ДИШЕМЕ ЗДРАВО, СЛУШАМЕ ЈАСНО, УЧИМЕ УСПЕШНО - СО КНАУФ

Добивај вести на Viber

Денес во ООУ “Коле Неделковски” во Скопје беше претставенa донацијата која е дел од проектот „Дишеме здраво, слушаме јасно, учиме успешно - со КНАУФ”, кој има за цел да ја подобри акустиката во училниците во кои учениците го поминуваат поголемиот дел од наставата, како еден од клучните фактори во подобрувањето на успехот на учениците. Дел од кампањата беше изработка на акустични уличници во едно средно, четири основни училишта и една градинка во различни делови на Македонија.

“По повод одбележувањето на 25 годишнината од постоењето на Кнауф во Македонија, а поаѓајќи од фактот дека добрата акустика е неопходна за разбирлив и јасен говор на наставникот, го започнавме овој проект со кој сакаме учениците, наставниците, родителите како и сите засегнати страни да ги увидат придобивките од следењето на настава во училница која е изработена по светски стандарди за акустика, со примена на плочите Кнауф Cleaneo. Кај нас, за жал, училниците не се акустички третирани поради што многу ученици често не успеваат да ги разберат предавањата и се откажуваат од следење на настава. Истовремено, во училниците без акустика имаме зголемена бучава која е напорна и за наставнците и за учениците. Со овој проект сакаме да ја подигнеме свеста, да ги поттикнеме и останатите компании и институции да се вклучат во заложбата за подобрување на условите во образовните институции и сите заедно да допринесеме за поквалитетно образование”, изјави Велимир Петровски, раководител на продажба во Кнауф Македонија.

“Сакам да ја изразам мојата благодарност до КНАУФ Македонија, што овозможи и основното училиште „Коле Неделковски“ да биде дел од еден убав и корисен проект како „Дишеме здраво, слушаме јасно, учиме успешно – со КНАУФ“. Како градоначалник, на врвот на приоритетите ми е образованието на најмладите. Тоа е столбот врз кој почива нашата иднина и иднината на нашата држава. Нашата, мојата обврска, е училиштата во Центар на учениците да им овозможат настава по европски услови и тие да служат за пример и на другите училишта во земјата.

Овој проект и оваа акустична училница нека бидат мотив плус за нас, возрасните да продолжиме да работиме секојдневно на подобрување на условите во основните училишта, а за децата, да имаат успешна и корисна настава”, изјави Саша Богдановиќ – градоначалник на Општина Центар.

“Благодарност до градоначалникот г-дин. Саша Богдановиќ што ни овозможи да бидеме дел од овој проект и до регионалниот директор на Кнауф, г-дин. Тодор Деловски за донацијата во нашето училиште, а се со една цел да се обезбедат квалитетни услови во наставата. Во оваа училница се реализира наставата по музичко, хор и оркестар, како и изучување на странски јазици а придобивката од проектот се состои во тоа што звучната акустика е подобра, а звукот е полн и целосен”, изјави Светлана Масларевска – директор на OОУ Коле Неделковски.

Освен одличната акустика, плочите Кнауф Cleaneo го прочистуваат воздухот во училниците. Благодарение на зеолитот плочите Cleaneo ги разградуваат штетните материи и испарувањата во воздухот и придонесуваат за поздрав амбиент во училниците и поголема концентрација кај учениците.

Проблемот со лоша акустика инаку е присутен не само во образовните институции, туку и во јавните објекти, деловните простории, хотелите, рестораните, болниците итн. Ова е еден мал чекор кон подобрувањето на условите за учење на нашите деца, но и будење на свеста за овој проблем кај стручната фела. Конечно, сите ние комуницираме преку звук.