Драгица Петровиќ живее и работи во Лондон како ВИП шофер,присутна е и на Вимблдон: Од дете се борев со рахитис и си ветив - кога ќе ми се исправат нозете ќе си одам од Македонија, поради односот на луѓето

Добивај вести на Viber

Драгица Петровиќ – Дани има 48 години, и од 2007 година живее во Лондон.

Од нејзината животна приказна може да се заклучи, дека ако имате волја, желба за живот, амбиции, ќе ги совладате сите животни препреки колку и да се тешки. Како бебе на деветмесечна возраст добила дијагноза – рахитис на двете нозе. Имала 10 операции, за да и се исправат нозете.

- Господ ме создал со многу позитивна енергија и сум голем борец. Му благодарам на Бога. Уште како дете цело време велев: „Еден ден кога ќе ми се исправат нозете и кога ќе оздравам, ќе избегам од овој простотилок што ме опкружува.“ Кавадарци е мало место, со многу малограѓанство и луѓето секогаш правеа да се чувствувам неубаво. Тоа многу ми пречеше. Секоја чест на исклучоците. За жал тие се во помал број. Секогаш бев поинаква од сите, во секоја смисла на тој збор, вели Петровиќ која во почетокот работела како фризерка.

- Последните осум години работам како ВИП возач. Возам богати семејства во Лондон и надвор од градот, како и во цела Велика Британија и Европа. Тоа се семејства, кои редовно ми прават букинг, а некои денови ги возам како ad jobs, односно платена сум на час, за да бидам цел ден со нив. Летниот период има многу тури за Париз, Шамони Мон Блан, Единбург, Манчестер, како и во Германија и Италија. Возам мој автомобил и сама сум свој газда. Имам соработка со многу компании кои постојано ми нудат работа.  Инаку споредба со Македонија нема, тука сѐ е подруго, како друг свет . Е, сега, сѐ зависи и од нас, какви желби и потреби имаме. Досега 12 пати сум била во Македонија и тоа мислам дека кажува сѐ. Дури и мајка ми и татко ми ги донесов тука и сега сите сме заедно. Тие си ги уживаат пензионерските денови. А, јас малку работам, малку уживам. Искрено многу ми е убаво. Си имам мој стил на живот и многу сум активна. Одам на вежбање, на пливање, сакам едноставно убави и квалитетни работи – открива Драгица

Во почетокот живеела во дом 15 минути оддалечен од Вимблдон. Работата не и дозволила да биде присутна на мечевите на најпознатиот турнир. Таа желба и се остварила дури годинава.

- Чувството да се биде на таков евент е прекрасно. Многу емоции, многу убав народ од цел свет. Вимблдон е еден од најголемите евенти во Лондон. Тоа е цел комплекс, за кој е потребна влезница, која чини 27 фунти. Во самиот комплекс има и музеј и продавници каде каде што можат да се купат сувенири или спортска опрема со знаците на Вимблдон тенис. Што би рекле старите, има од игла до локомотива. Во самиот комплекс има и многу ресторани, продавници за брза храна, разни пијалоци и сето е многу украсено, со многу цвеќиња, тениски рекети и топчиња. Народот убав, дотерани се со шешири, капи. Во самите терени е многу чисти. Има многу вработени и навистина е беспрекорна организацијата за сѐ - вели Петровиќ за тамошната атмосфера.

-Има многу паркинг места, како и влез 10, каде што некои луѓе спијат во шатори навечер, за да бидат на списокот за наредниот ден, да земат карти во првите редови. После тоа се отвораат вратите во 10 часот наутро и луѓето почнуваат да си купуваат карта за влез во комплексот. Во меѓувреме од организацијата ве прашуваат дали сакате карти за терен 1 или за терен 2 или за Централниот терен, кадешто игра Ѓоковиќ и сите најдобри тенисери. Секој нареден круг цените се поскапи од претходно. Картите може да се купат и онлајн, но се многу скапи. Нас нѐ интересираат само картите за Централниот терен, зашто сме големи фанови на Ноле и одиме само за него. Во меѓувреме додека почне тој да игра,  може на истиот Централен терен да ги гледаме сите натпревари што се тој ден. Вакви карти може да се добијат од луѓето што, на пример, го откажуват присуството во последен момент или биле на само на еден натпревар и си одат. Затоа овие карти се многи евтини – вели таа.

Имала привилегија да се фотографира со Новак  Ѓоковиќ и не ги штеди убавите зборови за него.

-Многу е непосреден и културен човек. Има многу убава енергија и со право е број 1. Тој има одлично однесување, беспрекорна игра, ментална сила и концентрација. Кога е на терен, тој е вистински професионалец и прекрасен човек пред сѐ.Каде што игра Ноле, таму сум и јас. Или со другарки или со мајка ми. Инаку со мајка ми Цветанка многу сме авантуристи и сакаме да шетаме. Секогаш кога имам време, одиме некаде на убави места – открива Драгица..


Соња Алексоска Неделковска