној монах кој ќе дојде да се поклони во лаврата многу години после смртта на свети Сава Освештен, а кој ќе го носи истото име – Сава, и при чие доаѓање ќе се придвижи игуменскиот стап. Пред својата смрт, светиот Јован Дамаскин кон овој завет ја приложи и иконата Троеручица да биде предадена заедно со останатите работи. Очекуваното знамение се случи во XIII век, кога во лаврата дојде свети Сава, првиот Српски архиепископ, и при неговото доаѓање се придвижи игуменскиот стап на светиот Сава Освештен. Така, свети Сава во Србија ги донесе двете икони и игуменскиот стап. Од тогаш иконата Троеручица се чуваше во дворецот на Српските владетели. Кога Српскиот цар Душан беше крунисан во Скопје, се смета дека и иконата Троеручица беше донесена во Скопје, каде што остана до крајот на XIV век, кога беше пренесена во манастирот Студеница, во централна Србија. Во XV век, овој манастир стана мета на нападите на турските освојувачи, па монасите се решија оваа икона да ја заштитат со тоа што ќе ја препуштат на Божјата волја. Ја ставија на едно магаре и го оставија само да оди. Магарето го помина целиот пат преку Србија и Македонија и стигна до Света Гора, пред манастирот Хиландар. Хиландарските монаси со радост ја дочекаа иконата и свечено ја внесоа во манастирскиот соборен храм на Воведението Богородично. Подоцна, кога во Хиландар настана спор околу изборот на игумен, светата Икона Троеручица самата на чудесен начин дојде на игуменскиот трон. Отците, мислејќи дека некој таму ја донел, ја вратија во олтар, но ова се повторуваше трипати, и тие сфатија дека е тоа е волјата на самата Пресвета Богородица, па ја оставија на игуменското место, каде што стои до ден денес. Таа се смета за игуманија Хиландарска, и не се бираат други игумени, туку само проигумени (односно заменици). И денес, сите монаси од иконата земаат благослов за сите служби и за сите работи во манастирот. По молитвите на Пресветата Владичица наша Богородица Господ нека нè помилува и спаси. Амин.

Најголемото чудо „Троеручица“ го прави во душите на верните поклоници. Нејзината величествена, девствена фигура, полна со наклонетост и сериозност, ги тресе срцата на благочестивите поклоници, мистериозно се втиснува на семудрата душа и ја води кон духовна обнова.

Пресвета Богородица, како милосрдна Мајка, преку присуството на својата света икона го прави најголемото чудо – спасението на своите чеда во Христа. Како Богородица, треба да ѝ се молиме синовски да им ја олесни болката, маката и страдањата на сите, особено на православните, и на сите оние кои со солзи и крв многупати платиле за нивната истрајност во православната вера.

За крај, да се потсетиме на зборовите од една химна до Богородица што треба да ги рецитираат сите мајки за среќа и здравје на своите деца: „Сите ѝ се поклонуваме молејќи се: не заборавајте го сродството, Богородице, на сите верни кои го почитуваат светиот лик на вашата икона“.


Фото: денови.мк