Експерти советуваат: Дали треба да им плаќате на децата околу домашните работи

Според едно истражување, 83% од родителите кои на своите деца им даваат џепарлак, сметаат дека тие треба да го заработат со извршување на домашни работи. Меѓутоа, повеќе експерти за родителство не се сложуваат со тоа. Рон Либер, автор на книгата „Неразгалени“, смета дека ако на децата им давате пари во замена за извршување на домашни работи, еден ден тие можат да одлучат дека пари не им требаат и да престанат да ги извршуваат целосно. 

Џејн Нилсен, авторка на „Позитивна дисциплина А-Ш“ исто така верува дека џепарлакот и домашните работи мора да бидат разделени. Џепарлакот може да се користи во образовни цели, а домашните работи едноставно мора да се работат. Дури и познатата книга на доктор Спок од 1945 година ги поучува родителите, џепарлакот да го користат за да ги научат децата за располагање со парите, а не за да ги натераат децата да работат по дома. 

Децата треба да учествуваат во одржување на домаќинството, едноставно затоа што е потребно. Парите можете да им ги понудите само ако сакате да направат некоја дополнителна работа, на пример ваша. 

Истражувањето покажало и дека 34% родители на своите деца не им даваат џепарлак, но експертите сметаат дека и тоа е грешка. Како што мора да се качите на велосипед за да научите да го возите, така и со располагање на пари може да се научите само ако ги имате. Дури и ако живеете на раб на сиромаштија, секогаш може да одвоите по некој денар за тоа. Што се однесува до моментот кога треба да почнете да им давате пари на децата, експертите велат-тогаш кога децата почнат да ги сфаќаат парите и да поставуваат прашања за нив. На младите деца џепарлак може да им давате неделно, а  возрасните би требало да се навикнат добиениот износ да го развлечат на цел месец.

Прашањето над сите прашања е – колку? 

Американците обично го делат бројот на години на детето со два и така го сметаат неделниот џепарлак. Секако дека е важен и критериумот и финанската состојба на родителите. Износот би требало да биде доволен за ситници, додека за покрупни работи детето би требало да штеди и така се вежба за животот. На возраст помеѓу 13 и 16 години, почнете полека да им префрлате на децата за сите нивни купувања, така што ќе им давате онолку џепарлак колку што трошите на нивните потреби како на пример облека, телефонски сметки и други лични трошоци. Сите се сложуваат во едно, подобро е да се вежба со пари и да се прават грешки на 13 отколку на 23 години.