Димитар Андоновски и Александар Тарабунов со музичка порака: Ќе преживееме
Долгогодишното пријателство и заедничките настапи резултираа со дует -темата „Ќе преживеам“, која Димитар Андоновски и Александар Тарабунов ја промовираа пред медиумите со видео издание. Двајцата се потписници на музиката, текстот и аранжманот на песната која во брз ритам, со убава мелодиска линија и певлив рефрен-гаранција дека ќе си го пронајде својот пат до публиката.
Димитар Андовски истакна дека со Тарабунов речиси секој викенд настапуваат во Битола во Кабарето „Голд Фелиција“. Ги врзува и големо пријателство.
-Дојдовме до идеја дека треба да оставиме нешто заедничко. Спотот го изработи новата продукциска куќа „7 7 Ентертејмент“, а режисер е Владислав Гавриловски и се надевам дека со него ќе имаме уште многу успешни соработки – вели тој и дополнува дека во Македонија може да се живее од музика, за оној што ја сфатил како бизнис или начин на егзистенција. За жал немаме некои големи ѕвезди, меѓутоа кога некој се труди и снима, кога има некакво име во естрадата, мислам дека и побарувачката за пеење по настани, концертни настапи, приватни забави се зголемува. Мислам дека се живее од музика- вели Андоновски и дополнува дека првенствено треба да си ја почитуваме нашата музика, како што тоа некогаш било пракса.
- Сега некако сѐ послабо е присутна во медиумите и се надевам дека тие ќе имаат повеќе слух за македонската музика, повеќе ќе придонесат сето она што се работи, што се создава ново од пејачите, од младите автори коишто творат, дека ќе го добие своето место. И државата треба да помогне во тоа. Сметам дека имаме квалитетна музика. На артистите им е потребен малку мотив, малку поголема поддршка, за да работат малку поконтинуирано. Да нема паузи, да не се издаваат само една или две песни во текот на годината, туку кога ќе осетат некаква поддршка, кога ќе видат дека тоа функционира. Верувам дека многу ќе се снима, ќе се работи и дека тоа ќе добие еден полн сјај како што треба – посочува тој..
Ако работиш напорно и го живееш вистински филмот музика, можеш да преживееш – е ставот на Александар Тарабунов.
-Тоа е начин на живот, содаваш музика, со која настапуваш и ќе заработуваш. Моментално сум ангажиран со пет работи поврзани со музика. Во моето музичко студио, кадешто творам, кабарето во Битола, кадешто настапувам со бендот, работам во Националата Опера и Балет како хорски уметник. Луѓето мислам дека се желни за македонска музика. Мислам дека има многу млади луѓе коишто сакаат да творат македонска музика, коишто се на некој начин горди на неа и ја промовираат и надвор. Наше е само да работиме, да бидеме сериозни, да создаваме квалитетна музика, квалитетни спотови, коишто ќе можат да ги гледаат и надвор од Македонија. На тој начин ќе се создаде конкуренција и сите ќе создаваат поголем квалитет – вели Тарабунов и открива дека и е поубаво да пее своја музика на настапите.
-Уживам додека настапувам пред публика, тогаш сум најсреќен. Нова љубов ми е продукцијата и компонирањето, бидејќи среќа е кога тој момент на инспирација ќе дојде спонтано, а кога тоа што си го создал ќе зазвучи, пресреќен сум. Како да ми се родил син или ќерка. И двете ми се предизвик и мислам дека нема да престанам до крајот на животот тоа да го работам. Како што кажа Димитар имаме квалитетна музика. На артистите им е потребна поголема поддршка и од медиумите и од државата за да работат континуирано. – заклучува Тарабунов.
Текст и фото С.А.Н