Елизабета Ѓоргиевска за Женски магазин: Сопругата на претседателот не е само лик во протоколот

Добивај вести на Viber

Веќе 15 месеци е прва дама на Македонија, но тој израз не сака да го користи зашто се залага за еднаквост. И натаму е професорка на Стоматолошкиот факултет и стоматолог на Клиниката за детска и превентивна стоматологија. И натаму прима пациенти и држи предавања и испити. Поттикна повеќе иницијативи, особено во пандемискиот период, за сензибилизирање на јавноста околу значајни прашања од нашето живеење.

Во 2014 беше првата сопруга што се вклучила непосредно во предизборната кампања на својот сопруг, претставувајќи ја пред гласачите неговата приватна страна. Стево Пендаровски стана претседател при вториот обид, во изборите 2019.

И тогаш и во други прилики, при секое појавување го привлекува општото внимание – со дискретниот филигрански изглед, секогаш внимателно заокружен, и со одмереноста на искажаните ставови, секогаш добро обмислени.

Со Елизабета Ѓоргиевска разговараме за статусот сопруга на претседателот и за можностите со него да се предизвика позитивна промена. 

*Како влијаеа овие 15 месеци поинаков живот врз Вас и дали променија нешто во Вашиот начин на размислување?

- Во основа, тешко го менуваме и карактерот и однесувањето во 50-ите години од животот, сметам дека сме веќе оформени личности со сопствени ставови и уверувања. Ваквата позиција ми овозможи поблиску да се соочам со проблемите за кои знаев дека постојат, но, сепак биле надвор од мојот видокруг. И да, согледувајќи многу од нив, секако, се јавува желба да направам нешто што е во рамките на моите можности за да се решат или барем да се олеснат ваквите ситуации.

*Сопругите на претседателите одамна веќе не се само тоа. Најголем исчекор веројатно направи Мишел Обама, која со својата сегашна активност, дури и го надминува својот сопруг. Колку се обврските на првата дама протоколарно наложени, а колку одраз на нејзините лични интереси? И дали Ве предизвикува тој општествен ангажман?

- Да, голем број на сопруги на претседатели, освен Мишел Обама, дури и од поодамна, би ја споменала Еленор Рузвелт, биле и сѐ уште се повеќе  отколку лик во протоколот на одредени настани. Освен што се занимаваат со хумантирана работа, мислам дека поважниот момент можеби е свртувањето на вниманието кон одредени состојби или случувања во општеството. Иако кај нас нема некаков „правилник“ за тоа што сѐ спаѓа во обврските, сепак, мислам дека станува збор најмногу за лични преференции. Навистина, претставува предизвик да се влијае на подигнување на свесноста за одредени проблеми, особено од позиција на човек кој не се занимава со политика.

*Се вклучивте во повеќе иницијативи (едукативни, наменети за деца, насочени кон женски прашања...). Дали со нив се дефинирани областите што лично Ве интересираат?

- Бидејќи мојата работа како детски стоматолог подразбира работа со деца и со ранливи групи, тие секако се моето прво и, според мене, најзначајно поле на интерес. Па, во овој контекст, за време на пандемијата сакајќи најмладите да го засакаат читањето, заедно со „5+ фамилија“ ја започнавме иницијативата „Раскажуваме заедно“, во која со повеќе истакнати личности од јавната сфера читаме приказни, најмногу за развојот и успехот на поединци кои оставиле силна трага низ историјата. Во рамки на проектот #ЧитањетоЕСупермоќ со Литература.мк одржавме работилница со цртање и разговори за детски книги. Работам и на подигнување на свеста за правата на жените и младите во општеството, а особено на алармирање на поединците и институциите во случаи на родово-базирано и семејно насилство. За време на пандемијата, активно работев на подигнување на свеста за опасностите од новиот коронавирус и како да се однесуваме во овие тешки времиња за сите. Една од моите заложби е и волонтирањето како форма на општествена одговорност, која треба да се практицира уште од најмали нозе, и во прилог на тоа, волонтирав во Црвениот крст на Град Скопје на СОС линиите за психо-социјална поддршка. Некои иницијативи останаа само во фаза на планирање, зашто ги прекина пандемијата. Размислувавме со Стево да ја отвориме резиденцијата во Охрид за престој на деца, кои освоиле, на пример, меѓународни награди и признанија, да се дружиме со нив, но мерките за заштита ги запреа овие планови.

*Го поддржавте претседателот Пендаровски и при неговата претходна кандидатура, станувајки првата сопруга што била вклучена така непосредно во предизборната кампања. И таа поддршка не остана незабележана, независно од исходот на тие избори. Дали беше тоа Ваша лична одлука?

-Стево постојано се обидува да нѐ заштити од несаканите влијанија поради неговиот политички ангажман, особено во одредени тешки периоди минатите години. Но, секако дека ние заедно ги поминуваме и добрите и лошите моменти и јас сакав да проговорам за него како личност, која најдобро го познава. Многумина дури и денес го гледаат (како што реков и тогаш) како строго лице од ТВ-екраните, токму поради сериозноста на темите за кои зборува, но, ние дома го знаеме како прекрасен сопруг и татко, базично чесен и исклучително толерантен. Затоа, сакав и другите да ја запознаат и таа негова страна и тоа беше исклучиво моја одлука.

*Колку може првата дама да влијае и да предизвика позитивни промени во средината околу себе? И дали тоа зависи од нејзината лична харизма или од статусот на шефот на државата?

-Секако дека статусот на претседателот има влијание, на таков начин добивате поголема видливост и во медиумите и поголема можност да направите позитивен исчекор, но од друга страна, нормално дека личниот ангажман и желбата да се направи промена верувам дека се важни, и мислам дека луѓето тоа го препознаваат.

*Колку претседателските обврски влијаеа врз секојдневниот живот на семејството Пендаровски?

-Периодот пред кризата со новиот коронавирус беше со навистина огромен број на обврски, но секојднeвно, барем во вечерните часови наоѓавме време да споделиме што ни се случувало во текот на денот. Последните неколку месеци, со карантинот и мерките за редукција на движење и собирање, не можам да се пожалам дека имаме драстични промени во начинот на живот, иако морам да кажам дека сите тројца едвај чекаме да заврши кризата и да се вратиме во нормалниот тек на животот, па дури и со прекумерниот број на обврски, бидејќи кога можете да направите барем нешто добро во текот на денот, се чувствувате поисполнето.

*Разговарате ли за сопругот за политичките околности? Дали сте вие првиот тест за претпоставената реакција на граѓаните по донесувањето на одредена одлука?

-Јас никогаш јавно не сум ги декларирала моите политични ставови, што не значи дека ги немам, и нормално дека дома дискутираме и за политичкиот живот во земјава. Сепак, одлуките ги носи, пред сѐ, во консултации со своите советници, честопати консултирајќи повеќемина други експерти од соодветната област. Не секогаш имаме исти ставови, но одлуките на оваа позиција се исклучително одговорни и стручните лица секогаш имаат приоритет.

* Изјавата на претседателот „Еден живот, една жена, една љубов“, дадена во едно интервју му ја засили позицијата во женскиот блок. Слично и со Вашата приказна за подарокот што сте го добиле од него за 10-годишнината од бракот. Што добивте за 20-годишнина?

- Искрено, јас бев пријатно изненадена од оваа изјава, затоа што и двајцата, а особено Стево е исклучително резервиран во покажување на емоции во јавноста, бидејќи сметаме дека тоа е наша приватност. Тој е човек кој навистина не е оптоварен со материјалните работи во животот и затоа секогаш неговите подароци се посветување исклучително внимание на различни начини, а особено мали детали кои нѐ потсетуваат на некои некогаш можеби мали, но нам важни моменти од заедничкиот живот, кои во спротивно би останале заборавени. 

*За вас во јавноста владее мислење дека сте „речиси совршена“. Има ли нешто што би сакале да промените кај себе?

-Никогаш себеси не сум се гледала како таква, туку напротив, јас сум свој најголем критичар. Верувам дека самокритиката е веројатно единствениот начин да се стремиме да бидеме подобри, иако (барем зборувам за себе), за жал, не секогаш успеваме во тоа. Но, важна е желбата да се помогне, да се направи што е можно повеќе за заедницата и за другите. Многу пати доволно е да посветите внимание, да го сослушате оној што има потреба од тоа, бидејќи некогаш е доволно само да споделите некој проблем и да почувствувате олеснување.

* Каква е државата Македонија од Вашите соништа? И каква е позицијата на жените во таа проекција?

- Сите сакаме да живееме во идеално општество, и за жал, и денес, во 21 век не можам да кажам дека дури и најразвиените демократии и најбогатите држави во светот се земји од соништата. Република Северна Македонија навистина има уште многу да сработи на речиси сите полиња и јас би сакала да живеам во земја каде сите, а пред сѐ младите, би имале повеќе шанси за пристоен живот. Што се однесува до позицијата на жените, навистина има простор за подобрување, посебно во одредени групи на популацијата, па дури и во одредени професии. Жените денес треба да добијат еднаков пристап прво и основно во образованието, што е основа за понатаму да бидат третирани еднакво и во приватниот и професионалниот живот. Да не се потпираме само на квоти, сметам дека жените можат и треба да бидат рамноправни пред сѐ врз база на индивидуалните достигнувања и вредности. И знам дека тоа е возможно, само треба да се поттикнуваат постојано и да им се даде еднаква шанса.


Јасна Франговска

фото: Вангел Тануровски