Ели Танасковска: Внуката од Канада ме бара во 3 наутро, ја чувам онлајн и измислувам приказни

Добивај вести на Viber

Ели Танасковска од МРТ, една од нашите најграциозни дами од јавниот живот, која е долги години на ТВ, ја доби наградата за за посебни вредности, културна афирмација и трајна вредност на јубилејното 25 издание на „Избор за најуспешни жени менаџерки“ , во организација на Агенција Марили. Ели вели среќна што повеќе од една деценија е дел од овој настан.

-Сведочев како низ години се пробива и афирмира женското претприемништво. Жени со интегритет, визија, вештини. Храбри жени, кои не се плашат да ризикуваат, да повлечат напред. Жени кои ја повикуваат помладата генерација да ги прифатат предизвиците и да создадат свој свет на вредности, свој бренд. Бидејќи манифестацијата беше избор на жени, кои знаат да менаџираат и управуваат , мојата улога беше да дадам уметнички белег. Се трудев, жената да ја прикажам како инспирација, со фокус на ласер кон работата , семејството. За мене успешната жена е и воин и миротворец и доилка и стражар , калемена срека на радост. Растрчана меѓу состаноци, на високи потпетици, договори, градинки, разнесување деца по часови за танц, пливање, музика. Последна легнува , прва станува. Сончева страна на секој оптимизам, со максимална доза да го добијат најдоброто, зашто работат најдобро и очекуваат најдобро. Тие се феникс, чувство и облик различен. Умеат да го извадат мечот Ескалибур , кога на другите не им успева. Активен креатор на беспрекорното!“, ни изјави Танасковска, со која израснаа многу генерации следејќи ја на националниот ТВ сервис.  


-На сите манифестации, ми приоѓаа, жени, амбасадори, познати личности , прашувајќи од каде се инспиративните текстови. Некогаш кажував дека се мои , некогаш премолчував. Вистината е дека , од жените , насекаде околу мене , во сите професии бирав по некој модел за инспирација. Јас бев почестена што се најдов во друштво на четири дами кои создале свој бренд на распознавање и оригиналност интегритет и посебност. Сава Димитрова , некогашен генерален директор на „Европа“, прекрасната , Весна Ѓиновска Илкова-опрска певица- соперан,  првенка на нашата опера и глас кој поврзаува континети. Дрита Рамадани Ќерими- директор на националната галерија и јас како дел од МТВ, која успева на медиум да ги раскаже успешните приказни. Убаво е кога некој ве вреднува. Но , за мене е најубаво , кога искрено во срце ме допираат честитки од мои колеги и колешки со кои ја споделувам својата радост! Благодарам , што ми направивте чест“, ни изјави Ели. За себеси, таа вели дека е среќна жена, мајка на две ќерки, Леона и Симона, која со своето семејство живее во Канада. Среќата на Ели е комплетна кога семејството ѝ е на купче, а за жал својата ќерка и нејзината најсакана внука Избела не ги видела цела година.

-Цела година, како цела вечност да е. Требаше да појдам во јануари, се воведе карантин во Канада. Потоа , април. Воведоа хотел кој воопшто не беше ефтин. Сега, искрено се надевам дека ќе заминам во септември. Симона работи од дома. Додека се подготвува Изабела во градинка , јас сум задолжена за онлајн чување. Измислувам приказни, пееме  заедно додека сама си мие заби и се облекува. Додека го чека татко ѝ, Изабела ми раскажува како поминува  во градинка и со другарчињата. Собрав материјал за неколку книги со вистински раскази и песни за заспивање. Многу ми фалат, многу. Но некако , пресилна е радоста и очекувањето дека скоро ќе се прегрнеме“, ни раскажа Ели.

-Јас сум ѝ достапна секогаш. Изабела некогаш ме бара и во 3 изутрина. Никогаш не ѝ велам , спијам! Станувам, палам светло и си играме игри која таа ги сака. Со Симона сум на вибер секој ден по неколку пати. Таму ми се моите најдобри другарки, пријателки. Ми се јавуваат редовно, се гледаме. Како да се со мене“, додава таа за далечината која не ја спречува да ја одржува блискоста со најмилите.


Многумина забележуваат дека Ели во последно време изгледа одлично. Ги намали вишокот килограми, и со целокупниот свој имиџ и стил изгледа подмладено. На прашањето, како се негува, таа вели: 

-Без многу пари. Од 25 години одам на козметичар еднаш месечно. Тоа не чини многу, окоу 600 денари. Не пушам , не пијам и тоа е моето уживање. Понекогаш, кога ќе пишам како се негувам , читам и негативни коментари , во смисол, премногу ставила хијалурон во јаболчниците. Посакувам да одговорам, кога бев мала токму заради нив, во училиште ме викаа „ златен делишес“ и јас на сите слики од основно не се смеев , да не ми излезат уште поголем. Но, не можеш да им се допаднеш на сите. И да полемизираш. Варирам со килограмите. Лесно добивам и лесно ги губам. Ми фали пливањето, зашто тоа тренирав долги години. И секоја прилика на езеро во било ке доба не пропуштам да испливам , добра стаза. Во ова време  на губење вредности, наметнување некои нови. Во глобализација кога се наметнува едно исто да им се допадне на сите. Јас сèуште мислам дека традицијата, семејството, квалитетот и добрината , секогаш ќе бидат правилна патека за среќен живот“, ни раскажа Ели која годинава го коментираше преносот на „Евросонг“ во живо на МТВ., па муабетевме и за ова искуство.

-Сите што воделе Евросонг , знаат колку е потребно подготвување, сериозност и барање информации. Досега сум имала искуство со детскиот Евросонг, со Сан Ремо, Избор на светска убавица. Додека коментираше мојата колешка Каролина, бев поддршка во мастер. Во случај да паднат линиите, или некоја техничка пречка ,да седнам и да коментирам. Секогаш се трудев да ја расположам, зашто знаев дека е под притисок, со полна концентарција и подготовка. Кога си на местото на настанот имаш прилика да бидеш присутен на сите настани, пресови, да добиваш материјали. Јас, сето тоа го следев онлајн. Стотици напишани листови, информации, детали. Останатото , сама го барав. Улогата на коментатор е да бидеш официјален, ненападен , со допадлив смирен глас. Да ги приближиш сите факти кои гледачите не можат да ги видат. Се обраќам и на слушателите, па треба млку поописно да пристапам . Искрено, кога коментирам од тука , МТВ , мене ми е полесно“, вели Ели за додава дека ѝ е важно што имала убава комуникација со техничарот, што просторијата е голема и може да комуницирам со него. Во овој случај, нема опасност од технички испади, кои се секогаш можни.


-Се трудев да не се повторувам, да дадам убави приказни за сите претставници, да создадам атмосфера , оние кои се дома , да уживаат во цел настан. Ги следев пробите, костимските проби, генералните проби, пресовите- онлајн.  Мило ми е што добив многу убави пораки, дел пишаа и јавно. Јас , секогаш ги почитувам моите колеги. Не ми е тешко да се посоветувам, да побарам совет. Се слушав и со Миланка, со маестро  Костов, Врчаковски. Добивав пораки од познати пејачи , автори, колеги. Лично сметам дека секоја земја, треба да пее на својот јазик, да има претставник кој ќе биде избран од публика и жири. Еве, можност да видиме дали Санремо ќе се преплете во Евросонг, следната година“, ни раскажа Ели.


Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски, приватна архива