ЕМОТИВНА ЖИВОТНА ПРИКАЗНА НА ПСИХОТЕРАПЕВТКАТА ЈОВАНА ОГНЕНОВСКА-БАКАЛОВСКА: Ракот го победив со љубов

Добивај вести на Viber

Додека правев паузи со хемотерапиите, состојбата инфламаторен карцином, кој беше локализиран во десната дојка, аксилите и пекторалниот мускул, излезе од контрола и метастазираше на коските, вратот, раката, промени во белите дробови. Тоа беше премногу за мене да го прифатам и одлучив да занемарам сѐ и да го лекувам примарниот карцином во дојката. Знаев, длабоко во себе, дека се ќе биде во ред


Од успешна психотерапевтка, која својата кариера започна да ја гради во Бирмингем, Англија, скопјанката Јована Огненовска-Бакаловска избра својот животен пат да го продолжи со враќање дома, за да се лекува од рак на дојка. Приказната на Јована е пример дека со љубов и посветеност може да се победат и најголемите болки. По неполни две години лекување, таа е здрава и покрај прогнозите на англиските доктори дека и остануваат уште неколку години живот.

Ме претставија како чудо на медицината

„Мојот почитуван пријател и онколог др. Нино Васев со воодушевување ме презентираше на своите пациенти како „возможно чудо“ на медицината, како некој што успеал да излекува и метастази, што реално и статистички оди многу потешко и трае многу подолго. Но, јас не бев чудо. Кога ќе го совладаш механизмот на исцелување, тој станува наука, а не невозможно чудо. Јас само му го дадов на моето тело тоа што му е потребно-вистинска терапија за која верував дека ќе ме излекува: здрава храна која ќе го храни и негува, враќање на балансот на енергии во телото и многу љубов. Тоа е магичната формула за исцелување, која, горе-долу, е слична кај секој пациент.“, раскажа Јована во искреното интервју за Женски магазин. Нејзината приказна почнува од безгрижниот живот во Англија, а пред тоа за успесите во Македонија. Пред да стане психотерапевт, таа беше уметнички уредник и графички дизајнер, па потоа и секс -колумнист во женското списание „Комплетна“. На само 23 години, ја објавила првата колумна, „Секс, шопинг и мажи“ која траее десет години.

„По повеќе од 200 објавени колумни,во екот на најбурната кариера, патот ме однесе во Обединетото Кралство. Нов предизвик, возбудлива авантура, почеток од нула. Основав семејство, и со помош на мојот сопруг, полека но сигурно, сите мои соништа се остваруваа. Во 2013 година Бог не благослови со најголемата радост, раѓањето на мојата ќерка Андреа. Но, знаев дека нешто уште поголемо, чека да биде манифестирано во мојот живот. Знаев дека не е ова целата приказна“, ни раскажа Јована.

Од асистент психолог, во Оксфорд за кратко време, таа се здобила со професионална регистрација од Британското здружение на психолози, како и регистрација за професионален советник за здравје. „Менував клиники, работни места, места на живеење. Секаде учев и се збогатував, и моето последно работно место ме закити со престижната награда Окупациски терапевт на годината, доделена од Националната здравствена служба и Британската асоцијација на окупациски терапевти“, додаде таа. Во мај во 2016 година, добила признание за успешно спроведена акција за собирање пари за жени заболени од рак на дојка.

„Бев пресреќна и не ни претпоставував дека неколку месеци подоцна и јас ќе се соочам со истата дијагноза. Во септември, во 2016 година, наместо да ја подигнам престижната награда работник на годината, јас во Македонија, на Онколошката клиника ја примав првата хемотерапија“, продолжи Јована.

Она на што е особено горда е што во Англија основала училиште по Македонски јазик, во Оксфорд. Денеска, години подоцна, Јована вели дека душата и се полни со милина за се што постигнала, но сето тоа останало во минатото.

„И кога мислев дека можеби животот и нема што повеќе да ми понуди, се случи дијагнозата инфламаторен карцином на дојка. Отворив ново поглавје во животот. Овој пат, како во книгите на Паоло Куељо, животниот пат ме врати на почетокот, ми ја даде ексклузивната можност да ја докажам мојата теорија, „Љубовта лекува се“. Во ниту еден момент не се запрашав: Зошто јас? Едноставно знаев дека јас сум посебна, јас сум одбрана и јас сум таа што треба да бидам, одејќи го патот што Бог го одредил за мене“, ни раскажа нашата храбра соговорничка.

„Со вишокот на килограми го отстранив и сето она што беше вишок во моето тело: предрасуди, негативни мисли, депресија“.- Јована е на здрав начин на исхрана


Одбив да се лекувам во Англија, се вратив дома

„На 21 септември, еден ден по третиот роденден на мојата ќеркичка, бев официјално дијагностицирана. Светот како да запре во најдолгите шеесетина секунди во мојот живот. Статистиката ме поразуваше и реално ми преостануваа од две до пет години преживување со сите третмани достапни во моментот во тамошното здравство. Неверување! Страв! За триесетина минути ми беше организирано се, од аплицирање на порт за хемотерапија, до планирање на целиот протокол во следните 12 месеци. Немаше простор за „пазарење“. Тоа беше мојот пат, кој јас одбивав да го прифатам. Одбивав да му се предадам на тамошното здравство. Протоколот беше тој, но недостасуваше еден лек, најдобриот за мене, љубов“, зборува Јована за почетокот на болеста и за денот кога решила дека ќе се лекува дома, во Македонија.

Таа вели дека памети дека кога ја напуштале клиниката во Англија, го прегрнала сопругот и му ветила: „Јас, не само што ќе преживеам, туку и ќе го живеам животот од моите соништа. Кога сопругот му соопштил на семејството во Скопје дека се враќаат, тие ја поддржале нивната одлука. „Јована ќе се лекува тука, не само со, туку и со многу љубов и поддршка“, била реакцијата на најблиските.

„Требаше да одлучам: Ќе го живеам протоколот што не ми даваше повеќе од 5 години живот, или ќе ризикувам со нешто непознато, нешто што или ќе ме убиеше порано, или ќе ме излекуваше магично. Како метафизичар и симболист, знаев дека Универзумот ќе ме подржи само ако силно верувам во тоа што го посакувам. Одлучив, нема да му дозволам некому да ми го креира мојот живот, туку јас ќе го напишам најдоброто животно дело, креирајќи го сопствениот живот“, е дел од приказната за борбата на Јована. По таа одлука, започнало нејзиното лекување во Македонија. Вели дека се запознала со најдобриот онколог на светот, др. Нино Васев, чија терапија, поддршка и љубов и го спасила животот.

Мојата ќерка Андреа ми нацрта цвеќе кога бев во болница, и тогаш и ветив дека мајка и ќе биде здрава.- Јована со сопругот Коце Бакаловски и со ќерката

Во Унгарија на исцелување

„Негувана од семејството, лекувана од најдобриот онколошки тим и поддржана од најверните читатели, мојот живот, од ден во ден, се одмотуваше во највозбудливата приказна воопшто напишана. Но, повторно знаев дека нешто ми недостасува. Како да чувствував дека само терапиите нема да бидат доволно добри за да преживеам. Во јануари лани, отпатував во Унгарија, во прекрасното место Добогоко во чии пазуви е сместен Герсон Институтот за здрава храна. Божествено место во кое е сместена срцевата чакра на земјата, местото кое ми беше потребно за да го воспоставам изгубениот контакт со сопствената душа. Моето исцелување од телесната болест која полека ми го јадеше телото одвнатре, започна. Имаше надеж за мене. Се чувствував среќна и полна со самодоверба. Кога ја сменив ишраната и кога започнав да се чистам од токсини, како телесни, така и ментални, како пеперутка што минува низ процесот на метаморфоза, така и моето тело, за само неколку месеци почна да се преобликува и да ја добива формата за која бев родена. Конечно почнав да наликувам на себеси“, вели Јована и додава: „Со вишокот на килограми го отстранив и сето она што беше вишок во моето тело: предрасуди, негативни мисли, депресија, скептицизам, стрес, лутина, бес, незадоволство.“

Ослободена од сѐ она што како што вели не било нејзино, таа повторно го открила детето во себе си. Во март лани, повторно за вратила на клиниката за радиологија и онкологија и продолжила со терапиите.

Се разбудив во болничката соба и ја видов мајка ми расплакана.- Јована со мајка си

Ракот се прошири

„Осум хемотерапии, радикална мастектомија, 26 зрачни терапии. Во меѓувреме, додека правев паузи со хемотерапиите, од ноември 2016 до февруари во 2017 година, состојбата инфламаторен карцином, кој беше локализиран во десната дојка, аксилите и пекторалниот мускул, излезе од контрола и метастазираше на коските, вратот, раката, промени во белите дробови. Тоа беше премногу за мене да го прифатам и одлучив да занемарам се и да го лекувам примарниот карцином во дојката. Знаев, длабоко во себе, дека се ќе биде во ред, само од мене се бара да ја научам својата лекција. Секоја недела одев на онколошката клиника, примав терапии, инфузии збогатени со витамин Ц, терапии за коските и хормонални терапии“. Во меѓувреме, семејството на Јована, особено брат и ѝ сопругот, и ги носеле сите алтернативни лекови на кои ќе наишле.

„За ништо не се противев. Пиев се во што верував дека ќе ми помогне, а ми помагаше се и ме лекуваше се. Колку телото ми беше поисцрпено од терапиите, толку поупорна бев во лекувањето. Секое утро станував во 5 часот и пиев десетина разно- разни тинктури и чаеви кои внимателно ги дозирав и ги распределував во текот на денот. Заедно со мојата мајка, баба Јаготче, му бевме 100% посветени на моето лекување. Пиев 13 свежо цедени сокови секој ден, свежи салати, посни варива, специјално подготвени чаеви, разни капки и облоги, масти, есенцијални масла, повеќе од шеесетина различни суплементи, клистирање со органско кафе и до пет пати дневно. Во првите шест месеци од лекувањето, поголем дел од денот бев во полубудна состојба, се сеќавам дека бев будна кога одев на третманите во хибербаричка комора, кога вежбав јога и кик бокс, кога медитирав и кога се молев. Дури и сопственото дете цели 12 месеци не спиеше со мене. Одлучив, во следните две години ќе се посветам на себеси, а моето семејство се сложи со таа жртва. Љубовта на мојата ќеркичка ме лекуваше повеќе од се на светот.“, продолжи Јована.

Пред секое примање терапија, таа се подготвувала пишувајќи ливчиња со позитивни афирмации кои ги лепела на шишињата со терапија и насекаде во домот. Јована со нетрпение го очекувала пет- скенот, смешкајќи се во себе си. Вели дека знаела сите метастази се исчезнати и дека карциномот е локализиран само во градата. Семејството и верувало, но длабоко во себе се сомневале дека нештата толку брзо ќе одат на подобро.


„Докторот ми велеше: Јована ти знаеш што му е потребно на твоето тело да се излекува. Препушти ми го мене медикаментозниот дел од лекувањето, а ти прави го она што најдобро го знаеш - сакај се и прифати се себеси. Ти си здрава и ќе видиш што ќе се случи на пет скенот“. Навистина беше во право, препораката од пет- скенот беше дека болеста се повлекува и дека почнува да се локализира во градата. Конечно бев подготвена за долгоочекуваната операција. “

Првата операција и повторно враќање на болеста

Првата операција, во август лани била успешна. Хирургот Андрија Арсовски, утрото на Илинден, на Јована и соопштил дека се што е малигно од нејзината дојка е отстрането. Анализите од крвната слика покажале чисти тумур маркери, а Јована била пресреќна и започнала со зрачна терапија.

„Во меѓувреме, со помош на мојата пријателка Биљана Костадинова, која ја запознав во ординацијата на Др. Васев, жена која го минуваше истиот пат како и јас, ја формирав групата „Љубов“. Во почетокот, групата бевме само јас и Биле. Се советувавме каде ќе најдевме, по паркови, во мојата дневна соба, по игротеки, кафулиња. Подоцна, раководниот тим од приватната клиника „Ремедика“ ни ги отстапи просториите“, се сеќава Јована.

Јована со ќерката

Но, иако нештата се одвивале одлично за време на зрачењата, во декември лани, кај Јована се појавило мало топче на веќе постоечкиот рез од операцијата. За неколку дена, се појавило и второто топче, а прегледот на ехо покажал дека нешто невообичаено се случува во ткивото.

„Иако постоеше мал ризик за рецидив, јас се согласив на повторна операција. За среќа и навремено реагирање, операцијата беше успешна, но хистопатолошкиот наод покажа локален рецидив. Тумор маркерите беа двојно покачени. Болеста се вратила“, продолжи Јована за својата агонија.

„Паметам, на 7 декември кога во попладневните часови се разбудив во болничката соба, и кога го здогледав расплаканото лице на мајка ми и радосната насмевка на ќерка ми, нешто во мене трајно се смени. Мојата соба ја красеше прекрасно цвеќе. Ќерка ми срипа од столчето и весело почна да потскокнува: „Мама, мама, ти го купив најубавото цвеќе и ти нацртав љубов“- покажувајќи ми лист хартија на која имаше нацртано срце и со големи букви напишано: Те сакам, мама. Го допрев она место во душата што ми беше потребно да се исцелам. Го најдов најголемиот извор на љубовта и знаев дека овој пат завршив со болеста - засекогаш. Паметам ги гушнав и двете и ѝ ветив на ќерка ми: „Ова е последен пат. Мама е здрава“, раскажа таа за својата силна верба.

Во третманите, Јована понатаму вовела и информотерапија. „Тоа е интензивно лекување со Реики и Прана и голема благодарност до мојата пријателка Мастер Елена Антоновска Едизер за бесплатните третмани со енергија која ми го лекуваше телото одвнатре“, вели Јована. Од ден во ден нештата се менувале, и таа повеќе не мислела на болеста. Тумор маркерите со секоја наредна контрола се подобрувале, а Јована упорно работела на себе: медитации, јога, молитви и редовни состаноци со пријателките од групата која ја основала. За само неколку месеци, нејзиното мало царство, групата „Љубов“ која поддржува пациенти болни од карцином брои повеќе од 200 членови. На Јована и се најубави дружбите со членовите на групата, заедничките кафиња разговори, вечерите заедно поминати во Македонската опера и балет.

Јована со дел од групата која ја основа за поддршка на заболените од рак, „Се викам љубов“

Се случи чудо-излекувана сум

„Со години наназад чекав да дојде моментот на најголемото чудо, и тоа и се случи. На седми март оваа година, пет-скенот покажа дека нема траги на малигна болест во моето тело. Сега се повеќе и повеќе работам на манифестирање на мојот најголем сон: „Никој да не умира од карцином и секој што го оди мојот пат да биде исцелуван со силата на својата љубов“, раскажа Јована.

Јована со својот брат Александар Огненовски, кој за време на лекувањето во знак на поддршка и подарил пехар

Нејзиното лекување сега продолжува со терапии за коските и хормонални терапии. Во завршна фаза е нејзината автобиографска книга во која ќе зборува за нејзиното исцелување. „Во меѓувреме, одлучивме да останеме и да живееме во нашата татковина, бидејќи и таа има потреба од мене, како и ние од неа. Со Божја помош, со мојот сопруг го купуваме најубавиот стан во градот, во пазувите на Водно, мала оаза на мир во која ќе уживаме и ќе се љубиме со нашето мало семејство. Во Англија, Шпанија или во Македонија - домот е онаму каде што ти е срцето.“.

За крај, Јована открива дека болеста ја сменила многу и ја направила подобра личност.

„Се е повпечатливо, цвеќињата мирисаат поубаво, вкусот на храната е посладок, сонцето ме милува понежно. Се ми е возбудливо и пријатно. Среќна сум и радосна со секоја измината секунда“, завршува таа. На сите кои минуваат низ истиот пат како нејзиниот, Јована им порачува дека животот е убав, а болестите не постојат, постојат само одредени искуства на дадена болест.

За Женски магазин, Милица Џаровска