Денес се слави Покровот на Пресвета Богородица: Празник за жените кои не можат да имаат деца, но и за немажените

Добивај вести на Viber

Православните верници денеска го одбележуваат празникот Покров на Пресвета Богородица како спомен на случката кога Богородица се јави меѓу народот собран за молитва, за време на богослужба.

Празникот е познат под името Покров, Богородичен покров или Женски празник. Го слават жените за полесно да раѓаат и одгледуваат деца. Тие кои немаат деца на овој ден се молат да добијат.

Ако девојките сакаат среќно да се омажат, на денешен ден одат во црква и се молат. Задолжително со себе носат крпа, која ја даруваат на црквата и ѝ се молат на Богородица да им ги вкрсти патиштата со идниот младоженец.

Порано, на овој ден, девојките подготувале колачи кои ги чувале покрај креветот, за да ги привлечат мажите во куќата.

Мажените жени на овој ден купуваат хризантеми, ги ставаат пред вратата за да привлечат среќа, љубов и фамилијарна благостостојба.

* Отсекогаш Црквата ја прославува Пресвета Богородица како покровителка и заштитничка на христијанскиот род, Којашто со своите застапнички молитви Го смилостивува Бога кон нас грешните. Помошта на Пресвета Богородица како кон поединци така и кон народите, како во мир така и во војна, како во монашките пустини така и во многужителните градови се покажала очигледна безброј пати. Настанот којшто Црквата го споменува и празнува денес го докажува тоа неотстапно покровителство на Пресветата Дева над христијанскиот род. На 1 октомври 911 година во времето на царот Лав Мудриот (или Философ), имаше сеноќно бдение во Богородичната црква Влахерна во Цариград. Црквата беше преполна со народ. Во задниот дел стоеше свети Андреј Јуродив со својот ученик Епифаниј. Во четвртиот час од ноќта над народот се појави Пресвета Богородица со распрострен омофор на рацете и со таа облека како да го покриваше народот. Беше облечена во златна порфира и целата блескаше во неискажлив сјај, опкружена со апостоли, светители, маченици и девици. Гледајќи го тоа видение свети Андреј му покажа со рака на блажениот Епифаниј и го праша: „Ја гледаш ли, брате, Царицата и Госпоѓата над сите, како се моли за сиот свет?“ Епифаниј одговори: „Ја гледам и се восхитувам!“ Заради ова се востанови ова празнување, за да нè потсетува како на тој настан така и на постојаното покровителство на Пресвета Богородица, кога тоа Нејзино покровителство, тој покров молитвено го бараме кога сме во неволја.

Извор: Денови.мк