Еден студен декември ми ги скрши душата, срцето и крилјата: Починатата медицинската сестра Ирена постхумно доби плакета за особен и хуман придонес

Добивај вести на Viber

Ирена Дојчиновска Милошевска, дипломираната медицинска сестра, која работеше во ЈЗУ специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина 13 Ноември Скопје, постхумно доби плакета за особен и хуман придонес за развој на институцијата.

Ирена беше една од медицинските лица кои ја загубија битката со короната.

Инаку специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“-Скопје вчера прослави јубилеј од 65 години постоење.

Сестрата на Ирена, Марија Дојчиновска Спасовска посвети емотивни зборови за својата прерано почината сестра.

„Еден цел живот ми фалиш на празници, делници, свадби, раѓања, во борби кои како лавица ги минувам храбро така ме научи ти. И не, не сум веќе тоа исплашено девојче кое не ја губеше надежта дека е заглавено во некој лош сон и дека кога ќе ги отвориш очите ти ќе си тука, но сè уште … длабоко во себе верував дека тука си, ме чуваш, не чуваш сите и ми даваш сила да ги минам полесно сите мои борби кои ми ги носи животот. Те чувам во мојата осаменост, во широката насмевка, те будам во мислата на твоите внуци на кои им фалиш премногу. Те чувам во мојата мисла кога носам важни одлуки, живеам во соништата, во честата тахикардија, во стравовите од загуба оти за мене ти беше и остана единица мерка за болка која нема крај … И уште 100 пати да се родам, пак ќе те барам, пак ќе ми требаш, ќе ме болиш … Еден студен декември ми ја скрши душата, срцето, очите, рацете, крилјата. Тажна душа која продолжи лавовски да се бори со многу радости, борба со многу таги Ирена моја. Најубавите луѓе што ги познавам се оние кои преживеале пораз, поминале низ страдања, знаеле да се борат, прифатиле загуба и го нашле својот пат надвор од себесожалување. Таквите личности имаат непроценлива вредност, чувствителност и разбирање за живот што ги исполнува со емпатија, благост и длабока грижа полна со љубов. Убавите луѓе се реткост таква беше ти“, стои во објавата на сестрата на Ирена.

Марија зборуваше за големата загуба и болката која ја чувствува за нејзината сестра во Женски магазин.